Љубољубна

10.12.2014 14:52
Љубољубна

ЉУБОЉУБНА

ја повивме љубовта со чаршафи
натопени со крв
потопени во солзи
и подавајќи ни рака за спас
ѝ понудивме помош давејќи ја
додека таа стенка
писка и
вриска до последен здив

така ние се спасивме од неа
од нас
јас од тебе
ти од мене
секој од самиот себе

години подоцна
кога посакавме да сакаме
кога посакавме да бидеме сакани
таа нè уби

наместо
буцкастото дете голомеше со продорна стрела
ни ја испрати
анорексичната даркерка со коса

сè што сеевме си ожнеавме
па дури и семето на љубовта
на мојот татко и твојата мајка
на твојот татко и мојата мајка
сè што се роди од нив умре во нас

за љубовта остана да читаме по туѓи текстови
и да ја ловиме по лицата на туѓинците
што нè одминуваат
што не можат да нè засакаат
што не можеме да ги засакаме
затоа што љубовта нас не нè сака
затоа што не е природно
убиениот да си го сака убиецот
колку и да станува збор
за злосторство од страст
колку и да станува збор
за злосторство по крв

злосторство си е злосторство
љубов си е љубов

а за нас љубовта е само љ

 

СКОПЈАНЕЦ

скопјанец
те сретнувам секогаш на туѓ терен
никогаш на домашен скопски
на станици железнички и земји странски
на места со малку пречеци и многу разделби
таму нам ни се сретнуваат животите
и заеднички ни продолжуваат патиштата
водејќи нè сè до крајната станица
која нè раздвојува на север и запад

скопјанец
те сретнувам секогаш на туѓ терен
никогаш на домашен скопски
на станици железнички и земји странски
на места со малку насмевки радосни
и многу солзи разделбени
таму нам ни се сретнуваат животите
и заеднички ни продолжуваат патиштата
ние сме само актери на туѓи претстави
ти го играш својот дел
јас својата улога
режира судбината
или Оној во кој не веруваме

скопјанец
те сретнувам секогаш на туѓ терен
никогаш на домашен скопски
на станици железнички и земји странски
сосема неочекувано и без очекувања
во паузите помеѓу љубовните расчекорувања
во хотелски соби со брачни кревети
од чаршафите не протекува крв бела и семе бело
но со многу ТВ и прекумерна доза вино бело
јас недоволно жена
ти прекумерно џентлмен (или доволно геј)
и двајцата прецизно дозирани со пријателство
многу почит многу восхит
ич љубов ич страст
така е најдобро така е совршено
да не беше толку префинето интелигентен
и галантно внимателен
колку што си проклето убав
ќе му ја одземевме невиноста на пријателството
влегуваме од една приказна во друга
создаваме сопствени спомени
што не се бришат
оти се филмски ретки
и вкоренети во нашите клетки
се прелеваат како фотографски слики
одѕвонуваат како реданици зборови ѕвонарици
си се откажал од уметноста
сум се споила со уметноста
те прашувам каде ти е опремата
си ја продал ми велиш
ме прашуваш каде ми се зборовите
ти ги рецитирам стиховите
ти се допаѓаат
или барем дека ти се допаѓаат искажуваш
она што навистина го мислиш не го кажуваш
не можам мислите да ти ги прочитам
ти читаш лица
оти создаваш слики
нам малку ни се создаваат прилики
но затоа умешно научивме да ги зграпчуваме
и исто толку безболно од нив да се откажуваме
кога ќе дојде време за тоа
или едноставно
кога патот ќе ни заврши во скопје

скопје
има многу патишта раскрсници
таму нè чекаат нашите врсници
те прашувам колку често патуваш
математички да ги пресметам шансите
за наредна средба со неизбежна разделба
ти ја кажувам својата идна дестинција
и веднаш ја откажувам
од страв дека пак ќе те сретнам
и нема да можам да поднесам
дека опремата си ја продал
и од уметноста си се откажал
си станал финансиски пресметлив
банкарски менаџер
а јас див нескротлив бунтовен ренџер
ти спијам со пријателите
ууупс забранета територија
основно правило во машката пријателска теорија
и ние сме пријатели
(ама од два различни пола)
и колку поретко се гледаме
толку повеќе се почитуваме
и колку поретко се сретнуваме
толку повеќе еден на друг се радуваме
толку повеќе се сеќаваме
ти во слики јас во зборови
јас во здраво ти во чао
значи навистина браво
накаде и да тргнеме одиме само право
оти скопје е како рим
сите патишта водат таму
и сите разделби се случуваат таму

скопјанец
те сретнувам секогаш на туѓ терен
никогаш на домашен скопски
на станици железнички и земји странски
а патувам често
по автопати широки и друмови недогледни
таму е моето место
и ако некогаш побараш спротивен пол
за размена на тишини и зборови
кон пространството на патиштата погледни
и ако те повикаат по нив тргни повели
облечи нови чевли
спакувај стари спомени
по пат ќе налеташ на истите промени
ќе бидам таа но поинаква
различна а иста
и историјата повторно ќе се повтори
и далечината блискоста меѓу нас ќе ја отвори
и откога ќе си ги кажеме репликите
и ќе ги оживееме сликите
ќе се поздравиме
како божем повторна средба сме си закажале
а знаеме дека и времето и местото од нас се откажале
пријатели сме ... сме на жица ... спиеме

 

 

КАДЕ БЕШЕ ПОСЛЕДНИВЕ 3 ГОДИНИ?

каде беше последниве 3 години?

зарем е битно?
еве ме
сега сум овде
овде сум
сега

можеш да ме имаш во наредните 3 години
можеш да ме сакаш во наредните 3 месеци
можеш да ме љубиш во наредните 3 седмици
можеш да ме засмејуваш во наредните 3 дена
можеш да ме посакуваш во наредните 3 часа
можеш да ме изгубиш во наредните 3 минути

каде беше последниве 3 години?

зарем е битно?
еве ме
сега сум овде
овде сум
сега

ме добиваш за 3 вечности

би менувал ли вечност за ситни години
како царство за коњ?

каде беше последниве 3 години?

те чекав 23 претходни години

стоев на зелено
секогаш кога ти иташе на црвено
на раскрсницата
каде
небото се дели со желбата

и го освојував секој врв
кога ти ја истрчуваше секоја удолнина

и секои 3 години
ја менував преткомората на срцето
во кое ми домуваше
како во болнички кревет во кома

и секои 3 години
правев пилинг на мирисот на кожата
во која ми спиеше
како дете во мајчина прегратка

и секои 3 години се запрашував
кога ли ќе поминат наредни 3 години
за да се запрашаш каде сум
и во која пора од твоето битие постојам

Елена Пренџова со својата стихозбирка „Љубољубна“ е добитник на наградата „Караманов 2014“. Наградата беше доделена во склоп на 41-те Караманови средби во Радовиш, кои годинава ја одбележаа 70 годишнината од смртта на поетот Ацо Караманов.

Елена Пренџова (1985, Скопје) дипломирала англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје.

Авторка е на шест збирки поезија: „Јас“ (2006), „Таа“ (2009), „Пораки од морето“ (2011) која ја доби наградата „Бели мугри“, „Живот под ѕвездите“ (2013) која ја доби наградата „Македонска книжевна авангарда“, „Политички коректна поезија“ (2014) и „Љубољубна“ (2014) која ја доби наградата „Караманов 2014“.

Приредувачка е и на антологијата, „Антологија на младата македонска авангардна поезија“ (2012) и членка на консултантскиот тим за превод на првиот англиско-македонски „Хип-хоп речник“ (2008) на авторите Славчо Ковилоски, Александар Ковилоски и Емилија Ковилоска.

Од 2012 година е активна членка на Друштвото на писателите на Македонија, а од 2013 година и една од уредниците на најстарото книжевно списание во Македонија, „Современост“.

Пренџова е и слемерка. Последнава година организира слем настани низ градовите во Македонија, а остварила и слем настапи во Белград, Србија.

Слики: Rob Woodcox

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото