Да се искористи Украина за готвење на планетата

17.05.2014 10:20
Да се искористи Украина за готвење на планетата

Единствениот начин да се победи Владимир Путин е европскиот пазар да се преплави со природен гас кој е „fracked-in-the-USA“, или барем индустријата би сакала да поверуваме во тоа. Како дел од ескалирачката антируска хистерија, во конгресот на САД се поднесени два законски предлози – еден во претставничкиот дом (Х.Р.6), еден во сенатот (С.2083) – кој има за цел по брза постапка да се одобри извоз на течен природен гас, а сето тоа за да ѝ се помогне на Европа да се одвикне од фосилното гориво на Путин и да се подобри националната безбедност на САД.

Судејќи според Кори Гарднер, републикански конгресмен кој го поднесе предлог законот во претставничкиот дом, „противењето на овој закон е како да ја спуштите слушалката во моментот кога вашите пријатели и сојузници бараат помош“. И тоа би можело да биде точно – сè додека вашите пријатели и сојузници работат за Шеврон и Шел, а итниот случај е потреба да се одржи раст на профитот во момент кога исчезнуваат резервите со конвенционална нафта и гас.

За да успее овој трик, важно е одблиску да ги гледаме деталите. Исто така треба да се има предвид и фактот дека поголемиот дел од гасот веројатно нема да стигне до Европа – затоа што предложените закони овозможуваат гасот да биде продаден на светскиот пазар, на која било земја која ѝ припаѓа на Светската трговска организација.

Или фактот дека индустријата со години ја продаваше приказната за тоа дека Американците мораат да ги прифатат ризиците за својата земја, вода и воздух кои го следат хидрауличното фракување за да ѝ помогнат на својата земја во остварувањето на „енергетската независност“. И сега, одеднаш и лукаво, целта е променета во „енергетска безбедност“, што изгледа значи да се продаде привремениот вишок фракуван гас на светскиот пазар и на тој начин да се создаде енергетска зависност во странство.

И пред сè, важно е да не се забележи дека изградбата на неопходна инфраструктура за извоз на гас со таков обем, траеше повеќе години заради добивање дозвола и започнување со изградба – само еден терминал за претворање на гас во течна состојба може да чини 7 милијарди долари и мора да биде снабдуван со огромна, меѓусебно поврзана мрежа цевоводи и компресорски станици и бара сопствена електрана за генерирање енергија која е доволна за претворање на гасот во течна состојба по пат на супер ладење. До моментот кога тие огромни индустриски проекти да бидат реализирани и пуштени во функција, Германија и Русија би можеле набрзина да станат пријатели. Но, дотогаш малкумина ќе се сеќаваат дека кризата во Крим беше изговор кој го искористи индустријата за гас за да ги оствари своите долгогодишни соништа за извоз, без оглед на последиците за заедниците во кои се врши фракинг или за планетата која се готви.

Јас таа вештина за искористување на кризите за приватна корист ја нарекувам доктрина на шок и таа не покажува знаци на повлекување. Сите знаеме како функционира доктрината на шокот: за време на криза, без разлика дали таа е реална или фабрикувана, нашите елити под закрила на итноста можеа да протуркаат непопуларни мерки кои се погубни за мнозинството. Се разбира, има приговори – од страна на климатолозите кои предупредуваат на потентната моќ на метанот да влијае на глобалното затоплување, или локалните заедници кои не ги сакаат овие исклучително извозни пристаништа на своите сакани крајбрежја. Но, кој има време за дебатирање? Се работи за итен случај! Прво донесете закони, а подоцна размислувајте за нив.

Многу индустрии се добри во смислување вакви трикови, но никој не е повешт во искористување на карактеристиките на кризите кои ја наметнуваат рационалноста на глобалниот сектор за гас.

Во текот на изминатите четири години гасното лоби ја користеше економската криза во Европа за да им каже на земјите како Грција дека излезот од долгот и очајот е во отворањето на нивните прекрасни и фрагилни мориња за бушотини. Исто така, применети се слични аргументи за рационализирање на фракингот ширум Северна Америка и Обединетото Кралство.

Сега кризата е всушност актуелниот конфликт во Украина, кој се користи како јарец за соборување на смислените ограничувања за извоз на природен гас и за протуркување на контроверзниот слободно-пазарен договор со Европа. Каков е договорот: уште повеќе слободен пазар кој ја загадува економијата и уште повеќе гласови кои ја задржуваат топлината и загадувањето на атмосферата – и сето тоа како одговор на енергетската криза која главно е фабрикувана.

Во такви услови вреди да се запамети – што е иронија над сите иронии – дека кризата во чие експлоатирање беше највешта индустријата за природен гас се самите климатски промени.

Не е важно што единственото решение на индустријата за климатската криза е драматичното ширење на процесот на екстракција во фракинг, кој во нашата атмосфера ослободува огромни количини метан кој ја дестабилизира климата. Метанот е еден од најпотентните гасови од ефектот на стаклена градина – 34 пати помоќен во задржување на топлината од јаглерод диоксидот, судејќи според најновите проценки на Меѓувладиниот панел за климатски промени. И тоа за период од 100 години, а потоа моќта на метанот слабее. Роберт Хорват, биохемичар од Универзитетот Корнел и еден од водечките светски експерти за емисија на метан, смета дека е далеку порелевантно да се набљудува случајот во период од 15 до 20 години, кога метанот има потенцијал за голаблно загревање кој е вчудоневидувачки 86-100 пати поголем од јаглеродниот диоксид. „Во оваа временска рамка ние ризикуваме да бидеме заробени во многу големо загревање“, рече тој во средата.

И запаметете: не се гради инфраструктура вредна повеќе милијарди освен ако не планирате да ја користите барем 40 години. Значи ние одговараме на кризата на нашата планета која се загрева на тој начин што градиме мрежа ултра моќни атмосферски фурни. Дали сме луди?

Не се работи само за тоа дали знаеме колку метан навистина е ослободен со дупчење и фракинг и со придружната инфраструктура. Дури и додека индустријата за природен гас своите емисии на јаглерод диоксид ги рекламира како „помали од јагленот!“, таа никогаш систематски не измерила колку ѝ бега за време на течењето метан, кој тече за време на сите фази од процесот на екстракција, обработка и дистрибуција на гасот – од заштитните цевки при бушотините и кондензаторските вентили до цевоводите под соседствата на Харлем. Во 1981 година самата индустрија за гас смисли умен рекламен трик дека природниот гас е „мост“ кон иднината на чистата енергија. Тоа беше пред 33 години. Тоа е долг мост. А сè уште нема спротивни брегови на видик.

Во 1988 година кога климатологот Џејмс Хансен го предупреди конгресот со историско сведочење за ургентниот проблем на глобалното затоплување – Американската асоцијација за гас почна отворено да го формулира својот производ како одговор на „ефектот на стаклена градина“. Не губеше време, со други зборови, се продаваше како решение за глобалната криза чие создавање го помогна.

Употребата на украинската криза од страна на индустријата која има за цел ширење на глобалниот пазар под називот „енергетска безбедност“ мора да биде согледана во контекст на оваа неразнишана историја на кризен опортунизам. Само што овој пат, ние кои знаеме каде лежи вистинската енергетска безбедност, сме побројни. Благодарение на трудот на врвните истражувачи како Марк Џејкобсон и неговиот тим од Стенфорд, ние знаеме дека светот може, до 2030 година, целосно да се снабдува со енергија од обновливи извори. И благодарение на најновите, алармантни извештаи на IPCC, ние знаеме дека тоа е егзистенцијален императив.

Тоа е инфраструктурата која би требало што побрзо да ја изградиме – а не огромните индустриски проекти кои идните децении ќе нè врзат за понатамошна зависност од опасните фосилни горива. Да, тие горива сè уште се потребни за време на транзицијата, но на располагање ни се повеќе од доволно конвенционални извори на енергија за нејзино остварување: екстра валканите методи за екстракција како нафтениот песок и фракингот, едноставно, не се неопходни. Како што кажа Џејкобсон во едно интервју кое го даде токму оваа недела: „Не ни се неопходни неконвенционалните горива за да произведеме инфраструктура за конверзија на потполно чиста и обновлива енергија од ветерот, водата и сонцето за секакви цели. Можеме да се потпреме на постоечката инфраструктура заедно со новата инфраструктура (од обновливата генерација), кои ќе обезбедат енергија за производство на преостанатите чисти инфраструктури кои ќе ни бидат потребни... Конвенционалната нафта и гасот се повеќе од доволни“.

Заради тоа, Европјаните ќе треба својата желба за еманципација од рускиот гас да ја преточат во барање за забрзана транзиција на обновливи извори на енергија. Таквата транзиција – на која се обврзаа европските нациии според протоколот од Кјото – може лесно да биде саботирана доколку светскиот пазар се преплави со евтино фосилно гориво кое е фракувано од каменестото тло на САД. И, се разбира, Американците, кои го предводат нападот со забрзана постапка за извоз на течен природен гас, блиско соработуваат со своите европски пандани за да го спречат фракингот.

Одговорот на заканата од катастрофално загревање е нашиот најитен енергетски императив. И ние едноставно не можеме да дозволиме нашето внимание да биде пренасочено со најновата криза поттикната од маркетиншките трикови на индустријата за гас.

10.04.2014

Извор: http://www.naomiklein.org/

ОкоБоли главаВицФото