Слобода

02.12.2014 15:17
Слобода

На 65-то доделување на Националните книжевни награди во ресторанот Cipriani Wall Street во Њујорк, домаќинот на доделувањето Даниел Хендлер, попознат како Лемони Сникет, кажуваше шеги за ирелевантноста на книжевниот свет и тиранијата на Амазон. Во обраќањето до своите колеги писатели забележа и дека Националната книжевна награда е како доделување на Оскар, „кога никому не би му било гајле за доделувањето Оскар“ и замислуваше телеграма од Џеф Безос во која овој им порачува на издавачите: „Сите ќе ве убијам“.

На крајот на церемонијата, веднаш откако беа доделени наградите за книжевност за млади, поезија, публицистика и белетристика - добитници се Жаклин Вудсон, Луиз Глик, Еван Оснос и Фил Клеј - Хендлер ги тешеше останатите финалисти дека „надвор од книжевниот свет сите нас и онака нè сметаат за губитници“.

Но, најважниот говор на оваа церемонија го одржа Урсула Легвин, примајќи ја наградата за животно дело и посебен придонес за американската книжевност, осврнувајќи се на жанровската дебата и дебаклот во судирот со Амазон и издавачката куќа Хатчет, објаснувајќи ја клучната улога на книжевноста во општеството:

 

Од срце се заблагодарувам за оваа прекрасна награда, благодарност до моето семејство, агентите, уредниците, кои знаат дека за моето присуство овде се заслужни колку и јас, и дека оваа награда е нивна колку и моја. Се радувам за тоа што ја примам и сакам да ја поделам со сите писатели кои долго беа исклучени од книжевноста, моите колеги автори на научна фантастика и фантастика, кои во последниве 50 години пишуваат и чекаат додека важните книжевни награди одат кај таканаречените „реалисти“.

Мислам дека доаѓа тешко време кога ќе сакаме да ги чуеме писателите кои нудат алтернатива на ова што го живееме денес, кои на нашето општество исполнето со страв и опседнато со технологија можат да му понудат поинакви облици на постоење, дури и нова надеж.

Ќе ни бидат потребни писатели кои се сеќаваат на слободата. Поетите, визионерите, реалистите ја шират реалност. Сега ни се потребни писатели кои прават разлика помеѓу производството на стока за широка потрошувачка и занимавањето со уметност. Производството на пишан материјал според продажната стратегија за максимизација на корпоративната добивка и зголемување на приходите од реклами не е баш исто што и одговорното објавување и пишување книги.

Меѓутоа, гледам како на продажниот сектор му се препушта контролата над материјалот, ги гледам и своите издавачи како во глупава паника, во незнаење и алчност им ги наплаќаат електронските книги на библиотеките шест или седум пати повеќе отколку на купувачите во книжарниците. Неодамна имавме пример за профитер кој се обидува да го казни непослушниот издавач, на некои писатели им се заканува корпоративна фатва, додека многу од нас - производителите, оние кои ги пишуваат и прават книгите - го прифаќаат тоа молчејќи. Дозволување економските профиетери да нè продаваат како дезодоранс и да ни наредуваат што да објавуваме и што да пишуваме.

Знаете, книгите не се само стока. Мотивот за профит често се коси со целите на уметноста, Ние живееме во капитализам кој делува непобедливо. Но такви беа и божествените права на кралевите. Луѓето можат успешно да пржат отпор на секој облик на човечко насилство. Отпорот и промената често почнуваат во уметноста, а многу често во нашата уметност - уметноста на зборовите.

Имав долга и добра кариера. Во добро општество. Сега, на крајот на таа кариера, навистина не сакам да гледам како американската книжевност се продава бадијала. Ние кои живееме од пишување и објавување сакаме - а би требало да бараме - чесен дел од приходот. Но нашата вистинска награда не е профитот. Таа се вика - слобода.

Извор: The New Yorker, 20.11.2014.

ОкоБоли главаВицФото