Не сакаме техничка? Добро, ќе добиеме пиротехничка влада!

02.05.2014 09:56
Не сакаме техничка? Добро, ќе добиеме пиротехничка влада!

Го гледам пусти Никола и не можам да се изначудам. Свикал прес-конференција за да се пофали дека неговата влада го намалила ДДВ-то за некои производи и реди ли реди: бебешко креветче, количка, релаксатор, када, шише, цуцла, тетратка, боички, острилка, гума... Го гледам и се прашувам - до кога овој човек ќе нè есапи за малоумници?

Сè додека некој не се запраша во кое својство Никола Груевски и министрите донеле ваква одлука. Сè додека не научиме дека во една демократска земја, секоја влада во време на избори мора да функционира со капацитет на техничка влада, а тоа значи дека не смее ни да помисли да донесува одлуки за намалување или за зголемување на данокот. Со еден збор, сè додека се однесуваме како малоумници. Сè додека има овци, ќе има и џемпери.

Го гледам пусти Никола и уште еднаш се убедувам дека одлуката на здружената опозиција да го бојкотира парламентот на овој режим е апсолутно исправна. Овој човек е непоправлив. Критките за тоа дека ги измешал државата и партијата не му значат ама баш ништо ништо. Тој нема намера ништо да менува и веќе ја почна кампањата за следните избори. Со народни пари, нормално.

Чаре? Како што сега стојат работите, наместо техничка влада што ќе спроведе фер и демократски избори, ќе добиеме пиротехничка влада, составена со уцени, закани и лицемерие. Денес, на 1 мај 2014 година, кажувам за да биде запаметено - таа влада ќе ја запали Македонија! Ви кажувам на време, за да си купите пелени и цуцли со намален данок, оти ќе дојде време кога ќе ги полните очите со солзи и гаќите од страв, прашувајќи се како дојдовме на ова дереџе.

Тоа баш и не е некое чаре, нели, но секој народ, сепак, има власт каква што заслужува.

Извор: Плусинфо
Слика: Свирачиња