Внук убедил баба дека не е гладен

09.12.2014 15:55
Внук убедил баба дека не е гладен

Скопје, 9 декември 2014

Игор В., 7-годишник од Влае кого родителите го ставиле на чување кај неговата 71-годишна баба, успеал да ја убеди дека бабата дека во моментот кога се сервирал ручекот не е баш гладен.

За овој необичен настан родителите брзо им раскажале на соседите, па малиот Игор сега е главна тема на разговорите во целото соседство.

„Прво се натегавме, баба Митра ми нудеше печено телешко, пржени компирчиња, зелена салата и две парчиња леб со мармалад за десерт, а откако увиде дека не се согласувам со понуденото мени и останувам на ставот дека не сум гладен, ми понуди и два тоста и чоколадо како замена“, раскажува Игор В.

Тој објаснува дека убедувањето траело околу три часа, а бабата конечно попуштила откако тој ѝ соопштил дека претходно дома јадел три мандарини и банана за предјадење, осмина бурек со месо и две чаши јогурт, а за десерт изел кроасан со чоколаден крем и една тулумба.

„Мене и сега не ми звучи многу уверливо дека Игорче не беше гладен, ама што знаеш, со денешниве деца никогаш не си на сигурно. Може стварно не му се јадело. Ако е така, загрижена сум, може треба да го носиме на лекар“, вели 71-годишната Митра.

Нејзината сосетка Мара (68) која редовно ја советува Митра како да си го чува внукот, изрази загриженост за ова, како што ја нарече, инаетење на внукот.

„Како може дете да знае дали му се јаде или не? Денес не му се јадело, утре нема да му биде студено и нема да сака да облече два џемпера место еден... Кај ќе ни биде крајот“, загрижено коментира Мара.