Контра-пленумот организираше воскресение на образованието

15.01.2015 13:39
Контра-пленумот организираше воскресение на образованието

Скопје, 15 јануари 2015

Професорскиот контра-пленум организираше воскресение на образованието во Македонија, како одговор на синоќешниот погреб на истото, во организација на Професорскиот пленум.

Со поздрави „Импакт воскресе - навистина воскресе“, македонските контра-пленумци ги поздравија реформите кои, според нив, ќе го преродат т.е. воскреснат образовниот процес во Македонија.

„Возљубени импактољупци, на денешен ден воскресна образовниот процес во Република Македонија, благодарение на заложбите на неговото премагистерство Никола Груевски. Нека е за многу години!“, рече професорката и игуменија од Правниот факултет Тања Каракамишева.

„Откопувавме на местото каде Пленумци го погребаа образованието, но не најдовме никакво образование. Тоа е најсилен доказ за воскресението“, објасни таа.

На местото на воскресениет пред Собранието на Република Македонија, се појави и претседателот Ѓорге Иванов, кој рече дека се радува како обичен верник, но не и како професор.

„Ова е голем ден за сите граѓани на Македонија кои се вистински вљубеници во знаењето. Би сакал да им честитам, а воедно и да им простам на членовите на Професорскиот и Студентскиот пленум. Но, како верник, а не како претседател или не дај боже професор“, рече Иванов.

Министерот за образование Абдулаќим Адеми не беше достапен за коментар. Тој не одговараше на нашите повици, само ни испрати кратка СМС порака: „На шопинг сум во Тирана“.

Инаку, архиепископот г.г. Стефан ги потврди шпекулациите дека по образовното воскресение, Тања Каракамишева ќе добие почесно место во Синодот на МПЦ.

Слика: Свирачиња