Разлики во концепциите на универзитетите

10.04.2014 13:05
Разлики во концепциите на универзитетите

Високообразовните институции можат да произведат, и ширум светот да шират нови (или стари) научни откритија, етаблирани знаења, само ако во нив се наталожени национални, регионални и универзални содржини. Општествата во транзиција мораат, ако сакаат да се развиваат, да обезбедат автентично научно образование, кое може да ги оспособи граѓаните да живеат слободен и плоден светски, а не провинцијален живот.

Познато е дека европските универзитети и нивните високообразовни институции се создадени со практична намера да станат централно место за производство и ширење на целокупно знаење. Иако тоа знаење, создадено во рамки на западноевропскиот културен модел, од почетокот имало претензија за универзална, светска важност. Европскиот систем на високошколско образование негувал интернационален, транснационален, всушност космополитски карактер на знаење. Појавата на таканаречениот модерен европски универзитет се совпадна со процесот на працијализација и професионализација на самото знаење. Се создаде бесконечен конгломерат различни струки и дисциплини кои во целост го дезорганизираа и фрагментираа нашето знаење. Токму модерниот европски универзитет го уништи внатрешното единство, цел и смисла на универзалистичките претензии на нашите сознајни форми. Без својата универзалистичка суштина, денешниот универзитет е мртов. Тој повеќе не овозможува, или овозможува малку глобални, синтетички, универзални знаења. Интердисциплинарното организирање на знаењата е само сурогат за изгубеното внатрешно единство на науката и филозофијата. Во своето интердисциплинарно оро, науките денес играат мртовечки танц околу изгаснатиот оган на универзитетите (Б. Деспот).

Последиците од оваа застрашувачка несреќа на европскиот, па и на нашиот универзитет, не можеа да бидат отстранети со никакви корекции, реформи или рационализации на високиот систем на образование. Слична, и не помалку драматична несреќа му се случи на целиот систем на средно и основно образование. Во духовно-историска смисла, изгубена е секоја амбиција да се дознае целокупната, општа, универзална вистина, која не е ништо друго туку вистина за универзумот. Продукцијата и репродукцијата на знаењата е потполно ограничена (и осиромашена) со стручниот и професионален редукционизам. Заради тоа не зачудува дека за време на кризата на општествените и хуманистичките науки се повеќе сè зборува за крај на човекот, за крај на општественоста, за крај на историјата! Живееме во свет на фрагментиран дух и атомизиран социјален живот. Тоа е цената која модерниот свет мора да ја плати со практичното барање за сè поголемо скратување, концентрација, професионализација на природните и општествените науки. Да ги погледнеме модерните професионални, стручни експерти кои се лишени од елементарен, речиси, здраворазумски увид во целината. Целиот спектар на духовната и културна продукција е сведен на фрагментарна, минимална форма, од уметноста преку филозофијата до науката.

Навистина, денес сме сведоци на привремена колизија на двете лица на универзалните знаења. Едното старо, религиозно, филозофско знаење кое го доживеа својот постметафизички пораз и другото технолошко знаење кое го доживеа својот глобален, оперативен триумф. Практично, денес сме соочени со криза на општествените т.е хуманистичките науки и триумф на природните науки, т.е софистицираното технолошко знаење. Парадоксот на општествените и хуманистичките науки беше во тоа што преку религиите, филозофиите и уметностите постојано најавуваше универзална, глобална вистина, која, најпосле се покажува како партикуларна, локална вистина на одредена класа, нација, религија, култура или цивилизација. Изгледа дека во основата на интернационалните идеали отсекогаш имало некаква национална приказна. Повеќето пораки кои ги испраќале општествените и хуманистичките науки, дури и кога имале универзалистички претензии, биле обоени локално. Затоа е можно легитимно да се зборува за специфичен дух на германската филозофија, шпанското сликарство, францускиот роман, австриската архитектура или кинескиот театар. Локалистичките црти од потенцијално глобално значење се посебно негувани на националните универзитети ширум Европа, па и кај нас. И покрај тоа, стои дека степенот на развиеност на научните истражувања и научните институции е вистинска мерка за развиеност на една земја, во развојно-технолошки, па се разбира, и во културно-цивилизациски поглед.

Всушност, треба да се анализира причинско-последичниот развој на нештата. Кај нас, универзитетот не го „јавна“ општеството, туку општеството го „јавна“ универзитетот и потполно им го подреди на своите парцијализирани моментални (профитерски) цели.

Авторот е редовен професор на Технолошкиот Факултет во Белград.

Извор: http://www.danas.rs

ОкоБоли главаВицФото