Скопјанецот кој ја исклучи струјата и го спаси Скопје од пожари

15.02.2014 12:59
Скопјанецот кој ја исклучи струјата и го спаси Скопје од пожари

Велин Јорданов со колегата Максим Стојановиќ

Пет минути по земјотресот целиот град останал без струја, а поради старата инсталација се опожариле само Учителската школа и Педагошката академија.

За повеќето скопјани Велин Јорданов е непознат и не чуле дека тој е човекот што во мугрите на 26 јули ги исклучил главните прекинувачи за струја и го спасил Скопје од пожари. Утрото пред 40 години, кога градот бил погоден од катастрофалниот земјотрес, 25-годишниот Велин бил дежурен во „Електропренос“, тогаш единствената трафостаница од која Скопје се снабдувало со струја. Благодарение на присебноста на Јорданов, градот бил спасен од пожари, во кои поради веќе создадениот хаос од земјотресот можеле да настрадаат многу граѓани.

„Ноќта спроти 26 јули бев на работа со сега покојниот колега Максим Стојановиќ. Во 5 часот, при крајот на дежурството, вообичаено ја евидентиравме состојбата на броилата. Одеднаш нешто силно ме затресе и ме помести од столот. Се тресеше и целата контролна табла. Бидејќи во близина се градеше нова трафостаница, помислив дека булдожерот ги закачил далеководите. Но, при вториот удар сфатив дека станува збор за силен земјотрес. Распукаа ѕидовите на зградата и тогаш како молња ми пролета мислата дека веднаш треба да ги исклучиме прекинувачите што го снабдуваа градот со струја. Но, техниката откажа и ниту еден далекувод не беше исклучен, па секој прекинувач го исклучувавме еден по еден рачно“, вели Јорданов.

Тој раскажува дека пет минути по земјотресот целиот град останал без струја. Благодарение на брзата реакција на Велин и Максим, во градот не избиле пожари. Поради старата инсталација се опожариле само Учителската школа и Педагошката академија.

Од силниот потрес се дупнал и вентилот на трансформаторот, во кој имало 45 тони масло. На Максим и на Велин им се отворила дополнителна работа. Со крајни напори успеале да ја затворат дупката и да спасат околу 30 тони масло.

Велин си споменува дека веднаш му се јавиле од Косово за да прашаат зошто градот не прима струја. Тогаш Велин им рекол дека Скопје е погодено од катастрофален земјотрес и никако да не праќаат струја за градот. По неколку часа во трафостаницата пристигнале три камиони со помош од Баина Башта. Тој ден Велин на работното место останал до 18 часот. Дента трафостаницата добила напон од централата во Зрновце. Само 12 часа по земјотресот во главниот град повторно имало струја.

„И по 40 години од земјотресот ме лазат трпки кога ќе се присетам на тој ден. Не знам дали тогаш со Максим бевме храбри, но и немаше време за страв. Требаше веднаш да се дејствува. Сепак, мачнината во стомакот ми поминува веднаш кога ќе помислам дека со Максим ги спасивме градот и луѓето од пожари. Тогаш ми е мило околу срцето“, вели Велин.

За своето хумано дело Велин и Максим во 1963 година од белградскиот весник „Вечерње новости“ ја добиле наградата „Подвиг на годината“. Годинава тој е добитник на плакета за посебен ангажман што ја доделува Градот. Иако 65-годишниот Велин веќе четири години е пензионер, тој е многу почитуван од своите колеги, но и од помладите во „Електропренос“. Кога бевме во посета на неговото поранешно работно место, сите сакаа да застанат, да се поздрават и да си поприкажат со чичко Велин. Тој со сопругата, синот, снаата и внучката живее во семејна куќа во населбата Бутел 1.

Извор: Дневник, Број 2211, сабота, 26 јули 2003

ОкоБоли главаВицФото