Мојата кандидатура

28.12.2013 12:39
Мојата кандидатура

Вчера ми дојде една депутација од народот. Ја примив многу љубезно.

Депутацијата ми рече: дошла да ме повика да ја прифатам кандидатурата за народен пратеник. По тој повод помеѓу мене и депутацијата се разви ваков разговор.

Депутацијата: Народот би сакал да ве види како свој претставник на пратеничката клупа...

Јас: Ве молам, ќе ве прекинам. Би сакал да ви обрнам внимание на таа ситна околност дека и јас би сакал да се видам на пратеничката клупа. Ве молам, обрнете внимание, на таа чудна случајност, дека веќе во една од најважните народни идеи - јас и народот се согласуваме.

Депутацијата: Народот би сакал на пратеничката клупа да го види оној кој ќе сака искрено да го брани и вистински да се залага за неговите интереси, и да се посвети, сосема и во текот на целиот живот, на одбраната на народните интереси.

Јас: Што се однесува до тоа, од моја страна, се согласувам да го правам тоа цел живот. Зошто да не, кога и тоа е една професија како и секоја друга. Ете, на пример, попот се посветува на тоа целиот живот да му служи на бога; или офицерот, на пример, ја облекува формата за да служи на одбраната на татковината цел живот; значи, зошто јас не би се посветил на тоа да го бранам и застапувам народот цел живот? И, што е најважно, јас не би бил првиот во Србија на кого му станало професија цел живот да го брани народот.

Депутацијата: Народот ќе ве награди со својата доверба и...

Јас: Дозволете ми да ве прекинам. Што се однесува до наградата, јас би сакал и тука да му олеснам на народот, колку што е можно. Затоа, што се однесува до наградата, ќе се спогодам со државата.

Депутацијата: Тука не мислиме на дневницата.

Јас: Ете, гледате, тука исто така се согласуваме. И јас не мислам на дневницата. Дневницата - тоа е една сосема посебна работа, која ми следува како пратеник, без разлика дали го застапувам народот или не. Вам, господа, ви се познати случаите кога и опозиционите пратеници примаат дневници. Значи, не станува збор за дневница, туку за награда за мојот труд, која државата ќе мора да ми ја даде, со оглед на желбите и потребите и народот.

Депутацијата: Не ве разбираме.

Јас: Би ми било многу жал ако уште на првиот чекор не се разбирам со моите гласачи. Подоцна, кога веќе ќе го имам мандатот во раце, тоа не би било никакво чудо. Не би бил првиот пратеник кој не ги разбира своите гласачи, ниту вие би биле првите гласачи кои не го разбираат својот пратеник. Но сега, сеге е уште повеќе потребно да се разбереме. Значи, свечено ви давам збор, и ве овластувам да ги известите за тоа и сите останати гласачи, дека секогаш, барајќи за себе награда од државата, ќе водам сметка за потребите на крајот кој го застапувам. Ако моите желби, да речеме, се сведат на тоа да добијам право на сечење шума, јас ќе ја барам во вашиот крај. Зошто би ја соголил и опустошил шумата во другите краишта од татковината каде што не ме избрале?

Депутацијата: (развеселена и радосно возбудена, ѝ капнува една крупна солза од окото. Ја крева раката и ја брише солзата со рака.)

Јас: Ве молам, немојте да ја бришете солзата. Токму од неа сум пријатно возбуден и би сакал само да знам дали смеам да ја сметам за народна солза, т.е. дали вие плачете само во свое име или плачете во име на сите мои гласачи?

Депутацијата: Во името на сите ваши гласачи. Знаете, ние во оваа политичка борба, веќе се навикнавме да плачеме во име на сите гласачи.

Јас: Е, тоа е веќе друга работа. Тогаш повелете избришете ја во име на сите гласачи. Но, како што мене ми е познат тој народен обичај, би ве замолил да ми објасните: кога вие плачете во име на сите гласачи, при кандидатурата и изборот на пратеник, или потоа?

Депутацијата: Обично потоа.

Јас: Е па тогаш, останете на тој народен обичај. Јас сум голем поддржувач на задржувањето на народните обичани. Зачувајте ја таа народна солза за потоа, кога веќе ќе бидам во Собранието. А сега, ако имате уште некаква желба, би ве замолил да ми ја кажете.

Депутацијата: Па, би сакале да ни ја кажете вашата програма.

Јас: Програма?... Можам да ви кажам дека со тоа барање воопшто не ме изненадивте. Иако сум противник на програмите, сепак очекував дека ќе ја побарате од мене. Ќе ви кажам искрено дека воопшто не подготвив никаква програма. Зошто би се мачел да подготвувам програма, кога веќе ги има готови и изработени. Во нашата триесетгодишна политичка борба, ако не е постигнато ништо друго, барем тоа е сосема извесно: пратеничките програми се сосема подготвени. И, што е најважно, без оглед на партиите, сите тие програми се извонредно изработени. Која и да е програма можам да ја изберам за своја, но ќе ви кажам нешто искрено. Тие програми, кои кандидатите ги развиваат пред гласачите непосредно пред изборите, ми личат на она што стројничката ѝ го зборува и на едната и на другата страна малку пред запросувањето.

Депутацијата: Но народот веќе се навикна на тоа.

Јас: Ве молам, веќе ви кажав дека сум голем почитувач на народните обичаи. Кога тоа веќе станало обичај, јас ќе го почитувам. Нашите народни обичаи се наша одлика, и треба да ги одржуваме. Не знаете колку ме потресува, на пример, оној народен обичај, кога на Бадник домаќинот ќе земе слама во рацете и потоа вика: ко, ко, ко, ко, а децата по него, држејќи се како слепци едно за друго викаат: пи, пи, пи, пи... Ете, така би сакал, по примерот на тој обичај, народот да се фати за мене, како што слепците се фаќаат еден за друг, и само да викаат: пи, пи, пи, пи, пи... и, се разбира, секое такво пиле да снесе по едно топче, а јас напред со слама во рацете, ќе влезам во Народното собрание.

Депутацијата: Ама...?

Јас: Да, знам што сакате да кажете, не со слама, туку со програма во раце, ќе влезам во Народното собрание.

Среде големата возбуда и патос, заборавив да ја заменам сламата со програма. Добро, значи, ќе ви подготвам програма и ќе дојдам да ја објаснам меѓу народот.

Депутацијата: (весело и возбудено:) Ура!

Јас: Да ве замолам уште нешто. Извинете што сега на крајот ќе ви поставам едно прашање што требаше да ви го поставам уште на почетокот.

Депутацијата: Повелете.

Јас: Во чие име доаѓате да ме кандидирате за пратеник?

Депутацијата: Па во името на народот.

Јас: Е па, тогаш ми е жал, не можам да ја прифатам кандидатурата.

Депутацијата: Зошто?

Јас: Затоа што нема да бидам избран.

Депутацијата: Не ве разбираме.

Јас: Затоа што не ме кандидираше никаков главен одбор. Бидејќи, вие добро знаете дека слободата на народниот избор не се состои во тоа тој самиот да ги избере кандидатите, туку слободно да гласа за оној за кого одозгора ќе му каже главниот одбор. Бидејќи сега изборите се слободни, народот нема право да бара и самиот да си најде кандидати. Инаку, каква слобода би била тоа? Одете и договорете се со главниот одбор, а дотогаш јас ќе ја подготвам програмата!...

(1906)

Извор: 6yka.com

ОкоБоли главаВицФото