Пасивното вегетаријанство е добро за здравјето

16.02.2016 16:00
Пасивното вегетаријанство е добро за здравјето

Скопје, 16 февруари 2016

Медицинскиот тим на ланецот сендвичари „Вили“ ги објави резултатите од двегодишното истражување, а откритието изненади многумина.

Според научниците од „Вили“, пасивното вегетаријанство е добро за здравјето, ја подобрува крвната слика и го регулира крвниот притисок, а позитивно влијае и врз намалувањето на ризикот од срцев удар.

„Ваквиот заклучок е недвосмислен, затоа што нашето истражување покажа дека 100 проценти од испитаниците кои јаделе хамбургер до некој што јаде варена брокула, почувствувале благотворни ефекти од брокулата“, вели д-р Тино Плескавически.

„Најтопло им препорачуваме на сите љубители на брза храна да ги јадат своите сендвичи и порции во близина на некој што јаде салата од цвекло или конзумира некој друг зелечук или овошје, по можност органско. Пасивното вегетаријанство може да се покаже како круцијално за здравјето на човекот“, велат истражувачите од „Вили“.

Но, ова не е единственото благотворно дејство на пасивното вегетаријанство. Во одредени случаи, тоа позитивно влијае и на расположението и душевната состојба кај луѓето.

„Неколку наши испитаници беа лошо расположени и не беа баш пресреќни што јадат чизбургер. Но, кога до нив сместивме тројца луѓе што јадат брокула, испитаниците веднаш се расположија и почнаа да се смеат“, раскажува д-р Плескавически.