По шокот – кој ги регрутира сечачите на глави?

06.08.2014 15:07
По шокот – кој ги регрутира сечачите на глави?

Последната видео-вест од Сирија, каде се гледа лице за кое се тврди дека е од Косово како обезглавува свој противник во оваа туѓа војна, го поттикна очекуваниот ефект меѓу луѓето – вџашеност и осуда за овој средновековен чин.

Оваа вест, и особено реакциите го отсликуваат проблемот кој тлее меѓу нас.

Разбирливо е што секој цивилизиран човек е бесен од снимките каде се сече главата на противникот, сосема неприфатливо во времето во кое живееме. Дотолку повеќе што ова се прави врз манипулација со верата, сосема понижена од ваквите чинови.

Но овие вести не треба да изненадуваат, бидејќи средновековјето е дестинација каде што сојот на борците на ИСИС сакаат да ги однесат луѓето во окупираните територии во Ирак и Сирија. „Исламската Држава на Ирак и Шам” (ИСИС) по својот успех се брендира во „Исламска Држава” и го покажа вистинското лице. Манипулирајќи со исламот, оваа организирана група на празноглавци и насилници се обидуваат да се прошират до просторите каде се чита оваа колумна.

Сега, откога сите го осудија и изразија шокот од сечењето глави од страна на едно битие за кое се вели дека до пред три години живеело во Косово, потребно е да се постават неколку прашања кои не соочуваат со реалноста, која немаме храброст или волја да ја видиме.

Каде се радикализираа овие млади Албанци кои акаат низ туѓи војни во Авганистан, Ирак и Сирија? Кој е одговорен за индоктринацијата со екстремни верски идеи, кои од едно благородно верување кое почива врз мир и толеранција, создаваат средство за манипулација од изгубени проповедници и борци?

Овие, и за жал уште многу други во нашите градови и села, првите зборови на верска омраза кое завршува со сечење глави ги добиваат не подалеку од нивните маала. При нашето затворање очи, групи со широки панталони или свилени кравати ја зајакнуваат нивната контрола врз осиромашените слоеви, новинарите и политичарите од сите нивоа.

Воопшто не изненадува тоа што најрадикалните проповедници, доста присутни низ интернет форуми и клипови, беа меѓу првите кои го осудија сечењето глави. Беа гласни бидејќи сега се гледаат јавно ефектите од нивните зборови, кои не убиваат, ама уништуваат млади кои тргнуваат во туѓи војни. Сега, кога во една вест се претставува животот кој сакаат да ни го донесат, го судат мизерното убиство обидувајќи се да ги измијат рацете од нивното соучество во поттикнувањето на ова злодело.

Радикализмот е реален проблем во европските земји и Македонија не е исклучок – тука верските чувства (православни и исламски) се постојано манипулирани од државата. Овој проблем не е само безбедносно прашање – како што сакаат да го прикажат властодршците, за западот да го амнестира нивното автократско владеење – туку е првенствено поврзан со образованието, социјалната благосостојба и квалитетот на живот во гетата каде што радикалците веќе длабоко навлегле.

На пример, најпознатиот радикален проповедник во Косово – кој е многу гласен сега, кога неговите ученици го оцрнуваат лицето на нацијата – лесно го полни чаирскиот стадион за неговите предавања, од причина што тоа е единствениот културен настан кој се нуди. Кога училиштата се полнат со демек-професори кои ги делат машките од женските оти мешањето било грев, кога граѓаните немаат ниту еден парк или настан каде можат да се дружат по работа (ако воопшто работат нешто), кога вработувањата одат преку партијата во чии овие сомнителни структури се длабоко навлезени – сосема е очекувано да има посетеност на единствениот јавен настан, дури и ако треба да се слуша некој кој ни ги пцуе сите историски личности.

Сето ова е невозможно да се оствари без оркестрирање и директна контрола од структурите на државата. Парите со кои се финансираат овие групи не можат да влезат во земјава, исто како што и луѓето кои се познати по учеството во екстремните струи не можат да дејствуваат слободно низ џамиите и улиците, без тоа да биде дозволено и управувано од државата, каде и албанските функционери имаат активно учество. Овие структури потоа ги користат овие моменти, како и сликите на знамето на Саудиска Арабија низ протестите, за да ја докажат својата западна ориентација која е наводно загрозена од албанските исламисти; оттука, наспроти ова чудовиште бараат да се поддржи власта, иако токму таа е самата причина која ги храни овие групи.

Приказнава е лесна за продавање, дури и ако се заборави убиството на пакистанските емигранти во Раштански лозја во 2002 година и полицискиот обид за прикачување на радикална конотација. Сè е лесно, додека не се постави клучното прашање: зошто Македонија не го усвојува законот со кој ќе се казнат учесниците во странски војни, што е веќе направено во соседните држави?

Овие теми обично поттикнуваат емоции кои за жал, завршуваат со лични навреди од дежурно-надлежните за лиценцирање кој е добар верник, а кој не. Уште почесто, темите се злоупотребуваат за политички поени, во двете етнички средини. Сепак, вистинскиот проблем ќе стигне за наплата кога ќе се вратат повратниците од Сирија и Ирак; тука воопшто не помага колективниот молк, етничката и институционалната манипулација. Потоа ќе биде доцна – кога главите се сечат далеку, тоа треба да се сфати како силно предупредување дома.

Извор: gjakushkabashi.wordpress.com