1030 hPa
80 %
2 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 23:59
За еден човек велат дека цел ден седи на некаков панел. На што ли седи, кога панел може да биде сè - и табла, и плоча, и капак, и платно. Имаме фасаден панел, соларен панел, покривен сендвич панел, термоизолациски панел, акустичен панел, композитен панел, самовнесувачки панел, па пач панел, па надворешен панел од 10 цола, па технички контролен панел, па софтверски панел кој контролира некаков оперативен систем или хардвер.
Боже, панел може да биде и листа на поротници, и комисија, и совет, дури и комитет, на кој се однесува онаа забелешка на Нортон Паркинсон (Паркинсонов закон), дека тоа е повеќе органска отколку механичка структура, билка која има корен, стебло и цветови, кои даваат семе од кое растат нови билки.
Нормално, сега сите мислат дека панел е дискусија која некој ја финансира, или која има некаква врска со власта во транзиција: Панел дискусија „Граѓаниот во униформа, полицискиот синдикат и обезбедувањето на безбедноста на граѓаните“; Панел дискусија „Млади и необразовани“; Панел дискусија „Положбата на жените во комуникативно-информативната област“; Панел дискусија „Очите отворени - паричниците затворени“.
Зошто се прашувате дали некаде е одржан панел на тема: Како да се организира успешен панел?
Едно PR упатство (а тие сега владеат со светот) со оној PR говор вели дека организационата структура на панелот ја сочинуваат: организаторите, модераторот, панелистите и публиката. На панелистите им се даваат прецизни инструкции за тоа што се очекува од нив, колку време имаат на располагање, дали панелот ќе биде медиумски покриен, стримуван во „real time“, дали ќе биде поставен онлајн и дали е мултимедијален.
Модераторот, важна личност, не мора да има некакви посебни формални врски со организаторот; но мора да биде личност која има такт, која е елоквентна, по можност шармантна, но и доволно одлучна. Ве повикува, ве прашува и ве прекинува. „Прекинете го, о да, прекинете го панелистот, доколку е преопширен, доколку е прекумерно самопромотивен...“, вели упатството.
А и за модераторот има камшик: „Најстрашно е кога модераторот го отвора панелот, па гњави. Блогирај го тоа, не ги дави луѓето.“
На панелистите им се препорачува: „Однесувајте со кон колегите панелисти со почит и уважување: не ц’цкајте, не превртувајте со очите, не телефонирајте, не праќајте мејлови.“ Непристојно е и да се излезе за време на панелот.
Најдобро упатство за панелистот сепак е ова: „Одговорете си на прашањето: што барам јас таму?“
Извор: vreme.com