1029 hPa
32 %
18 °C
Скопје - Вто, 05.11.2024 12:59
Ослободувањето на Скопје најверојатно ќе биде единствениот филм што нема да го гледаме. Раде Шербеџија може да биде спокоен: ова не се однесува на неговиот режисерски првенец, што сега го снима на различни делови од градот, туку на веќе реализираниот, прескапиот хорор-проект наречен „Скопје 2014“. Овој што од пред пет години се прикажува во строгиот центар на метрополата, што секој мора да го гледа (зашто е осуден на тоа), без разлика колку и дали воопшто го сака, дали му се грози од сценариото, дали може да ги поднесе сите сцени на урбано и естетско насилство, дали се сложува со кастингот и ролјите што им се доделени на главните бронзени и мермерни глумци-натуршчици, дали има сила да поверува дека овие кулиси и фасади се вистински градби, значи независно од сето тоа секој што ќе помине ќе мора да го гледа, да го трпи, да се навикнува, да живее со него, зашто ќе биде на репертоарот на Градот отсега до вечноста.
Во долгогодишната историја на градот се менувале многу власти и владетели, секој од нив имал (фурал) свој градителски или каков било друг филм, но никој како овие сега не го окупирал на ваков начин неговиот јавен простор, не ги урнал неговите материјални и духовни ориентири, не го сменил неговиот лик и претставата за него. Кога го освоија, веднаш лесно, без борба, го присвоија, зашто немаше никој за да го одбрани слободниот град од нивните проекции и за минатото и за иднината. „Скопје 2014“ е казна со која Скопје е помилувано на доживотна робија.
Извор: Слободен печат
Слика: Свирачиња