За државната тајна

05.02.2015 12:11
За државната тајна

За некоја информација да биде прогласена за државна тајна таа треба да биде класификувана, да биде определен степен на нејзина заштита и таа заштита да биде „соодветна со степенот на штетата што би настанала за Република Македонија со неовластен пристап или неовластена употреба на информацијата“.

Тоа значи дека, доколку има обратна ситуација, односно, доколку заштитата на информацијата предизвикува штета за Македонија, треба да се примени и принципот на заштита на Македонија со објавување на соодветна информација.

На пример, некој орган (еве најхипотетички, министерот за урбанизам) решил да ја прогласи за државна тајна информацијата дека некоја од браните во Македонија е несоодветно изградена и во конкретни услови може да попушти и да предизвика голема штета и жртви. Ваквата информација и нејзината заштита претставуваат загрозување на граѓаните и нивните имоти (или, загрозување на Македонија).

Тоа би значело, дека откривањето и јавното презентирање на вакви податоци не само што не смее да биде казнето туку треба да биде наградено.

Заклучок 1:

за некоја информација да биде државна тајна, не е важно само како таква да биде прогласена од страна на надлежен орган, туку нејзиното изнесување да ѝ штети на Македонија (под Македонија не се подразбира владејачката структура, туку граѓаните на Македонија). Двата принципа треба да постојат кумулативно.

Заклучок 2:

доколку Заев изнесе на виделина информации кои се водат како државна тајна, а со чие изнесување се спречува штета за Македонија (читај - за граѓаните на Македонија), тој не може да биде кривично гонет.

Едноставно, тој документ (информација, податок кој се води како државна тајна) не ги исполнува условите да биде државна тајна затоа што според член 8 од Законот за класифицирани информации: „Класифицираната информација со степен ДРЖАВНА ТАЈНА е информација чие неовластено откривање би предизвикало загрозување и нанесување непоправливи штети на трајните интереси на Република Македонија.“

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Алберто Родригез