Патот кон нормалноста

19.05.2015 13:43
Патот кон нормалноста

Еден режим се дефинира како криминален или злосторнички пред сè врз основа на опсегот на сторен криминал или злосторства (убиства, произволни апсења, тортура, политички затвореници, присилно одземање и уништување на сопственост и други форми на повреди на човековите права и поништувања на човековото достоинство); но режимот особено се препознава како злосторнички тогаш кога се обидува да ги „нормализира“ сопствените злосторства. А токму тоа кај нас е случај последниве години.

Оваа нормализација има барем два важни аспекти. Првиот се состои во идеолошката, правната и политичката институционализација на криминалот. Со други зборови, системот на вредности, политичките аранжмани и правните форми ‒ сите тие се обликувани на начин кој дозволува, оправдува и поттикнува практика на малтретирање и ништење на луѓето кои произволно се прогласени за непријатели на режимот. Вториот аспект на „нормализацијата на злосторничката природа“ се јавува во форма на поддршка за режимот и за неговите практики од големи групи граѓани. Во оваа смисла популистичките криминални режими се најопасни поради способноста за повнатрешнување на первертираниот вредносен систем и криминалните практики. Таквата „нормализација“ на злосторствата или криминалот создава последици кои, ако не се адресираат низ сериозен процес на морална рефлексија и признавање на (морална) одговорност, остануваат да бидат најсериозните пречки при процесот на враќање на општеството во посакуваната нормалност/моралност.

Прашањето на ваквата морална рефлексија е базичен предуслов за придвижување на македонското општество кон демократската нормалност, т.е. кон просто ослободување. Самиот Устав веќе не може да го пренесе Македонецот од „реалноста“ на популистичкиот криминален режим во посакуваната демократска реалност. Во опкружување на криминални закони, политики и практики Уставот не може да биде генератор на демократија и тој ја губи силата. Станува јасно дека не само што веќе не е можно да се утврди негово прекршување, туку и дека режимот опстојува токму преку негово континуирано кршење. Сите новодонесени закони во своите одредби или во ефектите што ги предизвикуваат ‒ го кршат Уставот, во слово или дух. И оние одредби кои во демократски услови значат нормални механизми или решенија, власта обезбедува да го добијат својот партиски или џелатски ефект (од казнувањата и унапредувањата во администрацијата, дипломатијата, здравството, до електронските дневници на наставниците).




Новата морална перспектива во која длабоко завлезе Македонецот станува уште појасна од изјавите со кои власта ја нормализира правната и политичката институционализација на злосторството (преку, на пример, притворањето на новинарот Кежаровски или оправдувањето на насилните настани од 24 декември; преку врзување на фактите со победа на избори, т.е. со потребата од постојани предвремени избори итн.) Она што тие чинови на власта ги прави злосторнички не се елементарните непознавања, па дури ни неспособноста да се разбере демократската општествена организација, туку самата „суспензија на етичкото“ во нив. Таа суспензија е политичка, токму во смисла на еден немерливо екстремен гест кој веќе не може да се втемели во „обичното човеково поимање“ на тоа што е нормално. Во тој момент се поништува препознавањето на довербата; разликувањето на времињата и состојбите, димензиите на вредностите; останува само насилството, т.е. она што не личи на ништо и не може да биде обврзано од ништо ‒ ни од разум, ни од принципи, ни од светот околу него.

Ваквата наша реалност бара да го отфрлиме верувањето дека елиминирањето на моменталниот режим и превоспоставувањето на процедуралните демократски регулативи ќе биде доволно за да се осигура нашиот влез во нормалноста. Таквата „транзиција кон нормалното“ не може да биде постигната само со смена на власта, бидејќи таа власт во меѓувреме ги промени општите критериумите за тоа што е нормално и прифатливо. Седумгодишната работа на десубјективизација на Македонецот не може едноставно да биде избришана со замена на реториката на омраза со политички демократски вокабулар, бидејќи усвојувањето на либералната законитост не е возможно без способност за поинаква рефлексија ‒ а тоа е она што Македонецот вртоглаво го изгуби.

Поинаку кажано, постои потреба за јасна, радикално нова морална политичка основа. И тука не се работи само за создавање нови или подобри стандарди на морално однесување, туку предочување и помасовно соочување со болната состојба: кога основните цивилизациски вредности во Македонија речиси нечујно беа укинати.

Таквата ситуација бара, меѓу другото, да се откријат и реконструираат скриените механизми со кои режимот го конфискува и узурпира националното сеќавање и заборавање, пуштајќи го сопствениот народ да плива во моќната заблуда на едноставните принципи на „био-национализмот“.

Нашата верзија на биолошкиот национализам, ставена во употреба од власта, е заснована на контрадикторни митови. Од една страна е славната, вечна и непобедива „нација на Александар“; од друга страна се митовите за поразите, историскиот континуитет на страдањето, омразата од „другите“ насочена кон „нас“ која резултира во различни анти-македонски конспирации и во неброени жртви (домен во кој посебно се пронаоѓа и преку кој единствено опстојува т.н. претседател на државата). Интеграцијата на овие митови се обезбедува низ процес во кој историчарите нудат нова верзија на минатото, презентирајќи ја како „врвно откритие на вистината“ која била долго заборавена или „насилно потисната“. Археолозите откопуваат гробови/артефакти со цел да го докажат древното потекло на нацијата (додека вистинските артефакти се распродаваат наоколу или се пуштаат да изгорат ‒ иконите и манастирите, на пример). Писателите и поетите го пишуваат „македонскиот манифест“ со цел да ни го покажат вистинскиот извор и реалниот карактер на нашиот идентитет. Политичката пропаганда, манипулацијата низ медиумите и популарната култура, сите тие стануваат техники за индоктринација и воведување „идентитетски ред“ на полето на колективното сеќавање. Сепак, најефективна техника во оваа смисла, од која зависи и учинокот на сите претходни, е образованието.

Точно е дека образованието никогаш не е комплетно независно од власта и дека негова цел, покрај основната „просветителска мисија“, е да формира луѓе кои ќе одговараат на барањата на системот. Сепак, во рацете на Преродбата образованието стана процес на стекнување предрасуди. Тоа е толку лошо, површно, догматско, што не само што ја редуцира, туку директно ја ништи способноста на младиот Македонец да прави било какви автономни расудувања или проценки.

Примарна задача на режимот и на неговиот биолошки национализам е да создаде ситуација во која „природното припаѓање“ кон групата ќе биде разбрано како ексклузивна рамка на индивидуалниот идентитет. Тука лежи основата за новата, конструирана реалност според идеите на власта. Во оваа реалност никаква релевантна индивиудална, општествена или политичка егзистенција надвор од рамката на дмпне-вската нација не е можна. Дополнително, додека режимот преку корумпираните претставници и контролираните медиуми, создава и шири шовинизам, во исто време ја осипува нацијата со пораката дека Македонија секогаш била на страната на мирот и демократијата, на цивилизациските вредности и достоинството кое другите држави го повредуваат. Тоа покажува и една дополнителна амбиција. Имено, не само што сегашното политичко скршнување (тоталниот морален крах) е оправдано или треба да биде оправдано во очите на граѓаните, туку овој пресврт исто така треба да биде претставен како политички и идеолошки континуитет во битката за заштита на „македонските национални интереси“. Фундаменталната цел на оваа идеја е да се реинтерпретира и превреднува моралната катастрофа на нацијата, така што оваа катастрофа потоа ќе може да биде прикажана како легитимен дел од националниот идентитет. Секој обид да се доведе во прашање овој тип на идеолошки инженеринг на континуитет автоматски се прогласува за предавство на националните интереси.

Овде е потребно поподробно да се увиди односот помеѓу индивидуата и поредокот. Специфичното разбирање на врската помеѓу режимот и неговите субјекти овозможува да се препознае неговиот потенцијал за криминал. Режимот одврза многу садизам и својата омраза и ресентиман ги пушти како слободни радикали да се вкотвуваат насекаде и да го разјадуваат општественото ткиво. Интензивното мразење веќе не е дел од психолошкото искуство на поединците, туку е пренесено на самиот систем или е отелотворено во него. Системот мрази во нивно име. Тоа им овозможува на сè побројните џелати (кои напредуваат во темната атмосфера на дехуманизација на оние кои ги прогласуваат за непријатели) и една дополнителна бесрамност на садистичкото задоволство. Како што истакнува Жижек ‒ зарем не е задоволство да се прават ужасни работи под изговорот на жртвување за својата земја?!

Овој тип режим не може да смета на граѓани едноставно подготвени да бидат послушни или лојални. На режимот му требаат граѓани кои ќе ја загубат свеста за сопственото граѓанство, т.е. кои ќе ја видат сопствената десубјективизација како постигнување апсолутна слобода. Сите организирани и спонтани собири за поддршка на политиките на власта, чиј врв се дивеењата пред општина Центар (божем во поддршка за градење црква) се само израз на елиминацијата на автономната способност на луѓето да расудуваат и на нивното ослободување од основните цивилизациски, морални и правни норми по пат на режимската идеологија. Македонецот почна да верува дека неговиот апсолутен недостаток на слобода е всушност идеална слобода.

Притоа, десубјективизацијата на мнозинството се восприема како процес на вклучување на „обичниот“ човек во нешто историско и грандиозно. Партиската обврска на секој поединец е категорично врамена од карактерот на „историската мисија“ артикулирана од Преродбата. Од вработените во државните служби до оние во продавниците за сувенири на Александар ‒ сите тие луѓе се чувствуваат како дел од „идејата“ и во директен контакт со Пастирот. Сите оние директорчиња и секретарчиња вработени по министерства, членови на комисии, тела, совети.... сите тие се убедени дека ја жртвуваат лесната моралност за повисокото добро. Залудно е да се расправа со нив. Тие престојуваат во соба на ехо во која се повторуваат партиските мантри. Тие немаат интерес да го разберат она во што другите веруваат. Токму оваа безгрижна/лекомислена предаденост дозволува режимлиите да се замислат себеси како херои волни да ги елиминираат поинаквите во име на „чување на татковината“. Нивната неспособност да зборуваат е тесно поврзана со неспособноста да мислат; имено, да мислат од перспектива на некој друг. Нивните зли акти не се бирократска послушност, туку разнишувачка неспособност да се види светот брз филтерот на Преродбата. Злотото на режимот на крајот го носат не поединечни монструми, ниту бирократи, туку приврзаниците или партиските војници. На крајот, Македонците мразат бидејќи дпмне-вскиот поредок е несфатлив без линч и омраза.

Гледаме како власта создава лажна слика на национален идентитет преку која ги деперсонализира луѓето и ги хомогенизира во толпа подготвена за линч. Она што е сепак вистинско во овој „идентитет“ се страстите и стравовите кои идеолошкиот инженеринг ги користи за конечно да ја трансформира омразата во оправдување за ликвидација. Затоа е многу важно да се разбере начинот на кој ваквите национализми секогаш го затвораат својот круг: помеѓу политичката презентација на митот за ранетата чест и достоинство како минат настан од круцијална важност за „нашиот“ идентитет (кој се држи постојано во живот преку спорот за името), на една страна, и ликвидацијата на друга страна ‒ разликата меѓу двете станува чисто техничка. Ликвидацијата на „другите“ е секогаш крајната фаза на ресентимантската митологизација на идентитетот.

Насилството во оваа смисла се насочува како против оние кои не припаѓаат на „природната заедница“ (етничките малцинства, бегалците, азилантите...) така и против сите кои одбиваат да ја прифатат биолошката „објективност“ на тоа што е „природно“ во тој поим на ексклузивна заедница. Секој кој претставува закана за илузијата на утописка група се маркира и се поттикнува негово отстранување. Во оваа смисла можеби повеќе од другите етнички групи, под закана на режимот се самите етнички Македонци. Додека различноста на другите етнички заедници само ја потврдува посебноста на групата, оние во групата со поинакви визии за земјата и луѓето се директна закана за ексклузивната дпмен-евска рамка на идентитет. Отстранувањето на овие луѓе е токму она што режимот го има на ум кога повикува на „обединување на сите Македонци“.

Многу луѓе се отстранети или изопштени во текот на процесот на создавање еднополарно општество. Тие се „линчувани“, бркани од работа, прераспоредувани по други градови, на пониски работни задачи или оставани да дремат по ходници за на нивно место да седнат орните „браќа и сестри на Преродбата“. Дури и оставени да работат овие луѓе се лишени од можноста да функционираат (дополнително понижени), бидејќи институциите се направени по мерата на деперсонализираните партиски војници. Системот ги произведува само оние услуги кои партиските секретарки и апаратчици ‒ сега престорени во доктори, професори и дипломати ‒ можат да ги дадат. Во длабочината на Преродбата не постојат корени, постои само искоренетото.

Дополнително, лесното присвојување на первертираниот вредносен систем од останатите оневозможува било каква силна еманципаторна политика или спротиставување. Псевдо-борбите на површината не ги движи толку потребата за радикално поинаква егзистенција, колку потребата за себепотврдување. Наместо логичното и моралното гадење и јасен рез (исклучување) од моралната перспектива на режимот, повеќето луѓе се принудени да се борат за признавање од страна на криминалниот режим! Сè додека луѓето се засегнати со нивните сопствени позиционирања во рамките на режимот ‒ тие реално не го загрозуваат системот. Како такви тие се повеќе доказ за еднополарноста на општеството, јасен показател дека овде се живее само како лице на режимот или како негова опачина.

Сепак, ликвидирањето на индивидуалната и на политичката слобода од страна на власта не може да биде изедначено со ликвидирањето на моралната автономија на Македонецот. Без оглед на монструозните техники на десубјективизација, неговата моментална неспособност да разликува правилно од погрешно не е објективна последица на тоталитарноста во која е нурнат, туку е слобода на избор. Потврдувањето на спротивното би значело дека согласноста на мнозинството со злосторничкиот режим може да биде оправдана, или дека режимот има демонска способност да создава луѓе според своите сопствени потреби и амбиции.




Тоа не може да биде направено. Моралната автономија на човекот не може да биде суспендирана. Во секој човек почива една моќ на раскинување: тој може да се оттргне од својот контекст, да се измолкне од „националните“ стеги, да зборува, да мисли, да создава, без автоматски да го сведочи тоталитетот од кој произлегува. Со други зборови, тој е способен за она што Јаел Тамир го нарекува процес на радикална рефлексија. Човековата способност да разликува добро од зло, воден стриктно од сопствената способност да расудува, особено во случаи кога таа не е поддржана ниту од правото, ниту од јавното мислење, најјасно го докажува постоењето на моралната автономија како вродена човекова способност. Со други зборови, нашата способност за морална автономија е независна од постоечките правила.

Па така, наместо прифаќање на фалсификуваниот континуитет и традиција или борбата за сопствено политичко вмрежување ние мора да се обидеме да најдеме нови одговори на прашањата за тоа кои сме како индивидуи и во какво општество живееме (што е она што се случува и каква е нашата врска како индивидуи со таквите настани). Стратегијата на морална рефлексија е единствената стратегија на дисконтинуитет од режимот и неговото зло, и е предуслов на правно-политичката транзиција.

Ова бара јасно и прецизно разбирање на моралната позиција на сите оние кои го поддржуваат режимот ‒ од партиските џелати (инфилтрирани по институциите и факултетите) и медиумските загари и профитерите, сè до оние кои едноставно се приклонуваат на страната на силата. Воедно, никој нема право да го избегне конфронтирањето со сопствената морална одговорност. Ние сме одговорни за последиците од однесувањето на државата кон чија моќ се потчинуваме и во чиј систем лежи нашата реална егзистенција.

Да ѝ се попушти на опортунистичката моралност и да се исмејуваат жртвите и состојбите во име на сопствениот комфор – тоа не е само изговор и не е само избегнување на вистинските одговори на тешките прашања. Тоа просто е неморалност и нечесност, своевидно себепредавство облечено во лажна мирна совест.

Значи, да повториме: во секој од нас постои морална автономија. Само ќе мора да ја пронајдеме и да ја водиме битката која таа ја бара од нас: постојаното себеодржување како автономен морален учесник; разликувањето на правилното од погрешното; препознавањето на она што во пеколов не е пекол и обезбедувањето простор тоа да опстои. Островите на нормалност и никулците на отпор ќе нè пренесат до понадежни и поспокојни брегови. Тоа е битка која можеби во моментов изгледа невозможно да се добие, но е и единствената битка која вреди да се води.

септември 2013.

Слики: Gérard DuBois

 

Слични содржини

Активизам / Став / Теорија
Општество / Активизам / Став
Активизам / Став
Општество / Активизам / Фотографија / Став
Општество / Активизам / Став
Активизам / Графички Дизајн / Став / Живот

ОкоБоли главаВицФото