Жестоки и масовни протести во Унгарија против данокот на интернет

27.10.2014 15:58
Жестоки и масовни протести во Унгарија против данокот на интернет

Повеќе од 10.000 Унгарци ѝ се закануваат на владата: Данокот на интернет нема да ви помине, имате 48 часа!

Илјадници Унгарци во неделата протестираа поради најавениот нов данок на интернет сообраќајот, кој, како што се плашат, не само што ќе го зголеми вкупното даночно оптоварување, туку и ќе ги ограничи темелните демократски права и слободи.

Владата на Виктор Орбан која многумина ја обвинуваат за недемократски мерки, минатиот вторник го претстави планот за новиот данок. Нацрт законот за данок предвидува компаниите кои даваат интернет услуги да плаќаат данок од 150 форинти (0,5 евра) за еден гигабајт интернет сообраќај.

Протестниот собир во недела го организираше Фејсбук група која има повеќе од 210.000 поддржувачи. Демонстрантите, а некои локални интернет страници проценуваат дека ги имало повеќе од десет илјади, се собраа пред министерството за економија.

„Потегот уследи по бранот лоши противдемократсни мерки на Орбан кои ја туркаат Унгарија сè подалеку од Европа“, велат во соопштението за јавноста организаторите на протестот наречен „100.000 против данокот на интернет“.

„Мерката ќе го наруши правото на пристап до интернет, ќе го продлабочи дигиталниот јаз помеѓу економски посилниот и послабиот слој на унгарското општество и ќе им го ограничи пристапот до интернет на сиромашните училишта и универзитети“, додаваат демонстрантите.

Во еден момент демонстрантите ги подигнаа мобилните телефони и го осветлија плоштадот пред министерството, а потоа одеа до Плоштадот на хероите во Будимпешта. Дел од демонстрантите отидоа и до блиското седиште на партијата на Орбан и фрлаа стари делови од компјутери врз зградата, ќршејќи прозорци.

Организаторите ѝ дадоа на владата 48 часа да го повлече спорниот предлог закон и се заканија со нови протести во вторник.

Владејачката партија Фидеш на Витор Орбан во соопштение во неделата објави дека во понеделик ќе поднесе амандман на законот и ќе го одреди максималниот износ кој би го плаќале поединците. Како што стои во соопштението, месечниот износ би бил ограничен на 700 форинти (2,3 евра), а интернет провајдерите би го плаќале данокот. Но, дел од демонстрантите велат дека новиот данок е отелоторување на новата погрешна владина економска политика. „Тоа за нас би бил двократен данок, бидејќи јас веќе сум платил многу висок ДДВ кога ги купив уредите, компјутерот и рутерот“, вели 43-годишниот Атила Сос, учесник во протестите кој го доведе и целото семејство.

Извор: Jutarnji list

Слични содржини

Општество / Европа
Активизам / Европа

ОкоБоли главаВицФото