Чиј е фестивалот Охридско Лето?

21.08.2014 12:18
Чиј е фестивалот Охридско Лето?

Или прашањето може да се постави воопштено, чии се повеќедецениските институции и национални манифестации? Стана вообичаена пракса актуелните владетели, кои се моментално на власт, да ги присвојуваат манифестациите и на сите приредби да бидат присутни само тие. Тоа е пракса која се провлекува низ целиот период на самостојна Македонија, иако сите меѓународни манифестации, како Охридско Лето, Струшките вечери на поезијата, Мајските оперски вечери и други, се повеќедецениски манифестации, основани од другата власт, но со несебичен придонес на многу вредни работници, кои ја создавале материјалната база, и многу уметници од повеќе генерации, кои ги негувале манифестациите и придонесле за нивниот голем меѓународен углед.

Во свежо сеќавање ми е една многу тажна слика, од концертот со кој ансамблот Танец ја одбележуваше својата 50-годишнина од своето основање, во 1949 година. Концертот се одржа во Универзалната сала во Скопје, а од почесните гости, во почесната ложа, беа само тогашниот премиер Љубчо Георгиевски со сопругата и Архиепископот Стефан, двајцата кои немаат ништо заедичко со формирањето и постоењето на Ансамблот. Не е спорно дека треба да биде застапена актуелната власт на вакви манифестации, но должна почит требе да им се оддаде и да бидат поканети и многу претходни чинители, без оглед на некакви идеолошки предрасуди. Тука идеологијата не смее да игра никаква улога, затоа што претходната влас создала институции и манифестации кои опстојуваат и денес и го шират угледот на земјата во сите краишта на светот. На секоја манифестација или јубилеј на некоја национална институција, се повторува истата слика, застапена е само актуелната власт, а сите други кои со децении придонесувале за развојот на манифестациите или институциите, никаде ги нема.

Фестивалот Охридско лето постои веќе 54 години. Сите години, без разлика кој е на власт, честа да бидат почесни гости во првите редови ја имаат само луѓето од актуелната власт. Последниве години Фестивалот се отвара со многу познати светски уметници. Јавниот сервис, МРТ, со денови го најавува преносот од свеченото отворање на Фестивалот. И годинава беше пренесувано свеченото отворање. Во Античкиот театар во Охрид на телевизиските екрани веднаш ќе ги видите расположени и еуфорични, луѓето од актуелната власт, потоа, многу блиските снобови на секоја власт. Самото отворање, со години, се одвива по една усталена и неинвентивна шема, со премногу долги говори, на организаторот, пораката на некој стар заслужен уметник, министерското обраќање, за на крајот оваа долга листа на говорници, да ја заврши покровителот на Фестивалот, со еден „инспиративен и едукативен“ говор, во кој ќе ја објасни улогата на уметноста во денешниот свет, големината на музиката на музичките великани, врската на езерските далги и музиката и многу други, до тогаш „нечуени работи‘‘. Потоа, следува, „раскошниот огномет“! И така сè исто со децении. Веднаш по ваквото „незаборавно“ отворање, телевизиските гледачи ќе бидат исклучени од вистинското Охридско Лето. Не се удостоени ниту со еден акорд од музичкиот дел на отворањето.

Најголемиот број од телевизиските гледачи редовно, секој месец, ја плаќаат радио дифузната такса, а како даночни обврзници придонесуваат за полнење на државниот буџет, од каде пак, се финансира дополнително и се покриваат загубите на јавниот радио дифузен сервис. Во некои постари времиња, преку МРТ беше пренесувано целото отворање на Фестивалот и со музичкиот дел, и широката публика низ државата имаше увид за што се наменуваат средствата на даночните обврзници. Малку е цинично и од организаторите и од другите партиципиенти во организирањето на фествалот Охридско лето, најшироката публика низ Републиката да не биде во можност да види ниедна приредба од Фестивалот, туку да ги слуша само говорите. Затоа го поставувам прашањето од насловот, чиј е фестивалот Охридско Лето, дали само на одбраната номенклатура од актуелните власти или пак иму припаѓа и на поширокиот дел од населението, кое има свој придонес во неговото долгогодишно одржување и финансирање?

ОкоБоли главаВицФото