Иновација

17.06.2014 11:42
Иновација

Иновацијата и иноваторот дури во ново време, најмногу пред околу двесте години, станале нешто важно. Инаку би го знаеле името, презимето, семејството и потеклото на најважните иноватори во историјата. Огнот и тркалото ќе ги најдеме на секоја листа на најважни изуми, иако огнот не требало да го измислуваат ни иноватори. Проблемот со него бил одржувањето и - како денес - спречувањето. Во што историските успеси се исто така сомнителни.

Меѓутоа, тркалото, бидејќи не постои во „природен облик“ е изум, иако името на неговиот изумител никогаш нема да го дознаеме. Што се однесува до професијата на иноваторот, тркалото e измислено за полесно правење грнци, а не за превезување од едно на друго место со негова помош. Изумот на грнчарското тркало кое се движи со нога овозможил масовно производство на убаво обликувани садови. Потрајни, во секоја смисла, од која било воена двоколка, што веќе е друга приказна.

Нема човечка заедница која не познава пронаоѓачи на оваа или онаа вештина, уметност, знаење, алат, оружје или прастар обичај. На боговите или ним сличните суштества во прилична мера им се доверува одговорноста за измислување и откривање, било во корист на луѓето, или почесто, на нивна штета. Египќаните верувале дека писмото го измислил богот Тот, иако ги знаеле и имињата на „вистинските“ пронаоѓачи на премерувањето на нивите (геометрјата), градежништвото, палмовото вино и... пивото.

Боговите по дефиниција не морале да бидат благонаклонети ниту паметни. Затоа што приглупиот Титан Епиметеј заборавил да ги снабди луѓето со брзина, канџи, остри заби или нешто толку корисно, неговиот брат, Прометеј, морал да им помогне така што го украл огнот од боговите. Затоа е казнет, прикован за карпа на Кавказ, орел да му го колве џигерот до крајот на светот и вкот. Го ослободил лично Херкул, но Прометеј - за пресудата на Зевс сепак да важи - од една алка од синџирот со кој бил окован направил прстен во кој ставил парче од кавкаската карпа. Носејќи го на прстот, формално останал окован за Кавказ.

И денес, вели митот, луѓето носат прстени со камења како знак на своето прометејско потекло.

Извор: vreme.com
Слика: Kristine Sedmale

ОкоБоли главаВицФото