Македонскиот универзитет

19.02.2015 15:43
Македонскиот универзитет

Македонскиот универзитет никогаш до крај не успеа (или не посака) да се еманципира и потполно да се одвои од неговиот основач - државата. Можеби тоа е и невозможно целосно, но е неоподно во уставно пропишаната рамка на функционална автономија. Академските институции претходно подложни на општо државно надгледување, изминатите години беа ставени под строг партиски надзор. Со непрекинатите образовни реформи режимската бирократија стекна солидна и сеопфатна контрола над академскиот живот - финансиска, кадровска и наставно-научна. Во целиов процес Ректоратот се јавува исклучиво како посредник меѓу Партијата и факултетите. Тој е тука за само „бирократски“ да го препокрие инсталирањето на енормните количини на неспособност, насилие и кодошлук во академијата и евентуално понатаму тоа да го закити со по некоја коруптивна награда. Практиките на репресивно дисциплинирање на универзитетот (кој да се вработи, како да се напредува, по какви книги да се предава) и прилагодувањето кон нив однатре ја сруши секоја либерална надеж за академска слобода.

Режимската делегитимација на универзитетот од најново време е двојно засилена и преку неговото грубо нео-либерално расклопување (реформирање согласно критериумите на Шангајската листа). Упадот на власта сега е со јазикот на реформите, на „економската одржливост“, „пазарот на трудот“ и „светските дострели на развој“. Финалниот удар по автономијата на универзитетот така е покриен со поширокиот диспозитив кој е слободен да го произведе крајот на академската слобода ако „пазарите“ и „експертите“ ни го кажат тоа.

Слабиот ученик (диктатор-реформатор) сега ја држи науката за врат. Со Шангајската листа мава по авторитетот на професорите (кои сега може слободно да ги обвини - не бил тој слаб, тие не биле импактни). На овој начин професорите служат како лесни мети на „реформите“ во чии шеми за одговорност е содржана манијата на власта за „проверка“ (тестирање) на секој и секого, заедно со нејзината речиси инстинктивна аверзија кон умот.

Скриениот ред на политиките всушност ги создава политичките и економските консидерации за инфраструктурата на образованието; се деградираат интелектуалните ресурси преку драстично намалување на финансирањето кое, пак, го загрозува научното истражување (развојот на професорите и студентите), квалитетот на постоечките програми и дури и опстанокот на цели институти. Со тие политички мерки власта ја става академијата на периферијата на меѓународната научна заедница – а суштинските проблеми само се бутнати по тепих.

Нападот спрема универзитетот и образованието воопшто не може да биде разбран надвор од нападот спрема самата демократија. Според тоа, да се лоцираат различните форми на притисок и да се анализира флуидната контрола која (во име на технолошко-економски прогрес) се шири невидливо низ современиот Универзитет на западните демократии - е примарна задача. Кон таа задача, покрај домашните репресивни околности, треба да се пристапи со голема одговорност.

Изминативе неколку децении универзитетите се удрени со бран на меркантилизам. Процесот на релокација на знаењето - ставено во циркулација на ист начин како и парите - го претвори универзитетот во помошник на корпорациската моќ и високото учење стана дел од трговскиот бизнис. Доминантното сведување на знаењето на негова практична вредност му се заканува на целокупниот систем на знаење, маргинализирајќи ги хуманистичките науки генерално, но особено апстрактните дисциплини, како филозофијата, која ги сочинува основите на знаењето. Овој прагматичен критериум исто така го доведува во прашање фундаменталниот принцип на автономија на универзитетот, бидејќи има длабоки импликации за неговата структурна динамика и за неговото севкупно економско функционирање како институција. Овој принцип ја засега целокупната структура на нешто што било средишно во демократскиот политички проект цели два века.

Што се случува кога универзитетот е третиран како корпорација, а знаењето како пазарно добро?

Бидејќи академските субјекти во вакви услови го добиваат своето значење речиси ексклузивно низ нивната разменувачка вредност на пазарот, тие нужно влегуваат во соодветен систем на рангирања. Иако класификација на универзитетите од еден или друг вид постоела и некогаш игра(ла) важна улога, глобалните универзитетски рангирања од поново време (ARWU; THE; US News; QS; NTU; CWTS Leiden Ranking; U-Map; SCImago; Webometrics) далеку од тоа дека функционираат како вредносно-неутрални индикатори на квалитет. Рангирањата наметнуваат идеализиран модел на елитистичка институција (универзитет-корпорација) како норма која треба да биде остварена и го генерализираат неуспехот тоа да се постигне. Глобалните универзитетски рангирања кои треба да изгледаат како смела, отворена компетитивна борба се едноставна направа за репродуцирање на перформативната капиталистичка сегашност во иднината. Со својот специфичен дискурс на цитати, импакт фактори, индекси на списанија и рејтинзи кои немилосрдно ги репродуцираат воспоставените хиерарахии на репутација, но и јазичните и социо-идеолошки предрасуди, концентрациите на финансиски ресурси и на моќ, па дури и циркулацијата на студенти - глобалните универзитетски рангирања работат како самодисциплинирачки процеси на надгледување и нормализација на неолибералниот субјект.

Ваквиот „мек начин“ на транснационална регулација на високото образование (низ стандардизација и нормализација) кој ги репродуцира пазарно заснованите хиерархии и нивните „режими на вистина“ се покажува посебно смртоносен по општествените и хуманистичките науки. Нивното онеспособување се одвива преку систематско потценување на предавањето и преку начинот на мерење на истражувачките перформанси на академијата.

Предавањето е екстремно комплексна и во една своја димензија интимна човекова активност - ова е општо познато барем од Платон и неговите дијалози. Во општествените и хуманистичките науки предавањето е составен дел на продукцијата на знаење, а не некаква надворешност. Ова е така поради толкувачката и во исто време дијалошка природа на општествено-научното знаење. Имајќи на ум дека нашиот општествен свет е барем делумно конструиран низ рефлексивните (само-)разбирања, (само-)толкувања и идеолошки ставови, ширењето на нашето знаење за општествените феномени може да се одвива единствено низ толкувања кои вклучуваат споделување на интерпретативните хоризонти на општествените чинители и дури и некоја форма на вистински дијалог со нив и помеѓу нив (Хабермас). Предавањето тука се јавува како важно поле за активирање и потврдување на ваквото дискурзивно знаење.

Како и да е, глобалните универзитетски рангирања не вклучуваат критериуми поврзани со предавањето, или во ретки случаи го вклучуваат на начин тоа да е потценето. На пример, предавањето не се појавува во критериумите на Шангајската листа (ARWU) која е епифанија за нашата влада. Од друга страна, дури и кога предавањето е меѓу критериумите на некое од глобалните рангирања, тоа е мерено низ фактори кои се повеќе врзани за овозможувачките или опкружувачките предуслови (број на студенти по професор, техничка опременост итн.) отколку за самиот образовен процес.

Потценувањето или, поточно, изопачувањето на предавањето во дискурсот на глобалните универзитетски рангирања може да биде земено како сериозен инструмент за уривање на посебниот менталитет на општествените и хуманистичките науки. И ова би бил посакуваниот „напредок“ за нашата власт - умствените квалитети претставени исклучиво преку поени и калкулации за „перформансите“ на партиските статисти, наместо низ способност за креативни опсервации/проникнувања и за добро информирани/култивирани образложувања. Само откако амфитеатрите ќе бидат поништени како социјални простори, во нив комотно ќе влезе партискиот антиинтелектуалец како професор.

Во секој случај, со предавањето кое исчезнува или е погрешно претставено најважниот критериум на глобалните универзитетски рангирања станува истражувањето. Истражувачките резултати во областа на општествените и хуманистичките науки се оценуваат преку бројот на трудови објавени во списанија индексирани во Thompson Reuters' Science Citation Index-Expanded (втората епифанија на владата) и Social Science Citation Index. Влијанието на истражувањето (неговиот „импакт фактор“) се определува врз основа на тоа колку често трудот е цитиран според логиката дека „цитирањата помагаат во покажувањето колку секој универзитет придонесува за сумата на човековото знаење“, кажувајќи ни „чие истражување било споделено низ глобалната академска заедница за да ги помести понапред границите на нашето колективно разбирање“.

Како и да е, поблискиот поглед кон врските меѓу рангирањата и базите на податоци на Томпсон Ројтерс укажуваат на следното:

1. При мерење на истражувачките резултати и влијанија се земаат предвид само трудовите објавени и цитирани во списанија. Дополнително, мерењето на истражувачката активност и влијание само во рамките на односните научни публикации тесно го дефинира „импактот“ како нешто што се појавува само меѓу академските колеги. Публикациите надвор од списанијата, како што се книгите, работните научни трудови, докторските дисертации, коментираните изданија на литературни текстови и коментарите на закони се мошне важни, некогаш и критични за многу области на општествените и хуманистичките науки. И повеќе, истражувачките резултати тука често се адресирани не до тесните академски заедници, туку до други општествени и политички субјекти, како владите, меѓународните организаци, општата јавност, невладините организации, или општествените движења. Целиов материјал кој ги изразува општествените и политичките интереси на општествените и хуманистичките науки не е покриен со датабазите на Томсон Ројтерс. Градењето на ваква култура на академијата (култура на „теориски фетиш“) како директно спротивна на отвореното и пристапно општествено ангажирање е опасно за општеството и за високото образование. Изолирани научници кои „градат тули“, а не обликуваат политики. Академска тесноградност која ги регистрира не потребите за вистина, туку потребите за градење академска империја.

Па така, врзувајќи ја македонската академија за Томпсон Ројтерс рангирањата, власта ќе ги обессили факултетите, директно ќе им ја одземе способноста да учествуваат во производство и употреба на знаење нужно за конфронтирање на најважните општествени, економски и социјални проблеми на земјата. Присилени на „интелектуална ортодоксност“ (налик онаа на МАНУ) нашите професори ќе бидат напикани во ќошот на „интелектуалната релевантност“ и „неутрализирани“.

2. Понатаму, отворената пристрасност на Томпсон Ројтерс против неанглиските говорни списанија ја потенцира потребата да се фокусираме на списанија кои објавуваат текстови (или најмалку библиографски единици) на англиски. Сосема природно, непретставувањето на неанглиските истражувачки резултати резултира со привилегирање на англосаксонските високообразовни институции за сметка на високообразовните институции кои можат и треба да играат активна национална/едукативна улога. Но јазиците и националните публики значат, особено во општествените и хуманистички науки. Во јазикот е местото каде што нашиот општествен свет е константно реартикулиран, поставен, обоен, нијансиран и поделен, одново замислен и обмислен. Научното знаење за општествениот свет може да напредува само во мултилингвален свет. Од друга страна, во многу општествени и хуманистички науки, како на пример правото, значителен дел од истражувачките резултати се по дефиниција насочени кон националните публики. Индиферентноста на Томпсон Ројтерс кон таквите публики, јазици и разлики го исклучува нивниот научен интерес/придонес од сумата на човековото знаење или ги колонизира локалните реалности (на што јасно укажуваат професорите по книжевност, македонски јазик, етнологија, антропологија). И токму ова, а не спорот со името е најдиректната закана по нашиот идентитет и нашата култура.

3. И конечно, при мерењето на истражувачките резултати и влијание предвид доаѓаат само публикации и цитирања од последните неколку години. Ова е неопходно поради тоа што рангирањата имаат годишен карактер. Од друга страна, сигурно е дека рангирањата ќе изгубат многу од нивната комерцијална вредност ако го напуштат нивниот годишен карактер. Оваа структурна карактеристика на глобалните универитетски рангирања се коси со фактот дека влијанието на еден труд во литературата по општествени и хуманистички науки вообичаено се распространува преку цитати низ подолг временски период. Тоа е тесно поврзано со неексперименталната природа на продукцијата на знаење кај општествените и хуманистичките науки. И што би биле овие науки ако само публикациите од последните неколку години се доволно важни за да се цитираат? Фактот дека се сметаат само цитатите и публикациите од последните неколку години води кон извитоперување на творечките и истражувачки однесувања. Во прагматичната политика на финализирани истражувања, вака наметната над универзитетот, станува сè потешко да се брани сознајната супериорност на фундаменталните истражувања и солидната работа. Импактите на крајот се претвораат во верзија на интелектуален инфантилизам. Дополнително, листите и рејтинзите на списанијата стануваат предмет на постепени компромиси помеѓу научните заедници и уредувачките бордови. Под палката на Томпсон Ројтерс нашите факултети ќе се зацементираат како мртви зони на имагинација помешани со еден вид брутализирачка одбрана на гнили пози и потрага по статус.

Условениот, пазарно-заснован универзитет на глобалните универзитетски рангирања не може да ја игра својата поддржувачка улога во поглед на нашата слобода. Ниту може да биде разбран надвор од производството на неолиберланиот субјект, оној кој е атомизиран, неспособен да ги поврзе приватните прашања со пошироките јавни консидерации и е научен да верува во форма на радикален индивидуализам кој овозможува брзо повлекување од јавната сфера и од барањата за економска и социјална правда. Овој субјект („економски човек“ на Чомски) промовира како незаинтересираност за јавното добро, така и гледање на правдата и демократијата како товар, ако не и патологија.

Тоа бара радикална опозиција на тезата дека образованието мора да биде детерминирано од економската реалност. „Неусловениот универзитет“ не е никаква утописка апстракција, ниту заговарање на некаков „теоретски елитизам“ од страна на општествената интелигенција која се чувствува загрозена и неспособна да се справи со оперативните перформанси на техничкото знаење. Сосема обратно, доминатната редукција на знаењето на негова практична вредност или корисност е крајно регресивно и опасно бидејќи го претвора самото образование во процес за прагматична редукција на знаењето. Универзитетот не само што мора да одолее на економската редукција на знаењето, туку исто така е и повикан да ги предводи новите начини на производство, да изгради нови модели на општествена интеракција и работна етика - одново да ја пронајде правдата.

Според тоа, примарна задача на универзитетот е да ја осигура радикалната автономија на практиката на знаење. Ова подразбира обезбедување радикална автономија на образованието. Радикалната автономија на знаењето и образованието се структурални услови за остварување на радикалниот демократски политички поредок. Без автономијата на знаење и образование, општествениот свет нужно ќе биде ограничен на брутална репродукција на моќта и на економска принуда.

Тоа значи дека универзитетот мора да биде воден од политичка, а не од економска логика. Универзитетот мора да биде местото на безусловниот приоритет на политичкото над економското. Ова не значи негово порамнување со партиските цели, интереси и проекти. Универзитетот не е политичка институција, тој е институција на политичкото. Не е заснован во политичката стварност, туку е место на самата нејзина возможност. Тој е нужно вклучен во политичката актуелност, но таа не го определува. И тоа мора да биде така зашто универзитетот е институција чиј повик е да бдее над критичката област, над критичкото јадро на јавната сфера и, последователно, над политичкото (Б. Мачев). Оваа област на остроумност, расудување и критика во срцето на јавната сфера, која не припаѓа на ниту еден приватен интерес, е онаа која ги поставува условите за демократија.

Како неповредлива територија на критичко мислење, универзитетот е место каде што знаењето, мислата мора да биде не само бранета, туку и постојано предизвикувана. Дерида со право ги поврзува „демократијата во доаѓање“ со „неусловениот Универзитет“ замислен како место во кое ништо не е над испитувањето, дури ни моменталниот и детерминиран облик на демократијата. Во оваа смисла неусловениот универзитет имплицира многу повеќе отколку само „прогрес“. Како институција на критичко мислење тој исто така мора да го носи и потенцијалот за трансформација (во спротивно никој не гарантира дека на крајот на праволинскиот економски прогрес не нè чека логор).

Од оваа перспектива станува јасно дека „периферните“ хуманистички науки (оние науки кои имаат најмалку прагматична употреба, посебно филозофијата) се фундаментални не само во смила на типологија на науките, туку исто така во смисла на нивниот политички и критички потенцијал. Тие се фундаментални токму поради тоа што немаат фундамент, поради тоа што тие се место на „мислата“ и нејзиниот критички потенцијал, на трансформативноста на постоењето.

Па така, одржувањето на универзитетот како јавно добро и демократска јавна сфера ја наметна потребата од преобмислување на универзитетските рангирања како мапи на вистинска академска извонредност кои нема да го потиснат елементот на неусловена отвореност кон новината и елементот на „генијалното“ (што е неразделно со академската слобода традиционално восприемена). И во оваа смисла постојат конкретни мобилизирања за заштита на дискурзивниот дух на општествените и хуманистички науки и истражувачкиот дух на академијата генерално.

Правилното разбирање и вреднување на предавањето како дел од продукцијата на знаење во општествените и хуманистички науки сериозно го оспори наметнувањето на „истражувачки силниот универзитет“ како супериорен модел на институција и упати кон важноста од постоење и на „предавачки силни универзитети“. Настојувајќи да ги совлада недостатоците на постоечките системи на рангирање (како Шангајската листа), новиот систем на рангирање на Европската Унија (U-Multirank) воведе многу поосетлив, сеопфатен и мултиварирачки пристап кон оценување на образовниот процес. Сепак, фактот дека амфитеатрите се конструирани како социјални простори низ рефлексивното разбирање на ставовите на самите актери (студентите и професорите) ја држи отворена дистанцата на академијата кон бодувањата кои може да ги обезбеди некој надворешен оценувач.

Заштитата на истражувањето, пак, од сите искривувања до кои доведе врзувањето на неговата вредност за импакт факторот на научните списанија мобилизира барања за ослободување на науката од тиранијата на луксузните списанија. Во својата сериозна загриженост за практиките на овие списанија, истакнати научници веќе декларираа нивен бојкот. Ослободувањето од притисокот да се следат нивните немеритократски критериуми ќе остави простор научниците да се посветат на сериозни истражувања наместо да користат скратени патишта и да тежнеат кон „тренди“ полиња на науката. Дополнително, активно се работи на замена на традиционалните филтри на Томпсон Ројтерс и неговиот Journal Impаct Factor со нови метрики (алтметрики) засновани на социјалните медиуми кои овозможуваат „демократизирање на знаењето“, дозволувајќи сите форми на „„истражување“ да влезат во јавниот дискурс и да влијаат на демократскиот процес. Ваквите алтметрики кои опфаќаат различни публики (научниците, практичарите, едукаторите и општата јавност) носат потенцијал успехот да биде мерен не во броење на цитати, туку според опсегот во кој научното истражување ги менува начините на кои мислиме за проблемите со кои се соочуваме и за нивните решенија. Алтметриките исто така овозможуваат вклучување на земјите во развој во меѓународната научна мисла. Останува како есенцијално да се разберат начините на кои алтметриките се различни од цитатите и како тие можат да ги обликуваат истражувачките агенди (за да не завршат како поткрепа на традиционалниот импакт на цитати) и задолжително да се вклучи академијата на земјите во развој во нивно моделирање (за да не станат само друга мерка од развиениот свет за развиениот свет).

Неусловениот универзитет како место на потрага по вистина, правда, еднаквост и слобода е неминовно засегнат со и вклучен во борбата за слободен пристап до знаење и е против постоечката приватизација на трансферот на знаење - процес во кој целото светско научно и културно наследство објавено низ вековите во книги и списанија е засилено дигитализирано и заклучено во грст приватни корпорации кои ги поседуваат авторските права и заработуваат огромни суми наплаќајќи го пристапот до трудовите. Круцијално за оваа битка е настојувањето пристапот до знаење да се разбере како прашање на демократија (Aaron Swartz – Guerilla Open Access Manifesto). Кога пристапот до знаењe им е дозволен само на луѓе со пари или на елитните универзитети од Првиот свет, тогаш ваквата приватизација на знаењето ги зацврстува класните структури и продуцира масивни нееднаквости во општествата и светот. Определени индивидуи, групи и цели општества се однапред исклучени од изразувањето на позиција под изговор: вие не ни знаете како фунционира светот. Според тоа, способноста да учиме од големите умови кои дошле пред нас и да градиме врз тие информации/знаења; способноста да се разбере и учествува во управувањето на општеството, сите тие имаат силно демократизирачко влијание. Отворениот пристап до истражувачките публикации, списанија и книги без надомест промовира споделување на знаењето и негова циркулација, што за возврат придонесува кон иновативниот и имагинативниот капацитет на човештвото. Оттука неусловениот Универзитет настојува да ја врати научната традиција на споделување на резултатите од академските истражувања кои глобалните листи ги затворија во економски калкулации.

И додека универзитетите се дистанцираат од глобалните универзитетски рангирања и ги преобмислуваат концептуалните подредувања како би го ослободиле просторот за развој во склад со слободата, правдата и еднаквоста, Македонскиот универзитет допрва ќе биде залепен за овие рангирања. Светот „создава“ и при тоа прави смет. Македонија го собира сметот и од него ги „гради“ своите национални стратегии, ги крева своите ѕидови на неукост и догма. Кога партиското зомби на факултетите ќе се врзе за моделот на „економскиот човек“ на неолиберализмот, Македонскиот универзитет ќе се востоличи како жариште на зајакнат анти-интелектуализам. Тој зомби, комплет со основните и средните школи, ќе ги креира новите Македонци - генерации и генерации на снобови-робови.

Студентското движење создаде и на професорите им подари нови идеолошки и афективни простори во кои тие ќе можат да ја изразат радикалната имагинација и својата автономија и да развијат проект и политика на едуцирана надеж. Како и да е, професорите упорно одбиваат да го лоцираат стожерот на она што мора да биде нивната борба - пристапот до знаење. Факултетите со години се намерно оневозможувани од можноста за развој. Оставени на сè помали ресурси, без средства за книги, библиотеки и пристап до електронските бази на списанија, режимот ги држи зависни. Прво ги отсекува од пристапот до глобалното знаење и директно им го оневозможува развојот, а потоа ги плаши дека се слаби.

Универзитетот мора најпрво – пред каков било влез во законски реформи за студиски програми и наставни планови - да се обрати на раната фазата во која е - фаза во која државата го ретардира. Професорите мора да создадат безбедна околина за умот. Дури потоа доаѓа импктноста и сè друго. Улогата на владата мора да биде редефинирана на државна поддршка на високото образование, не негово деградирање и купување традиција од надвор. Финансирање, наместо директна контрола. Одговорноста на демократската држава е да обезбеди политики на овозможувачка средина, обезбедување на јавно финансирање (за книги и електронски бази и истражувања) за да се стимулираат овие институции, бидејќи тие се имуниот систем на општеството - место каде што се појавува ветувањето за подобра иднина. Целта е силен универзитет еманципиран од државата.

За што друго би требало универзитетот да се бори ако не за ова? За што друго би требало да не-преговара, да се „радикализира“ ако не за ова? Македонските студенти (како и професорите) мора да имаат пристап до светското научно и културно наследство, а не на поклон да ги чекаат лошите преводи на владата или себенасочените текстови на нашите „хани“ и „жижечиња“.

Крајно обесхрабрува начинот на кој во моментот се брани автономијата на умот. Режимот го пороби универзитетот и дискурсот околу него. Ја врами академијата во своите визии за реформи и сега ја ниша таму. Заробени во дискурсот на владата, ставени на шините на авторитарно-капиталистичкиот Шангајски воз, „незбунетите“ професори сеат забуни. Тешко е неколкуте поединечни, но медиумски гласни/доминантни професорски гласови да се примат како просветителски. Со нивните лични катарзи и психо-драми повеќе создаваат недоветен колективен флуид кој е парализиран во прогласување па оспорување победи, во обвинувања за преговарање, па фалење на преговараното, итн. Заморно е да се следат нивните егоистични ловови и ломови. Егото е сеприсутно, но мислата стига само до половина пат. И академијата ќе мора својата агенда да ја ослободи од ваквите мачоизми и женски лелеци и да ја врати кон благородната ослободителна мисија - да се мисли строго на тоа колку ќе се издигнат условите во кои предаваме и учиме. За студентите да се борат со јака наука, а не да бидат осуетени и да зависат од поволноста или неповолноста на соработката власт-универзитет.

Ова се темни времиња за македонскиот Универзитет и образованието воопшто, но не мора да останат такви. Ова покренува сериозни прашања за тоа што едукаторите ќе направат со моменталната историска клима за да обезбедат дека тие нема да подлегнат на авторитарните сили кои кружат околу универзитетот и веќе се удобно втемелени на некои факултети чекајќи спротивставувањето да престане и светлата да се изгасат.

Сега ни требаат гласовите на оние кои можат да видат алтернативи за тоа како ние живееме, кои можат да гледаат преку нашиот логор во други начини на суштествување и да замислат некакви реални територии на надеж. Ние имаме потреба од реалисти на една поширока реалност. Влогот е многу поголем отколку само државниот испит и преговарањето за законските реформи - се работи за колапс на јавните вредности и уништување на опсежната визија за политиката, паралелно со растечкиот авторитаризам, кодошењето и шпионирањето, ксенофобијата и другите анти-демократски практики на државата. Благородното верување во школите како демократски јавни сфери и во школството како центар на критичкото мислење и учење треба да се бара назад, да се земе како дел од пошироко социјално движење за повторно воспоставување демократија - одбрана на јавното добро, јавните вредности и пространо поимање на правдата.

Наместо „неможното“ да им се остава на студентите, академијата ќе мора да се ангажира и да влезе во „педагогијата на будност“, да направи нов напор за придвижување од способност за интерпретирање кон можност за интервенција. Нејзината компетенција не е по сила на титулата, туку по сила на одговорноста да го препознае импактот на својата работа врз општеството и да го комуницира тој импакт со оние кои мора да живеат со последиците. Спротивставувањето на универзитетот повеќе не е опција, тоа е нужност.

Слики: Ben Kehoe

Слични содржини

Општество / Активизам / Став
Активизам / Став
Општество / Активизам / Став
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Активизам / Јавни простори / Свет / Теорија
Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото