Македонското прашање од 1944 до денес (7)

18.02.2014 10:05
Македонското прашање од 1944 до денес (7)

„Таква е вистината“: полемиките во 80-тите години на 20 век

 

Во 1979 г. се појавил третиот том од сеќавањата на Цола Драгојчева, висок функционер на БКП, шеф на „Комитетот за бугарско-советско пријателство“ ‒ институција рамна на министерство.307 Извадок од овој том бил објавен веднаш во форма на книга308, и тоа не било случајно: се работи за дел посветен на односите меѓу БКП и КПЈ во текот на Втората светска војна. Бугарската раководителка дискутира особено за скандалот околу Методија Шаторов-Шарло, водач на комунистичката организација во Вардарска Македонија, притоа обвинувајќи ги југословенските раководители за „национализам“ со „големосрпски“ тенденции. Личноста која е најмногу на мета на критиките на Драгојчева е пратеникот на Тито во Вардарска Македонија, Светозар Вукмановиќ - Темпо, кој веќе ги имал објавено неговите сеќавања од војната.309 Претендирајќи дека БКП била принудена да прави одредени „отстапки“ под силен притисок од југословенска страна, жестокиот напад од Драгојчева имал цел не само да ги обвини раководителите од Белград и од Скопје, туку, исто така, и да ја спаси БКП од обинувањата за „национализам“, од другата страна. Нејзината публикација, исто така, сугерира историско потсетување на развојот на целокупното Македонско прашање уште од Берлинскиот конгрес (1878 г.), реафирмирајќи го бугарскиот идентитет на македонското словенско население.

Македонскиот дневен весник Нова Македонија, како и други југословенски медиуми го возвратиле нападот на „големобугарските нацоналистички аспирации“ на Драгојчева, додека во Бугарија, високата раководителка само ја поттикнала расправата во еден разговор објавен во печатот. Тој дури бил преведен на странски јазици и заедно со преводот на извадокот од сеќавањата на Драгојчева, бил пуштен во употреба.310 Југословенскиот одговор не доцнел: во мај и јуни 1980 г., белградскиот дневен весник Политика објавувал текстови од Темпо, под наслов Борбата за Балканот. Како последица, целиот трет том од сеќавањата на Драгојчева бил преиздаден од страна на Историскиот институт при БКП и тоа во исклучително висок тираж. Мемоарската војна меѓу ривалските раководители во 1981 г. ги надминала сите стандарди на бонтон: по издавањето на низа статии од Темпо311, во форма на книга, полемичното дело на Драгојчева се појавило повторно, под звучниот наслов Таква е вистината (sic !); со тираж од 50 115 примероци.312 Истовремено, целиот југословенски и бугарски печат бил растресен: македонските раководители и поранешни партизани, Михајло Апостолски и Лазар Колишевски, се вклучиле во контроверзијата, а Ванчо Апостолски, повикувајќи се на личноста на Драгојчева, создал цела една монографија, напаѓајќи го „современиот големобугарски национализам“.313

Расправиите привремено се смириле околу еден судбоносен настан, полн со последици од кои веќе се плашеле. На 4 мај 1980 г. умрел Јосип Броз Тито: поранешниот водач на едно од најсилните антинацистички движења на отпорот во Европа, храбриот противник на империјализмот на Сталин, водачот на земјите кои бараат трет пат меѓу социјализмот од советски тип и целосната зависност од Западот, раководителот на „најдемократската“ и „најзападната“ држава на Истокот. Тодор Живков присуствувал на неговиот погреб во Белград, притоа користејќи ја приликата за да води разговор без некој посебен резултат со Лазар Колишевски, тогаш претседател на југословенската федерација.314 Смртта на Тито го означувала „почетокот на крајот“ на Југославија: национализмот на разните републики зел нов замав, додека албанскиот сепаратизам на Косово-Метохија/Kosova и во Македонија само се зголемувал.

Во истиот период, „големобугарскиот национализам“ промовиран од Софија, добил димензии кои ги надминуваат дури и „буржоаските“ резултати од меѓувоениот период. Во 1981 г. била организирана, без сомнение, најголемата прослава која се одржала во историјата на современа Бугарија: 1300 години од бугарската држава, која многу потсетува на моделот од 2050-годишнината од дакиската држава славена во 1980 г. во Романија на Чаушеску. По тој повод, раководството на БКП започнало низа иницијативи кои го поместувале акцентот на официјалниот национализам врз „величината“ на првата бугарска држава. Бројните конструкции на споменици се фокусирале во центрите на оваа држава во североисточна Бугарија. Сепак, и Македонија не била заборавена: во текот на еден состанок на окружниот комитет во Благоевград, Живков повторно ја искажал „потребата“ од непопустливост кон Македонското прашање: „Ние никогаш не го пренесовме огнот (пренасяли огъня) на нивната територија, дури и во време на Информбирото. Никогаш! Но, ако тоа се наметне, ќе го пренесеме и на нивната територија“.315

Од своја страна, во текот на VIII конгрес на СКМ и на XII конгрес на СКЈ во 1982 г., македонските и југословенските раководители повторно го нападнале бугарското негирање на македонското малцинство и на македонскиот национален идентитет. Но, во меѓувреме, една друга бугарска иницијатива ја предизвикала лутината на југословенската власт: тие забележале низа контакти меѓу тајните служби на Софија и една организација од хрватската дијаспора со антијугословенски карактер – имено, Hrvatsko Narodno Vijeće („Хрватско Народно Собрание“), раководено од националистот Мате Мештровиќ.316 Случаите од овој вид ја компромитирале идејата за склучување на „кодекс за добрососедство“ меѓу балканските земји, започната во тој период, особено од Бугарија.

Дури и кога во средината на 80-тите години на 20 век билатералните средби продолжиле како и порано, преговарачите успеале да одржат неутрален тон само во сферата на економските врски. Таков бил случајот на посетата на Софија во јули 1984 година од страна на Милка Планинц, шеф на југословенската сојузна Влада. Планинц предложила изработка на документ во духот на договорите од Хелсинки, што би соодветствувало на бугарската иницијатива за кодекс на добрососедство. Се разбира, овој документ требало, на прво место, да ги гарантира правата на македонското малцинство во Бугарија. Освен тоа, Планинц ја обвинува неа дека го оживеала „санстефанскиот дух“ и дека спроведува „саботажни“ активности кон Југославија.317

Како одговор, за да го „покаже“ отсуството на какво било македонско малцинство, Живков дури предложил воспоставување на специјална зона во округот на Благоевград, наменета за средби на југословенските претставници со локалното население. Но, предлогот да се развиваат билатерални односи, и покрај спорните прашања, се судрил со непопустливоста на југословенската делегација, која инсистирала на признавање на „македонскиот народ“ како полноправен учесник во прекуграничната соработка.

Така, била воспоставена општата клима од 80-тите години на 20 век која повеќе нема да биде означена од бурните контроверзии од крајот на 60-тите години на 20 век и од периодот од 1978 до 1981 г., но нема ниту да го донесе приближувањето, кое претходно било започнувано во повеќе наврати. Но, што се однесува до Бугарија, „националната“ проблематика од втората половина на 80-тите години на 20 век била во знакот на една друга важна тема: судбината на големото турско малцинство во земјата. Наспроти непопустливоста на бугарското раководство, Белград ја променил својата тактика на притисок, поврзувајќи го проблемот на Македонците со оној на Турците во Бугарија. Од февруари 1983 г., претседателот на ЦК на СКЈ, Митја Рибичич, ја нападнал политиката на Софија кон двете малцинства.318

Сепак, и покрај ваквите критики, бугарските раководители се одлучиле за започнување на присилна национална хомогенизација, без еквивалент во Источна Европа. Во текот на зимата 1984-1985, турското население било прогласено за етнички бугарско и принудено да си ги смени имињата. Повеќе од 800 000 лица биле обврзани да прифатат бугарски имиња.319 Овој процес бил официјално оквалификуван како „преродба“ (Възродителен процес) на „вистинскиот“ идентитет на муслиманското туркофоно население. Овој чин го претставува врвот на хомогенизирачките политики иницирани од комунистичкиот режим и не минал незабележан: наскоро „преродбенскиот процес“ предизвикал бројни компликации на меѓународен план. Наспроти странските реакции, официјалната реторика на оправдување добила, речиси, циничен карактер. На пример, кога во февруари 1988 г., една средба на министрите за надворешни работи на балканските држави во Белград ја обвинила Софија за „уништување“ на турското малцинство, бугарскиот делегат го претставил тој чин како придобивка која ја претвора Бугарија во „конструктивен фактор“ на Балканот.320

Во меѓувреме, процесите на дезинтеграција кои започнале во самата Југославија придонесле за поместување на Македонското прашање на втор план. Како што видовме, уште од почетокот на расправите со Софија, Титова Југославија била активно вклучена во заштитата на она што таа го сметала за македонско малцинство во Бугарија. Македонија била една од шесте федерални републики, Македонците – еден од конститутивните народи на федерацијата, а нивните барања немале помала тежина од оние на Словенците, Хрватите, Србите, Црногорците и на босанските Муслимани. Сепак, одредени бугарски високи функционери забележале дека немакедонските раководители (како Влаховиќ) изгледаат мошне незаинтересирани за контроверзиите за историјата на Македонија.321 Во неформални разговори, одредени српски раководители ги посочувале Македонците како главни одговорни за лошите односи со Бугарија.

Така, од средината на 70-тите години на 20 век, дипломатите од Софија се обидувале да го користат „умерениот“ карактер на водачите од другите југословенски републики со цел да му се спротивстават на „екстремизмот“ на нивните македонски колеги: функционерите од Министерството за надворешни работи предложиле во Софија почесто да се покануваат раководители од Србија, Црна Гора, Хрватска итн., за кои сметале дека се позаинтересирани за воспоставување прагматична соработка.322 И покрај манифестациите, како онаа на Планинц во Софија, ситуацијата по смртта на Тито ги поттикнувала ваквите ставо- ви. Српски раководители инсистирале на дефинитивно напуштање на Македонското прашање, кое со децении ги „труело“ односите со источниот сосед. Според македонскиот историчар Иван Катарџиев, раководството на Србија му препорачало на она од Македонија да го прифати фактот дека „пиринските Македонци“ се веќе „асимилирани“.323

Оттаму и еден парадокс. Националистичкиот дискурс во врска со Македонија, фаворизиран од раководството на БКП, станал екстремно антисрпски: Белград бил традиционално обвинет дека ги „фабрикувал“ Македонците на штета на Бугарите. Но, функционерите од Софија сè почесто наоѓале основа за консензус во Србија, отколку во Македонија. Конечно, дефинитивното создавање на македонската нација во рамките на Југославија се покажало многу поуспешно, отколку што бугарските раководители можеле или сакале да веруваат. Престигнати од настаните, кон крајот на периодот, тие се судриле со една непопустливост од страна на Скопје, која, сè уште, се обидувале да ја објаснат преку клишеата на информбировскиот раскин.

Во 1987 г., за време на разговорите со македонски политичари, бугарскиот амбасадор во Југославија повторно бил известен дека единствениот договор меѓу двете земји е остварлив врз база на југословенските проекти, елаборирани дванаесетина години порано.324 Така, на крајот од годините на залудни преговори, раководителите во Софија, Скопје и Белград прифатиле дека Македонското прашање претставува нерешлив проблем.

307 Цола Драгойчева, Повеля на дълга. Спомени и размисли, том 3: Победата, София, Партиздат, 1979.

308 Цола Драгойчева, Из моите спомени. На класови и интернационалистически позиции, София, Партиздат, 1979.

309 Светозар Вукмановић-Темпо, Револуција која тече. Мемоари, том 2, Београд, Комунист, 1971.

310 Цола Драгойчева, Македония – не повод за раздори, а фактор за дружба и сътрудничество: ова интервју дадено за дневниот весник Отечествен фронт (9 февруари 1979 г.), било преведено на англиски, француски, германски, шпански, руски и српскохрватски. Извадокот од сеќавањата на Драгојчева, исто така, бил објавен на француски, англиски, италијански, германски, шпански, португалски, руски, полски, романски, турски, чешки, унгарски. Францускиот наслов е La Macédoine – facteur de bon voisinage et de coopération et non de discorde. Interview accordée par la camarade Cola Dragojčeva, membre du Bureau politique du C.C. Du P.C.B. au journal «Otetchestven front», le 9 février 1979 (односно La Macédoine – facteur de bon voisinage et de coopération et non de discorde. Souvenirs et réflexions), Sofia-Presse, 1979. Секретаријатот на ЦК на БКП одлучил дури и целиот том од сеќавањата да се објави на странски јазици: ЦПА/1/69/401/6.

311 Svetozar Vukmanović-Tempo, Borba za Balkan, Zagreb, Globus, 1981.

312 Цола Драгойчева, Такава е истината, София, Партиздат, 1981. За реакциите на југословенските и на бугарските медиуми, види Требст, Ibid., стр. 192-193.

313 Ванчо Апостолски, Современите аспекти на великобугарскиот национализам, Скопје, Мисла, 1981.

314 Требст, Ibid., стр. 189.

315 ОПА/2/11/68/141-142.

316 Две дипломатски ноти – од 1982 и 1983 година – ја изразуваат крајната иритираност од страна на Белград во оваа прилика: АМВнР/40/172/4412/25-30.

317 ЦПА/1/67/3600/97-102.

318 Cf. АМВнР/40/172/4417.

319 За ова прашање, како и за политиката кон Помаците (бугарофони Муслимани), види Михаил Груев, Алексей Кальонски, Възродителният процес. Мюсюлманските общности и комунистическият режим, София, IIBM, Ciela, 2008. За муслиманите и за другите малцинства: Ulrich Büchsenschütz, Minderheitenpolitik in Bulgarien. Die Politik der Bulgarischen Kommunisti- schen Partei (Bkp) gegenüber den Juden, Roma, Pomaken und Türken 1944-1989, Berlin, 2004.

320 Види го извештајот на министерот Петар Младенов – ЦПА/1/68/3380/14, 20-21.

321 Cf. ЦПА/1/51/209/4-5.

322 АМВнР/26P/18/14, 27.

323 Катарџиев, Ibid., стр. 387.

324 АМВнР/14/44-3/233/56.

(крај на фељтонот)

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел
Кон шестиот дел

Фотографии: Andrea Galvani

Превод од француски: Дарко Стојанов и Петар Тодоров

Извор: Чавдар Маринов, Македонското прашање од 1944 до денес; комунизмот и национализмот на Балканот. издавач: ФООМ, Скопје, 2013.

Слични содржини

Општество / Балкан / Теорија / Историја
Општество / Балкан / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото