Калето треба да биде четвртата страна на плоштадот!

11.01.2014 08:54
Калето треба да биде четвртата страна на плоштадот!

Одлуката на Општина Центар за зачувување на автентичноста на објектите во Малиот ринг е несмасна и непрофесионално изготвена, оценува урбанистот Љубе Пота, 88-годишен роден скопјанец. Тој вели дека, наместо заштитување на „локации каде што во минатото постоеле објекти кои ја дефинирале силуетата на градскиот плоштад", подобро е фасцинантната тврдина како наша историска, археолошка и културолошка скапоценост да биде четвртата страна („силуета", како што велат составувачите на одлуката) на плоштадот. Според Пота, плоштадот треба да се отвори и развие по должина паралелно со Вардар наместо да се затвора и стеснува со објекти „со фасадни лушпи во истиот стил како на објектите што постоеле тука до земјотресот". При така развиен плоштад, монументалниот Камен мост ќе дојде до полн израз.

„Средениот кеј од мостот до хотелот ’Холидеј ин‘ преполн со граѓани во секое време е најсилен аргумент за ова што го предлагам. Градот е жив организам во постојана пулсација. Планерите и тие што одлучуваат треба да го знаат ова и да го почитуваат наместо да наметнуваат само свои сопствени знаења, идеи и визии", вели Пота.

Тој, како стар скопјанец и сведок на едно време, вели дека и покрај неговата монументалност, архитектурата на Офицерскиот дом никогаш не била високо вреднувана и е неразбирливо зошто се прави култно место од него. Пота се согласува со Мирослав Грчев, еден од авторите на ДУП за Мал ринг, дека Офицерскиот дом со нова намена е цивилизациски фалсификат, но потсетува дека Грчев заборавил оти во ДУП е планиран објект со иста форма, дури и со заоблен дел кон плоштадот и кула како што ја имаше Домот. За Народна банка вели дека неспорно имала архитектонски квалитети, но не и Народниот театар, кој е навистина „длабоко врежан во свеста на скопјани", но поради неговиот богат и разновиден репертоар, режија и артисти со висок дострел и цивилизациско однесување на гледачите. „Во театарот се влегуваше како во храм", се присетува Пота.

***

Професор архитект Живко Поповски со неговиот проект, ослободен од кич и прозаични ефекти на еден сиплифициран и ефикасен начин на скопјани им создаде пријатен простор за релаксација во центарот на градот. Со кејот „13 Ноември° на скопјани им го врати некогашното корзо што овде постоеше пред петнаесетина години. Фактот дека овој простор веднаш по завршувањето на работите, дење и квечерина е исполнет со луѓе од сите возрасти, е најубедливото мерило за вредност на проектот. Директно надоврзан на Градскиот трговски центар, претставува негово просторно проширување, со што е постигнато заемно збогатување на нивните функции. Веројатно, со време постојните локали ќе имаат намена која соодветстува на шеталиштето. Впрочем, овој процес веќе почна. За очекување е атрактивноста да биде збогатена со фонтани, скулптури и можеби повеќе жардињери. Единствената мала чешма со сериски облик не прилега овде. Зачудува дека се задржани (засега) сувите, оболени и дегенерирани дрвја од разни видови, наместо да бидат заменети со нови и соодветни на овој простор. За жал, релаксацијата која овој простор штедро ја дава ја нарушуваат мотори што овде непречено крстосуваат. Сепак, тука како да се „дише слободно“, а широките визури кон поблискиот и подалечниот градски пејзаж ги обновуваат драгите сеќавања на скопјани, создавајќи теми за размислување и за разговори. Во овој контекст, неизбежен е погледот на Камениот мост, чија некогашна слика со драгите спомени е врежана во сеќавањата на скопјани. Денес делумно разурнат, раскопан и осамен, без минувачи по него. Неговата предолга реконструкција кулминирала во негова агонија за која никој од инволвираните не може да каже кога и како ќе заврши. Резултат на неодмерени големи амбиции и ограничени средства. До него грдо перде од тополи (тополи во центар на метропола) и некои други дегенерирани дрвја ја затскриваат тврдината, оневозможувајќи со нејзината импозантност да го дооформи и збогати овој простор, создавајќи средба на милениумската историја на Скопје со современите градителски остварувања. За ова барем не требаат големи средства, но разбирање да. Да се вратам на шеталиштето. Делото на професорот Поповски е убедлив аргумент, проверен во практика дека плоштадот „Македонија° треба да се планира, развива со неговата подлога, оска, паралелно со Вардар, овозможувајќи на овој начин широки и слободни визури кон градскиот и вонградскиот пејзаж, наместо да се стеснува плоштадот и да „бега“ од реката со планирањето на затворен, средновековен плоштад, како што беше случајот со досегашните планови. Можеби Скопје ќе има среќа ова да се оствари.

Извор: Утрински весник, 2001 година

Слични содржини

Скопје 1963-2013

ОкоБоли главаВицФото