Мирно лето

09.07.2014 09:05
Мирно лето

Иако зафатен со барање инвестиции и со отворањето на скејт-паркот, премиерот најде слободно време за да коментира – непристојното доцнење се подразбира - и настани какви што се протестите за „случајот Монструм“, кои стануваат сѐ почести, помасовни и понасилни.

„Протести кои се мирни и во кои граѓаните сакаат да остварат свои права и да наметнат одредени идеи има во секоја демократска држава и тие се поддржани и имаат и свое влијание. Меѓутоа, протести во кои се употребува насилство, е нешто што не може никој да го поддржи, во ниту една држава, во ниту една средина, ниту, пак, во нашата држава“, рече Груевски.

Но, Македонија не е како „секоја демократска држава“. Кога имаше мирни протести против изградба на црква на скопскиот плоштад, власта не само што не ги поддржа туку, како што вели тој, „употреби насилство“, односно искористи насилници за да ги тепаат студентите и граѓаните. И ги казни, тепаните, се разбира. Да не зборуваме за насилството против припадници на ЛГБТ-заедницата, за постојаните закани за линч и завршни пресметки против сите што не мислат исто како него и неговата партија, за константното ширење омраза и производство на непријатели.

Има уште многу такви нешта што не може никој да ги поддржи, во ниту една држава, во ниту една средина. Освен во нашата држава. Затоа ни се случува ова. Можеби не е арапска пролет, ама ако е македонско лето, тогаш не му гине есента на патријархот.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото