За резултатите од досегашните стратегии на борба против коронавирусот

22.04.2020 19:11
За резултатите од досегашните стратегии на борба против коронавирусот

1.Кои се основните видови стратегии против ширењето на коронавирусот во различните држави во светот?

Во поглед на преземањето противепидемиски мерки видовме четири различни типови стратегии. Ќе ги набројам од најмалку до најмногу интервенционистичките. Првиот тип на одговор беше дозволата вирусот да се шири меѓу населението, за да се изложи поголем дел од популацијата на прележување на Ковид-19 и така да се „вакцинира“, а притоа во најголема можна мерка да се зачуваат нормалниот живот и економските активности. Предводници на ваквиот пристап беа Шведска, Велика Британија, САД, Холандија, а донекаде и Германија.

Вториот тип беше вложувањето на голема надеж во длабоката и широка „прва линија на одбрана“, благодарение на високата развиеност, модерните технологии, големиот капацитет за тестирање на луѓето за присутност на вирусот, како и брзото следење и изолацијата на нивните контакти со модерните технологии. Најдобри примери на овој пристап се Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Јапонија, Обединетите арапски емирати, Катар и Исланд.

Третата група држави, во која се наоѓа големото мнозинство, по краткотрајните обиди да се сопре вирусот со „првата линија на одбрана“, мораа да преминат на план во кој ќе ги затворат границите. Потоа во текот на неколку недели со карантин се спречуваше ширење на вирусот и значително се намали дневниот број на новозаразени. Во периодот на карантин се разработуваше план за излегувањето на граѓаните и „соживот“ со вирусот додека не се појават делотворни лекови или вакцини.

На крај, четвртиот пример се државите кои ги започнаа карантинските мерки доволно рано, или ги спроведоа толку интензивно што практично го искоренија вирусот внатре во своите граници. Ран пример за тоа е секако Кина, а благодарение на успешноста на досегашните нивни мерки можат да му се надеваат и Нов Зеланд, Виетнам, па дури и Црна Гора.

2. Какви резултати покажаа овие стратегии досега?

Се покажа дека сите четири почетни пристапи по извесно време, помалку или повеќе, се принудени да преминат на иста стратегија, а тоа е карантин со различен степен на строгост. Иако настојуваа што подолго да го зачуваат нормалниот живот и економијата, САД и Велика Британија сега имаат огромен број заразени. САД сигурно ќе имаат најголем апсолутен број на починати по првиот бран на епидемијата. Велика Британија исто така ќе има голем број жртви од коронавирусот. Германија успева бројот на умрени да го држи прилично ниско во однос на бројот на заразени, благодарение на ширењето на заразата претежно помеѓу помладите возрасни групи, со одлични мерки за превенција на епидемијата во болниците и пензионерските домови, како и со најдобрите капацитети за интензивна нега. Холандија, како и останатите споменати држави, премина на построг карантин. Единствено уште Шведска се потпира врз дисциплината на своите граѓани и мерките за одржување растојание. Со време ќе видиме какви резултати ќе има тоа и колку животот кај нив е навистина „вообичаен“ во однос на времето пред пандемијата. Моментално бројот на умрени со оглед на бројот на заразени во Шведска е значително поголем отколку во десетина држави кои имаат споредлив број заразени, но очигледно е дека уште не е толку голем за да се самоизолира целото население, без оглед на препораките на власта.

За жал, сè повеќе гледаме дека и оние држави кои настојуваа да се одбранат од епидемијата на Ковид-19 со одржување на „првата линија на одбрана“, полека попуштаат. Десетина недели упорно се бореа да го спречат слободното ширење на вирусот меѓу населението со масовно тестирање и брза изолација на заболените и нивните контакти. Иако за овие држави долго се чинеше дека успеваат со тој пристап, во петокот Сингапур забележа дури 623 нови случаи и сега таму букти вистинска епидемија. Слично е и во Јапонија со 556 новозаразени, како и во Катар со 560 и Обединетите арапски емирати со 477 нови заразени во само еден ден. Сите овие четири држави сега воведоа карантин и многу построги мерки. Во пристапот „прва линија на одбрана“ се чини дека сè уште успеваат единствено Јужна Кореја и Тајван. Таму бројот на новозаразени и понатаму успешно се одржува низок, но со масовно тестирање на населението и користење многу интрузивни методи на надзор на мобилните телекомуникации. Овие две држави извлекоа поуки од искуството со САРС-от и оваа епидемија ја дочекаа одлично подготвени, па единствени и натаму се држат со „првата линија на одбрана“. Исланд и Нов Зеланд успееаја да ги искористат погодностите на нивната географска положба и би можеле, како и Кина, сосема да ги искоренат новите случаи на зараза на својата територија. Најдобра реакција во светот воопшто веројатно беше онаа во Виетнам, уште една држава на која САРС ѝ беше опомена. Виетнам во тоа време забележа 63 случаи на заболени и 5 починати од САРС. Денес таа држава со речиси 100 милиони жители сè уште нема ниту една жртва од Ковид-19. Иако можеби е слично и во Северна Кореја, но тешко е да се знае што се случува таму.

Меѓутоа, новиот предизвик за сите држави кои успеале сосема да го сопрат ширењето на вирусот во рана фаза е тоа што во идната фаза секој човек кој влегува во земјата ќе биде нов потенцијален извор на епидемија. Затоа ќе можат да се опуштат дури кога ќе се развијат лекови или вакцини, а дотогаш ќе зависат од цврстата контрола на своите граници и карантинот за сите што влегуваат.

Но она што генерално може да се заклучи е дека повеќе или помалку сите држави во светот со време ќе бидат принудени да отстапат од своите првични стратегии и да преминат на мерката карантин, зашто освен со неколку ретки исклучоци, поинаку не би можело да се сопре исклучително брзото ширење на новиот коронавирус.

3.Дали мерките на карантин се оправдани со оглед на вистинската опасност од вирусот и штетите во економијата?

(...) Проблемот е што во Њујорк, Детроит и во некои други географски подрачја почна да се увидува дека голем број луѓе почнуваат да умираат и дека болниците преку ноќ станаа многу оптоварени. Итензивната насоченост на медиумите на следење на пандемијата го натера мнозинството од жителите самите да се повлечат во куќите, без оглед на плановите и препораките на своите властодршци. Како последица на тоа, со голема брзина почнаа да се затвораат толку бизниси што бројот на невработени во САД порасна со брзина невидена веројатно уште од „големата депресија“, која почнала на крајот на 1929 година, а можеби тој број сега ќе биде и поголем. Така и во САД, во почетниот бран на оваа епидемија, умираат десетици илјади луѓе, а економијата ќе добие голем удар.

Меѓутоа, во јавноста и понатаму има прилично гласни и артикулирани размислувања за тоа дека ако таква треба да биде цената што треба да се плати за „вакцинирање“ на населението и што побрзото продолжување на нормалниот живот и опоравување на економијата, долгорочно, таквиот пристап се покажува подобар од мерките на карантин и пропаѓањето на економијата како последица на тоа.

Претпоставка за таквото размислување е дека веќе во овој прв бран на епидемијата може да биде достигнато ниво на изложеност на населението доволна за „колективен имунитет“ и сопирање на понатамошното ширење на вирусот. Но, тоа ниво зависи од „коефициентот на брзината на ширењето“ на вирусот, т.е. од неговата заразност. За жал, степенот на заразноста на вирусот се покажува повисок отколку што сугерираа почетните проценки од Вухан. Кога заразноста е повисока, тогаш е повисок и уделот на популацијата кој треба да ја прележи заразата за да ја сопре епидемијата и достигне колективен имунитет. Со многу висок степен на заразност, доволниот удел веќе нема да биде 40 или 50 отсто на луѓе кои веќе создале имунитет, туку можеби и повеќе од 70 или дури 80 отсто.

Притоа во САД ниту приближно толкав процент на луѓе досега не се изложени на заразата. Тешко дека таму до денес се заразени и 10 отсто од населението. Меѓутоа, во држава со речиси 330 милиони жители, и тоа е огромен број, па жртвите веќе сега се значително помногубројни. Понатаму, кај стратегиите на изложување на населението на вирусот со сочувување на економијата треба да се има верба и во тоа дека тој имунитет ќе биде долготраен. Меѓутоа, сè уште нема поминато доволно време за тоа да може научно да се истражи, а камоли јасно да се потврди. На крајот, треба да се надеваме дека геномот на овој вирус ќе остане стабилен. Ако од година во година мутира, како што тоа го прави вирусот на грипот, имунитетот стекнат претходната година во следната веќе нема да штити. Ако дотогаш не добиеме вакцина или делотворни лекови, повторно ќе треба да се соочиме со голем број жртви, а сите жртви од првиот бран, на некој начин, би биле залудни, зашто можеле да се спасат со карантински мерки.

Можеби овој голем проблем со Ковид-19 на некој непредвиден начин ќе се реши побрзо отколку што се чини во моментот. Потоа економииите можеби ќе заздрават многу брзо, но можеби и нема. Тоа допрва треба да видиме во наредните месеци. Досега во модерната историја развојот на економијата значел и подобро здравје на луѓето. Вредело и обратното, односно подоброто здравје на народот придонесувало за економската продуктивност. Но во оваа необична и сосема нова ситуација, грижата за јавното здравје го загрозува функционирањето на економијата. Притоа не постои некој „теориски модел“ колку животи е разумно да се спасат, со жртвување на колкав процент на економијата. Уште повеќе, не постојат ниту добри проценки дали тој пад на економијата ќе има уште полоши последици за здравјето и од самата пандемија.

Сепак, една од најважните причини зошто огромно мнозинство држави во светот избраа мерки на физичко оддалечување на луѓето за да го спречат ширењето на вирусот е фактот дека за вирусот сè уште премалку знаеме. Затоа разумно се чини на некој начин да купиме време. Со тоа значително подобро ќе можеме да процениме со каква опасност имаме работа и кои стратегии би можеле да бидат ефикасни. Работите се менуваат буквално од ден во ден и станува сè појасно кои мерки ќе функционираат, а кои имаат сè помалку шанси да успеат.

4. Ако е премногу тешко да се проценат ефектите врз економијата и другите индиректни штетни ефекти, кога би можеле барем да ја дознаеме вистинската опасност од вирусот? Неодамнешните извештаи од неколку држави зборуваат за десетици пати поголем број на заразени од оној утврден со тестирањето. Не значи ли тоа дека Ковид-19 не е ни приближно толку опасен колку што се чинеше?

Опасноста на вирусот во секоја епидемија начелно зависи од негови две карактеристики. Во своите научно популарни статии ги нарекувам „стапка на умирање“ и „коефицент на брзина на ширење“. Тоа го правам за да биде појасно, бидејќи за нив постојат други стручни имиња. (...)

Деновиве конечно ни стигнуваат првите извештаи од Холандија, Данска, Италија, од Исланд, но за мене највредни од сите се оние од мојот долгогодишен познаник и исклучително почитуван колега, професорот Џон Јоанидис (John Ioannidis) од Универзитетот Стендфорд во Калифорнија. Ми се чини дека неговото истражување е најдобро спроведено и дизајнирано. Истражувачите од сите овие земји конечно почнаа да трагаат по антитела во крвта кои покажуваат дека луѓето го прележале Ковид-19, имунолошки реагирале на вирусот, а за тоа не ни знаеле. Кога такво истражување ќе се спроведе на примерок од целото население, на пример, меѓу доброволните дарители на крв или случајно избран примерок на доброволци – велиме дека се одредува т.н. „серопреваленција“. Се настојува да се утврди зачестеноста на претходната изложеност на населението на вирусот по пат на докажување на имунолошки одговор.

Кои се заклучоците од првите спорведени истражувања на дури пет различни места? Точно онакви какви што претпоставуваа епидемиолозите од самиот почеток. Бројот на заразени со новиот коронавирус бил неколку десетици пати поголем од бројот на позитивно тестираните во сите споменати држави. Таму сега веќе се заразени неколку проценти од населението, но секаде и понатаму помалку од 10 отсто. Во истражувањето во Калифорнија биле заразени околу 2,5 % и 4,0% од жителите, на други места повеќе.

Што значи тоа? Во оние држави каде на „стапките на умирање“ во броителот придонеле бројни смртни случаи во домовите за пензионери, тоа ќе значи стапка на умирање која ќе биде внатре во мојот предвиден распон помеѓу 0,5% и 1.0%. Но во Санта Клара, во Калифорнија, каде што тоа не било случај, ќе значи „стапка на умирање“ од само 0.12% и О.2%, значи сосема споредлива со малку потежок грип, дури и при вакцинирање. Тоа соодветствува со мојата претходна интерпретација на случувањата во Вухан и во Италија, која на многумина заради начинот на известување за тамошните кризи, веќе не им се чинеше возможна. Тие нови сознанија, исто така, објаснуваат дека било погрешно сè она што го кажуваа стручњаците, научниците од самиот почеток за болеста Ковид-19.

Меѓутоа има две причини зошто точната интерпретација на опасноста од Ковид-19 во јавноста долго време се чинеше погрешна. Првата е што јавноста генерално, како што можев да научам изминативе недели, нема ниту приближен впечаток за опасноста од грипот како заразна болест. Грипот не е „вироза“, ниту е „само грип“, ниту е „грипче“. Вистинскиот грип е болест која секоја година и покрај вакцинирањето зема помеѓу 250 и 650 илјади жртви во светот. Сега конечно и во Хрватска јавноста почна да сфаќа дека во сезоните на потежок грип респираторите во инфективната но и во други болници се целосно зафатени. Во Италија во сезоната 2014-15 година од грип починале околу 20.000 луѓе, а во сезоната 2016-17 година дури 25.000 луѓе. Во САД во сезоната 2017-18година на грипот му се припишуваат 61.000 смртни случаи. Но, впечатокот на населението за опасноста од грипот стана толку благ што луѓето веќе не се ни вакцинираат против грипот иако можат. (...)

Брзото ширење им прави поголеми проблеми на епидемиолозите при планирањето на мерките против епидемијата отколку „стапката на умирање“ при која сè уште можеме лесно да ги следиме и да ги изолираме сите заразени и нивните контакти; таа е полесна за епидемиолошко решавање од ниската „стапка на умирање“ со многу голема брзина на ширење. Најдобар пример е токму овој нов коронавирус, кој ни направи многу проблеми со својата стапка на умирање помала од 1% во споредба со САРС-от, МЕРС-от и еболата чиишто стапки на умирање беа 10%, 35% и околу 50%.

Кога вирусот стигна во Европа, тој мој најголем страв, за жал се покажа целосно точен. „Коефициентот на брзина на ширење“ на вирусот, кој на почетокот беше прилично потценет, го направи многу поопасен од неговата „стапка на умирање“. Почетните проценки на „коефициентот на брзина на ширење“ беа околу 2,2 но сега веќе постојат проценки кои зборуваат за број од дури 5,7. То би значело дека секој заразен успева да зарази уште пет до шест здрави луѓе. Меѓутоа, можно е таа проценка сепак да малку превисока – моите пресметки моментално зборуваат за бројот R0 помеѓу 2,5 и 4,0 кога вирусот слободно се шири во повеќето држави. Но и тоа е страшно брзо и никако не смее да се потцени.

5.Ако „стапката на умирање“ сега веќе сигурно е помала од 1%, а може да се покаже и близу 0,2%, што би одговарало на потежок грип, дали тоа значи дека може да ги прекинеме мерките на карантин и да го занемариме Ковид-19, како што го занемаруваме и грипот?

(...) Во медицината со преголем број случаи на заболени во однос на капацитетите, главно се среќаваме кога клиниката за трауматологија треба одеднаш да ги згрижи повредените во голема сообраќајна несреќа. Втор пример е во воената хирургија, кога неколку хирурзи треба да се погрижат за голем број ранети во некоја непредвидена трагедија на боиштето. Но, надвор од тоа, преголем број пациенти во одредено време не е нешто за што често имаме причина да размислуваме.

Значи, да претпоставиме за миг дека таа релативно мала „стапка на умирање“ при ширењето на новиот коронавирус меѓу населението, а за која веќе сега можеме полека да претпоставиме дека ќе биде некаде помеѓу 0,1% и 1% навистина е и единствената крупна опасност. Тогаш новиот коронавирус може да се спореди со чудовиште кое бавно ни се приближува од далечината, но сè појасно гледаме дека тоа чудовиште е мало, т.е. ни е до папокот. Затоа почнуваме да се опуштаме, зашто какво и да е, такво мало, ќе го собориме на под и ќе го совладаме. Но гледаме само од напред, а не водиме сметка дека рацете ги држи зад грбот. Таму, во димензии што не ги гледаме, зад себе крие три метални шипки. Кога ќе застане пред нас, ако само за час се опуштиме и го испуштиме од вид, со едната од трите шипки, ќе нè тресне по глава со неверојатна брзина.

Првиот проблем кој новиот коронавирус го предизвикува, од таа четврта димензија, покрај самата стапка на смртност, е неговото лудачки брзо ширење. Ако му дозволиме слободно да се шири меѓу населението, од само еден заразен, за нешто повеќе од месец, ќе се заразат и до милион луѓе во Хрватска. Дури и со мала „стапка на умирање“, за само неколку недели ќе имаме илјадници тешко болни, а притоа имаме помалку од илјада единици за интензивна нега со респиратори. Сите оние кои нема да добијат грижа тогаш едноставно треба да се пуштат да умрат од задушување. Притоа во болниците би умирале сами зашто нивните семејства не би смееле да влезат во одделот за заразени. Условите на погребување на сите починати, исто така, би биле крајно ограничени и сосема различни од обичајот. Верувам дека тоа не есудбината која би ја посакал некој за постар член на семејството. Тоа нè соочува со еден голем проблем.

Вториот голем проблем е што новиот коронавирус има две лица. Кога се шири во заедницата, делува релативно безопасно, со благи до умерени симптоми кај мнозинството луѓе и со прилично мала „стапка на умирање“. Но кога ќе влезе меѓу почуствителна популација, како што се болничките оддели, центрите за рехабилитација или пензионерските домови, тогаш меѓу неа се шири со огромна брзина зашто сите се подеднакво приемчиви. Тоа го видовме и во нашите домови за пензионери. Притоа му расте и „коефициентот на брзина на ширење“, но тоа во овие ситуации е дури и помал проблем. Поголем проблем е што тогаш „стапката на умирање“ му расте за барем десет или дваесет пати, па помеѓу овие подгрупи жители може да убие секој петти или десетти заразен човек, зависно колку е стар и болен. Во многу држави на Европската унија, многу голем удел во вкупниот број починати имаат токму тешките епидемии во пензионерските домови. Тоа е уште една голема опасност на која укажував од почетокот, пишувајќи дека секој што ќе ја внесе заразата во пензионерски дом може да допринесе за прерана смрт на дваесетина и повеќе луѓе.

Третата метална шипка на тоа ниско чудовиште, т.е. третиот голем проблем за кој немаме одговор, се индиректните ефекти на вирусот врз здравствениот систем, заради што нагло расте смртноста и од сите други болести. Имено ако му се дозволи на вирусот слободно да се шири, болниците веднаш ќе се преполнат со заразени, како пациенти, така и лекари и недицински работници, но и луѓе кои доаѓаат само на прегледи или во посета. Огромен дел на медицинските работници и самите би завршиле на боледување заради Ковид-19, или во самоизолација за да неја шират заразата помеѓу пациентите во тешка состојба. За да се спречат болничките епидемии со значително повисока „стапка на умирање“, веднаш би требало што повеќе пациенти да се испратат на домашно лекување. Би дошло до целосно нарушување на функционирањето на системот на здравство на сите нивоа, зради што би умало значително повеќе смртни случаи и помеѓу болните од сите други болести.

Ова се три големи проблеми за кои никој во светот уште нема јасен одговор и заради кои сите, помалку или повеќе, се одлучија за мерки на карантин.

6. Кои се новите вести од светот на науката на кои треба да се обрне внимание?

Најпрво треба да се каже дека сите научни истражувања за Ковид-19 моментално се спроведуваат на начин кој во поинакви околности веројатно не би бил прифатлив за сериозната наука. Се работи набрзина, на мали и често недоволно репрезентативни примероци, се затвораат очи за бројни несовршености на дизајните на истражувањата, се занемаруваат мнгу детали, кои инаку мора да се земат предвид. Сето тоа доведува до вистинска епидемија на површни истражувања, во желба што побрзо да се најдат одговори на отворените прашања. За жал, пребрзиот и погрешен одговор може да направи повеќе штета отколку малку побавниот, но точен одговор.

Дополнителен проблем е што на секое објавување на некое истражување му се дава големо медиумско внимание во целиот свет, а притоа сè почесто се пренесуваат т.н. „пре-принтови“, значи научни трудови кои може да ги напише кој било и да ги објави на платформа за предпубликации, без каква било сериозна научна и стручна рецензија. На научниците ќе им биде јасно дали се работи за сериозни истражувања или дали имаат сериозни научни недостатоци, но новинарите тоа потешко ќе го проценат. Затоа секојдневно треба да се очекуваат цела редица извештаи за разни „резултати на научни истражувања“, кои веќе за една или две недели ќе се покажат погрешни или неосновани. Штета што толку време и медиумски простор постојано се троши на сосема неосновани извештаи и резултати. Но, тоа е едно од основните обележја на оваа „инфодемија“ која владее.

Овде ќе ви дадам само краток преглед на најважните отворени прашања и научни сознанија за кои се пишував изминативе недели, а кои ќе бидат вредни да се следат во наредните недели. Неколку вести од науката, моментално сизгледаат неповолни за борбата против Ковид-19, но сè уште треба многу подетално да се истражат.

Се чини дека вирусот може да се врати и повторно да се открие во организмот на оние кои веќе го прележале и докажано биле негативни на тестот. Тоа сега подетално се истражува, зашто е можно тестовите да не се доволно сигурни, или дека е потребно многу повеќе време отколку што се мислеше за да вирусот сосема исчезне од организмот на оние кои веќе го прележале. Но, ако се покаже дека и оние кои ј апрележале болеста, можат многу брзо повторно да се заразат, тоа би било прилично лоша вест. Тоа значи дека имунитетот што се создава против коронавирусот не е траен, а и вакцината можеби нема да може да помогне колку што се надевавме. Но премногу е рано за такви заклучоци, треба да се почека на нови и поголеми истражувања.

Понатаму, сè помалку е извесно дека вирусот ќе исчезне со топлото време затоа што најновите податоци од западна Африка и многу други толи и влажни места покажуваат дека тој и таму се шири многу брзо и успешно. Кога ќе се намали бројот на заразени и умрени во голем број држави, малку земји ќе сакаат да ги отворат границите без двонеделна изолација за сите што влегуваат. Тоа значително ќе ги отежне меѓународните патувања во претстојните месеци, па во туризмот треба да се очекуваат главно домашни гости, ако успееме да избегнеме втор карантин. Во овој момент, странските гости се прилично неизвесни, но, сепак да ја дозволиме можноста во идните недели да се случат некои позитивни пресврти, кои би ги промениле моменталните песимистички предвидувања.

Лоша вест е и тоа што антивирусниот лек, лопинавир, кој делува со инхибирање на протеазите, а зедно со ритонавир е ефикасен против ХИВ вирусот, од кој многу се очекуваше, не покажа ефикасност против Ковид-19.

Сепак, има и позитивни вести. Засега, колку што се чини со споредбените податоци од Кина, Италија, Шпанија и САД, новиот коронавирус не мутирал во смисла на поголема „стапка на умирање“ или поголем „коефициент на брзина на ширење“, туку неговиот геном е постабилен отколку кај грипот. Исто така, постојат првични назнаки, кои науката допрва треба да ги потврди, дека трансфузијата на крвна плазма земена од оние кои го прележале Ковид-19, кај тешко заболените, по пат на циркулирачки антитела на ран одговор, би можела да биде ефикасна и тоа дава надеж за тешките болни. Но ќе бидат потребни значително поголеми и подобри истражувања за да може да се размислува за таква препорака, иако научно таа има смисла.

Меѓутоа најдобри две вести се: ефикасноста на лекот „Ремдесивир“ за кој дознавам од колегите дека веќе е достапен за заболените во Хрватска. Овој лек, кој според начинот на борба со РНК вирусот е исклучително елегантен, требало да биде лек за ебола, но не покажал доволна ефикасност. Но, овој лек е аналог за аденозин и се вметнува во синџирите на вирусната РНК молекула, т.е. во генетските упатства на вирусот, предизвикувајќи прерано завршување на синтезата на протеините потребни за нови вируси. Во првото истражување се покажала можност за ефикасност кај две третини од тешко болните, а смртноста на оние на респиратори се намалила од околу 50 на 15 отсто. Заради тоа „Ремдесивир“ во моментов претставува нова вест која треба внимателно да се следи.

Меѓутоа, треба да се каже дека и досега спроведените студии не се држеле до вообичаените стандарди, спроведени се без контролни групи, па ќе бидат потребни многу поцелосни и подобро дизајнирани истражувања за да можеме навистина да ја разбереме ефикасноста на „Ремдесивир“. Но со оглед на сите сегашни сознанија, „Ремдесивир“, и со сознанието за пониската „стапка на умирање“ во заедницата, сепак е најдобрата вест што ја имаме во овој момент.

Фотографиите се дел од проектот „Човекот во жолтото заштитно одело“ на Небојша Гелевски – Бане.

Извор: https://m.vecernji.hr

Слични содржини

Општество / Свет / Став / Живот
Општество / Графички Дизајн / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Став / Живот
Активизам / Графички Дизајн / Живот / Историја
Активизам / Графички Дизајн / Живот / Уметност

ОкоБоли главаВицФото