Споменик на хомосексуалните жртви на нацизмот во Тел Авив

11.01.2014 12:45
Споменик на хомосексуалните жртви на нацизмот во Тел Авив

Во присуство на градоначалникот на Тел Авив и германскиот амбасадор на Израел, во центарот на овој израелски град во петок беше подигнат споменик на хомосексуалните жртви на нацизмот.

Споменикот кој има натписи на хебрејски, германски и англиски јазик се состои од блокови кои формираат розов триаголник, сличен на триаголникот кој хомосексуалците биле принудени да го носат на облеката во нацистичките кампови.

Споменикот е поставен во градскиот парк „Ган Меир“, во кој се наоѓал главниот центар за собирање на хомосексуалците, лезбејките и транссексуалците во Тел Авив, кој се смета за една од главните „геј-престолнини“ во светот.

„Освен истребувањето на европските Евреи, нацистите извршиле бројни ужаси во своите напори да ги уништат сите кои се поинакви. Овој споменик нè потсетува колку е важно да се почитуваат сите човечки суштества“, изјави градоначалникот на Тел Авив Рон Хулдаи.

Според некои проценки, 15.000 хомосексуалци биле убиени во нацистичките кампови, а Гестапо имал регистар со имињата на 100.000 хомосексуалци.

„Важно е да подигнуваме споменици и да ги именуваме улиците за да запамтиме што се случувало во минатото. Но, тоа пред сè треба да биде потсетник и предупредување за иднината“, рече Андреас Михаелис, германскиот амбасадор во Израел.

Извор: BBC