Барок да е, гага да е!

09.10.2014 02:47
Барок да е, гага да е!

Проектот „Скопје 2014“ си има една мака. Толку е туѓ на својата околина, така што, за да не боде очи, и за да не се гледа таа неговата натрапност и несклад, осуден е вечно да се шири.

На сите оние споменици, коњи, порти и фонтани, за кои се фрлија милиони, сега не им се „вклопуваат“ околните фасади. Затоа мора да се камуфлираат барем со тенок слој барок, засега само однапред, како Потемкинови села. Без оглед дали станарите тоа го сакаат, дали пишуваат петиции или се бунат. И без оглед дали тоа го дозволува естетиката на коцкастите и искршени фасади на модернистичките или соц-реалистички зградички. Барокот мора да се шири, тоа е појако од него, од сите комунални права и естетски правила!

Жените го знаат тоа чувство кога ќе си купат нова чанта. Па на неа потоа не одговараат чевлите, па на чевлите не одговара палтото, па на палтото марамата... и така во недоглед. Така и на нашиве „бароконосци“, откако ќе го „дуздисаат“ центарот на Скопје, нема да им одговара Градски ѕид, па ќе им се види грда Кисела Вода, а замислете колку работа ќе им се отвори во Аеродром! А некој со право ќе праша зошто само Скопје да има барок, а не Куманово, Тетово, Гостивар, Охрид... Само скопјанишчана ли плаќаат данок? И ние сакаме фасада на гага, па макар и била барокна, па макар и била само „отспреди“. А камо барок по национален клуч, камо рамномерен развој на барокот? И така, барокот крај нема!

Кога ќе престане да се шири, барокот ќе падне како кула од карти, како што паѓа велосипед кој престанал да вози. Уште подобро е ако има некој да го запре.

Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња

Слични содржини

Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став
Јавни простори / Став

ОкоБоли главаВицФото