Пациент ставил лекар на листа за чекање за исплата на мито

02.09.2014 15:31
Пациент ставил лекар на листа за чекање за исплата на мито

Скопје, 2 септември 2014

Славе Б., бизнисмен од Скопје, неодамна го оперирал слепото црево, а поради големото оптоварување кое го имал неговиот буџет, бил принуден да го стави својот доктор на листа за чекање за исплата на мито.

„Операцијата е извршена крајно професионално, примен сум преку ред и навистина морам да го пофалам лекарот кој беше многу професионален и исполни сè што беше договорено. Кога ја правев листата според која ќе ги 'почестам' различните службеници, морав да поставам некои приоритети. Неодамна почнав со изградба на станбен објект, па инвестирањето во различни државни службеници финансиски прилично ме исцрпи. За жал, здравјето секогаш ни е на последно место, па и докторот ќе мора да го почека својот ред“, објаснува Славе.

Како што дознаваат нашите новинари, ова не е прв ваков случај. Вработените во здравството веќе некое време се жалат дека граѓаните не водат сметка за своето здравје на најдобар начин и дека приоритет во честењето имаат други државни служби.

„Градежната инспекција, полицијата, судството... секогаш постојат некои служби кои им се поважни на граѓаните од сопственото здравје. Листите на чекање се сè подолги и докторите на нив секогаш се меѓу последните. Доколку овој тренд продолжи, се плашам дека некои лекари ќе подлегнат на искушението и ќе почнат да ги подмитуваат пациентите за што побрзо да го добијат она што им припаѓа“, ја објаснува тешката реалност еден скопски лекар кој сакаше да остане анонимен.

Извор: www.njuz.net