Планот и планирањата на распаќе

20.02.2014 09:25
Планот и планирањата на распаќе

Ако егзистенцијата е природен феномен кој буквално значи опстојување во универзалниот ред, тогаш човековата егзистенција веќе како културолошка дејствителност и свесен волев чин - означува опстојување во друг и поинаков ред и поредок во чиј темел се вградени План и Планирање, Градење, и Ѕидање на најспецифичните феномени врз кои се создава нешто кое е надвор од биолошкиот и физиолошкиот циклус, имено се создава единствениот антрополошки феномен - цивилизација. Цивилизацијата на „неприроден“ и „натприроден“ начин ја прекинува цикличната рамнотежа принудувајки го сознанието за Светот да се управува по правата линија на историјата во чија суштина доминира поимот кој благонаклоно се наречува - Прогрес или „Чекорење напред“. Но, секоја човекова теза се обликува низ антитеза: „Прогрес и Регрес“; во која смисла „чекорење напред“, а не „чекорење назад“?!

Едно е сепак неоспорно - во модерната историја на цивилизацијата, нема веќе чекорење, туку Полетување и Нуклеарно Планетарно Лансирање: Homo Sapiens е лансиран во интерпланетарниот простор за да гради нови градби надвор од матичната планета во која сѐ уште се почитуваат градителските остатоци на старите култури со задача да се сочуваат според традицијата на заштитување музејски експонати врз кои се базира историската меморија.

Историска кулминација на тој антрополошки феномен - Прогрес е модерната машинска експлозија на сите цивилизациски рамништа трасирани од една и единствена незадржлива интерпланетарна технократија. Се усвојува и се преобликува видливиот и невидлив свет. Човек ја презема улогата на Големиот Градител нарушувајќи ја природната рамнотежа. Самата цивилизација веќе е далеку од невиното значење на хуманоста; сепак сѐ уште дури и најмногу сега, цивилизацијата се заснова на она што ѝ е суштествено од самите почетоци, - се заснова на сложениот феномен - Градот. Градот сосема реално се вклопува во митската слика на чудовишната градба - Вавилонска Кула со сите Содоми и Гомори; Градот брзо и незадржливо станува црна алхемиска сублимација на Човековото деструирање, градовите пермутираат во отровни испаренија нишајќи се врз огромната реторта од подземни нуклеарни, информатички, кибернетички централи, лавиринти на незамисливи чуда на човечкиот ум и безумие; матичната планета е сосема издупчена Долу и Горе, а центри и централи на таквите „црни дупки“ се токму градовите на современата цивилизација. Ние сме сведоци на овој „Прогрес“, - повеќе или помалку упатени, повеќе или помалку невини, повеќе или помалку застрашени; сепак, најмногу - заслепени, или, со „глава во песок“, ако уште го има во исконска смисла.

Токму поради оваа чудесна експлозивна цивилизација на крајот на вториот милениум од новата ера, се наметнува - и лаичкиот и стручниот и научниот парадокс: факт е дека човековата култура станува ахумана според старото оптимистичко значење на хуманоста, факт е дека нема веќе сопирање, „правата линија“ се губи во страшна машинска историја која не може да ја предвиди и најсмелата футурологија. Истовремено - факт е дека луѓето со „застарена“ витешка етика се обидуваат да апелираат на технократската свест - да прикочи, да застане и да се сопре неприродниот натпревар за тотална власт и моќ: благородните луѓе се обидуваат дури да ѝ се вратат на старата невиност, се борат за - за жал еднаш за секогаш изгубената, „природна средина“! Светот од една страна се вивнува во однапред испланирано машинско небо, од друга страна пак, се престројува витешкиот Ред на Дон Кихот и вообразува дека ќе се избори за... но, за што?! He за Правда и Вистина, зашто секоја ера има своја Правда и свој План на право... всушност мотото на витешкиот Ред - Екологија се обидува да се избори за Чистота, еден сосема нов вид чистота, атехнолошка; но модерната технологија не создава ветерни мелници туку нуклеарна Мелница во која се меле старата свест за филантропската задача на цивилизацијата. Модерната цивилизациска урбанологија планира интеркосмички градби на Светска Власт.

Веројатно е беспредметно, иако трогателно нашето носталгично настојување на пасторалноста, идиличноста, питорескноста, егзотичноста, на староградската аура, и слично... Сето ова веројатно неповратно се губи, ако веќе не е изгубено во Големиот Градителски План. Полека малаксуваат ситните урбани планирања, губи здив и позитивистикиот урбанизам, се губи контролата на градителите, всушност сѐ повеќе се наметнува една друга, можеби сѐ уште невидлива, Универзална Контрола на светските Моќници. Сепак, ова не е сосема нова стварност. Никој од нас не е невин: сите ние, жители и градители на оваа планета, сите сме учесници во современата страшна, но и чудесна цивилизација.

Мора ли да ја прифатиме нашата Земја и нашата сфера како смислен веќе и брзо остваруван Голем План во кој учествуваат преполните градови кои презаситено произведуваат хемиски и алхемиски отрови, нерастворливи пластики, вечно растворливи погубни нуклеарни отпадоци, нова неизбежна материја која ја нагризува природната или божјата рамнотежа на сите рамништа: на тло, вода и небо, сѐ до заштитниот озонски покрив? Ако гледаме трезвено, мора да се соочиме со оваа егзистенцијална фаза, која во суштина, се чини ќе биде и последна. Ќе се вклучиме ли во модерниот План на моделирање на Планетата со најблагородна волја да сочуваме нешто од старите вредности; барем Денес, ако е веќе неможно Утре.

Навистина, овде има сведоци и на поинакво историско време во кое не беше скината врската со вековите кои поспоро чекореа кон Прогресот.

Токму ние, нашата генерација, може да биде почестена, зашто посведочува еден чуден прекин во човековата еволуција, всушност, стрмоглав скок, до скоро незамислива, технолошка револуција.

Нашата генерација, особено нашата стручна генерација, не само што сведочи за овој револуционерен век и за овој револуционерен скок, особено во Скопје, професионална генерација која активно учествува во овој чудесен скок во Модерното време. Лесно е да се медитира, да се контемплира, да се опсервира, но тешко е и мачно во секоја смисла, а можеби најмногу во етичка смисла, да се учествува во Градењето и Ѕидањето град; да учествува и гради под цевкупниот товар што го наметнува историјата со своите политики, идеологии, економики, бирократии и технократии; оваа професионална генерација „имаше чест“ и вина да го заѕидува „природниот“ простор, да ги урива кревките остатоци на поранешното живеење, да се ѕидаат брзо згради пренатрупани со жители, да се одзема од „пасторалниот пејсаж“, и слично и слично...

Но, старите мудреци велат - секој човек, и најблагородниот и највештиот, штом дејствува, станува виновен; човекот Градител го урива природниот просторен интегритет, но принуден од безброј туѓи условености, го урива и сопствениот етички интегритет. Сепак, зарем има Човек, пред сѐ човек Градител и Творец кој нема да ја преземе опасноста да дејствува насочено и страсно и покрај свеста дека може да падне во грешка?! Истовремено, зарем може Градителот да го одбегне вклучувањето во Планот што му го наметнува конкретното време, понекогаш и против својата свест?!

My преостанува ли на Новиот Градител, потомок на големиот Мајстор Дедал, друго нешто освен да се сообрази и да биде вклопен во Планот на модерната цивилизација која сите пророци ја прорекнуваат како есхатолошка, да се вклучи во Градењето еден екуменски Лавиринт во кој е неминовно ставена на искушение човековата егзистенција и свест, Лавиринт со кој владеат светски, планетарни Корпорации во име на единствениот реален Бог - Капиталот.

На кој начин, ние учесниците во планирањата и градењата, би учествувале во Големиот План на семоќниот Капитап?! Како да го искористиме мигот за да го обликуваме нашиот Град, или нашите градови, според современата цивилизација или според сопствените мерила и потреби?!

Без носталгија и трезвено треба да ја прифатиме новата содржина на хуманоста и да се вклучиме во Стварноста таква каква што е. Сепак, иако е застрашувачки универзалниот градителски План, да се обидеме во нашите интимни микро-планирања да бидеме повеќе конструктивни одошто деструктивни. За оваа кауза треба да се грижи Нашата Школа која мора да се сообрази со модерната естетика и нова функционалност, зашто судбина на секоја генерација Градители е - да биде модерна; особено во оваа ултрамодерна епоха. Имено, постмодерната е напор за носталгична контемплација, всушност во секој следен миг се изградува сѐ поизострена и технолошки посовршена Модерна.

На крајот, ако се вратиме на нашето кризно и критично секојдневие ќе потврдиме којзнае по кој пат во последно време дека нашите урбанистички планирања и планови, често создавани со многу добра волја и мисла, бараат студиозно преиспитување според изминатото историско време, но сепак не радикално, зашто никогаш не се почнува од ништо дури и во најсмелите футуристички имагинации.

Извор: А, списание за култура на просторот, 4/1994.