Многудетна

12.09.2014 12:48
Многудетна

Претставуваме четири песни од необичната поетска книга на @therealpsmst насловена како „Многудетна“, која ги опева заложбите и идеите за плодење и множење на македонскиот народ, сесрдно поддржани од актуелната власт. Книгата во издание на Македониде ја дизајнираа @banekoma и Александар Јосифовски, а можете бесплатно да ја преземете овде. Со радост најавуваме дека наскоро „Многудетна“ ќе излезе и во печатено издание.

 

Многудетна

Роди ми едно
да биде вредно
да копа ораници, ниви
да сади праски, сливи

Роди ми второ
да го чува домот
имотот да го пази
од непријатели разни

Роди ми трето
да го шета светот
да го шири нашето семе
и во време и во невреме

Роди ми и женско
само да не биде дрско
понизно да слуша
да биде закопчано до гуша

Роди и уште едно
а можеби не последно
долгот ќе стаса
за партија ќе гласа

Случка во матично

„Тонерот пак е празен
како јајцата на македонските мажи.
Дали да чекам јавна набавка
или да пишувам со ракава што мази?“ -
Си рече младата службеничка
во подрачната матична единица,
а редот пред шалтерот за новородени
беше стигнат до црквата на Богородица.

Првиот татко стрпливо чекаше,
вториот наѕираше зад неговото рамо,
третиот веќе се шегуваше:
„Ако почекаме уште малку, млада дамо,
жена ми ќе го роди и второто“;
неколкумина зад него се окезија,
но не и осмиот во редот,
со близнаци и семејна пензија.

Потаму колоната кривулаше,
кошкање и слични шеги,
немаше кој да ги преброи,
ниту кој паметот да им го мери.
Стануваше жешко и потно,
но не како онојпат кога сѐ почна
и секако помалку издржливо
од на љубената пичката сочна.

Тогаш се појави спасителот
како принц на коњ бел
со испотена под мишка кошула
на подрачната единица раководител.
Рече: „Стефанке, не се прави на Тошо,
протреси го тонерот, знаеш ти како,
во оваа состојба не се стигнува
ако го работиш мажот ти млако“.

Стефанка се исправи и се виде дека
е отприлика шести месец трудна.
И тогаш аплауз одекна во чекалната
и ги спои сите во истата судба.
Печатењето изводи така започна
и работата глатко продолжи да тече.
Знам - „Нема шанси ова да е во Македонија“
- читателот во неверување ќе си рече.

Извинување од мојата генерација

Додека ја извршуваш твојата
света должност, жено, дозволи
да ти посветам една песна.

Храбра си што покорно ја чуваш
татковината млада и ја одржуваш
нејзината крв пресна.

Твојата задача е дадена
уште во часот кога се роди
не од трите наречници туку
од мудриот татко што нѐ води.

Месото што од тебе го делиш
нашата држава ја отелотворува
за многу успеси и за век и веков
мачното минато да не се повторува.

Додека истрајуваш во твојата
патриотска служба, жено, дозволи
да ти посветам една песна.

Бестрашна си што молкум градиш
тело по тело, татковиот дом
во ново да блеска.

Многу пред тебе имиња незнајни
истрајно и тивко одеа по овој пат,
немаме што да ти дадеме или ветиме,
но те повикуваме во служба пак.

Твоите полни бедра денес повторно
се врело на нашата иднина,
биди великодушна и прости ни
и кога ќе ја признаваме нашата вина.

Летна наталитетна химна

Домољубите и други со наш пасош
прават деца машки, но и женски
по наредба, но и по желба света
на премиерот голем Македонски.

Од кампови и плажи
и соби во Охрид
сместувања и апартмани
од Полихроно и Неи Пори
од Тиват, од Котор
од Будва и Сутоморе
од оние што имаат пари
и од Хрватска па нагоре -
ечат звуци на задоволство
го полнат македонскиот етер
успех и примерно поведение
што ги носи патриотскиот ветер

Домољубите и други со наш пасош
прават деца машки, но и женски
по наредба, но и по желба светa
на лидерот вечен Македонски

Од ниви и ораници
и овоштарници во Росоман
лозја, шпалир и одер
од Кавадарци до Неготино
од планини, од пасишта
каде добиток мука и блее
од тие што работат цело лето
по чие чело пот се лее -
ечат звуци на задоволство
го полнат македонскиот етер
успех и примерно поведение
што ги носи патриотскиот ветер

Домољубите и други со наш пасош
прават деца машки, но и женски
по наредба но и по желба света
на водачот мудар Македонски

Од канцеларии и дуќани
од административни бараки
од новите згради изградени
со должнички маки
од сите безбројни дејности
од за статистика државниот завод
младо, старо, машко, женско
навистина - од сиот народ -
ечат звуци на задоволство
го полнат македонскиот етер
успех и примерно поведение
што ги носи патриотскиот ветер

Домољубите и други со наш пасош
прават деца машки, но и женски
по наредба но и по желба света
на првиот татко Македонски.

ОкоБоли главаВицФото