Револуција- прекомплицирано

03.04.2014 12:15
Револуција- прекомплицирано

Медиумите имаат големи тешкотии со нормалноста и со континуитетитот. Тоа не е нешто ново, но повторно стана очигледно кога станува збор за протестот, превратот, револуцијата во Украина и нејзините последици.

Како би можеле да го опишеме тоа што допрва доаѓа, бавно и непредвидливо, малку напред - малку назад, таа несогледлива афера, како што е често случај со револуциите?

Одговор на повеќето медиуми - се држиме до провереното сценарио.

Така протестите на луѓето се претворија во политички игри на моќ - новинарскиот и историскиот копнеж за поединците преку кои раскажуваме за историјата, победи над ставот дека поединците не ја создаваат историјата, иако понекогаш тоа изгледа така.

Значи, Путин, Путин, Путин, едни го разбираат, други не, те го толкуваат, те го демонизираат, Меркел телефонира, Шредер објаснува, ЕУ, западот воопшто, Крим, војна, светската војна, историја. Изгледа дека новинарите сакаат да покажат колку се попаметни од оние кои на Мајдан се бореа за својата слобода, како и да ја интерпретираа.

Меѓутоа, сето тоа е премногу комплицирано. Вредностите како што се слободата, самоопределувањето, правдата, траспарентноста, граѓанскиот поредок, изгледа дека сето тоа не заслужува посебно внимание.

Поинтересни се плановите на Путин, десничарските интриги, игрите на моќ, покажувањето на сила или просто хелмутшмитовското изигрување Бизмарк и прекорното рецитирање на реалполитичките стихови.

Кога историјата е мочуриште од кое демонстрантите сакаат да се избават, тогаш ќе се јават неколку германски фељтонисти кои ќе се погрижат повторно да ги турнат назад, во 1954, 1944, 1924 година и да им објаснат дека земјата за чија независност се борат воопшто не постои.
Што сакаат луѓето, што ризикуваат, на што се надеваат, изгледа дека повеќе не е важно - тоа беше впечатокот на демонстрантите со кои минатата недела разговарав за Украина. Вредностите кои тие ги сметаат за европски, изгледа ги напуштија самите Европејци.

Вредностите од 2011, би можеле така да ги наречеме. Секако дека постојат врски помеѓу Тахрир и Мајдан. Тоа беа протести на средниот слој кој стана свесен за сопствената сила и се соочи со границите кои му ги постави корупцијата и политичките игри.

Меѓутоа, таа револуција на вредности и достоинство доживеа неуспех, барем во Египет. Le Monde со жалење заклучува, после изрекувањето на смртните казни против членовите на Муслиманското братство - „колку беше кратка оваа пролет“.

А што прави АРД, кој како јавен сервис добива толку пари за својата „слободарско-демократска задача“? Во својот дневен преглед емитува пропаганден прилог во кој пучистот ал-Сиси ни се претставува како колаче и гарант на стабилноста, човек кој го одржува „редот“, како да е тоа вредност сама по себе, вредност поважна од слободата и самоопределувањето.

Така овие денови изгледа ползечката реставрација, галопирачката реакција. Заговорниците на статусот кво се надвиснуваат над разбеснетите маси и негодуваат. Редот победи.

„Постојат малку работи на овој свет кои никогаш не се менуваат “, пишува деновиве поетот Чарлс Симиќ во New York Review of Books, „но една од нив е тоа дека речиси сигурно оние кои ќе го кренат гласот против неправдата, на крајот ќе бидат изневерени“.

Симиќ го нарече искуството на изминатите години поразително, бидејќи во нив демократијата, штотуку разбудена, беше брзо згазена. Сведоци сме на обликување на времето во кое живееме, време на срушени надежи и изневерен хуманизам.

Дали Чарлс Симиќ е наивен бидејќи е поет?

Но, кога сите зборуваат само за нова војна, можеби е време поетите да ги постават наивните и вечните прашања.

Извор: Spiegel

ОкоБоли главаВицФото