Јазикот на Ерато

01.12.2017 15:54
Јазикот на Ерато

Во сабота на втори декември 2017 во 19 часот во Чифте Амам, ден пред одбележувањето на меѓународниот ден на лицата со попреченост, ќе биде промовирана книгата „Гуш и Бац”.

Идеен творец, продуцент и уредник на целиот проект „Гуш и Бац” е Зоран Кардула. Една од најважните цели на проектов е да се подигне свеста за аутизмот и да се придвижи општествената интергација на аутистичните луѓе.

Промоцијата на книгата ќе биде придружена со изложба на илустрациите поместени во книгата. Станува збор за 47 слики создадени од 33 креативни луѓе. Во сликите се содржани зборовите на единаесетгодишната аутистична Ерато Кардула. За потребите на книгата нејзините измислени 47 зборови се преведени на 19 јазици.

При промоцијата ќе се продаваат книгата, илустрациите, разгледниците и беџевите. Средствата ќе бидат наменети за реедукација, односно работа со дефектолог и логопед на оние дечиња со аутизам кои не може да си го дозволат тоа.
Модератор на настанот ќе биде Огнен Јанески, промотор Никола Гелевски, а музика ќе пушта Соња Исмаил Огненоска.

Во книгата и на изложбата застапени се следниве автори: Руки Чуки, Ване Костуранов, Марко Јанев, Зоран Кардула, Немања Трајковиќ, Диано Здравковиќ, Шемко, Филип Велковски, Иван Дургутовски, Дијана Димитриевска, Видана Бошкова Мицевска, Александар Илиевски, Ана Стојановска, Анастасија Јовческа, Анастазија Манасиевска, Бисера Крцковска, Васе Петровски Аманито, Венчо Милошевски, Влатко Ристов, Горан Костовски, Дејан Ханџиски, Ѓорѓе Јовановиќ, Ѓорѓи Јаневски, Ебру Али, Елена Андреева, Емилија Мишева Ставрова, Игор Делов, Иван Дургутовски, Мартина Петковска, Мики Стефаноски, Милан Стојанов, Небојша Гелевски, Никола Радуловиќ, Татјана Коцева и Теано Кардула.

 

ЈАЗИКОТ НА ЕРАТО


СЕЧОВА (Месечина; илустрација: Зоран Кардула)

САИ (Миење заби; илустрација: Филип Велковски)

 

ШИКИ (Лулашки; илустрација: Горан Костовски)

ИБИЈА (Нивеа крема; илустрација: Игор Делов)

 


Весна Костовска
ЗБОРОВИТЕ НА ЕРАТО СЕ ЗВУКОТ НА НЕЈЗИНИОТ ВНАТРЕШЕН СВЕТ

Сосема неблагодарно е да се пишува за начинот на комуникација на едно девојче, кое создава свој длабок внатрешен свет. Очигледно е дека тој свет е богат и посебен, но за нас „обичните“ луѓе е далечен и неосознаен. Велам „обичните“, затоа што според она малку што сум го прочитала за аутизмот, заклучувам: колкаво е нашето право, аутизмот да го наречеме болест?

Ова девојченце што покажува изразита посебност како личност ме наведува на мислата дека аутизмот е карактерна особина. Првиот контакт со нејзините лично создадени зборови ми создаде размисла дека тие зборови неверојатно звуково ме потсетуваат токму на поимите што ги именуваат. Да, бидејќи секогаш кога слушам странски јазик што не го познавам, имам чувство како во неговите зборови да го слушам звукот на менталитетот.

Зборовите на Ерато се звукот на нејзиниот внатрешен свет.
Мене ми звучат љубопитно, жизнерадосно и топло...

И, нешто друго ме фасцинира... во еден поголем дел од нејзините лични зборови се вклучени дел од гласовите на зборовите што секојдневно ги изговараат нејзините најблиски.

Ерато вели... бибиви. Ние велиме... бонбони. Ерато вели... сита. Ние велиме... цедевита. Таа вели... капи, ние... пуканки...

Можеби Ерато „нашите“ зборови ги внесува во својот свет, ги пресоздава и го создава својот јазик што ѝ е поудобен, посоодветен, позвучен.


СОЈКА (Господин Искра; илустрација: Анастасија Јовческа)

КАЈВИ (Храна и Вино; илустрација: Татјана Коцева)

ПАПАТИВИ (Панталони; илустрација: Дејан Ханџиски)

СИТА (Цедевита, илустрација: Александар Илиевски)

СИЈА БИСИСИ (Среќни празници; илустрација: Емилија Мишева Ставрова)

 

Домника Кардула
ЗА ЕРАТО


Пред единаесет години се роди Ерато, нашата втора ќерка. Аутистичен спектар на нарушување е нејзината дијагноза. Тоа е состојба од која животот ни се преврте наопаку. Влеговме во лавиринт кој е маѓепсан. Минуваме од една точка до друга со надеж дека сме поблиску до нешто што се вика излез или подобро речено спас. Тоа трае…

Одејќи низ него со неа научивме да се радуваме и смееме на работи кои за другите се невидливи.

Ерато е многу љубопитна, снаодлива и палава. Секогаш успева да го добие она што го сака. Никогаш не се откажува. Сака средби со луѓе. Многу сака да ги гушка и бакнува.

Со компјутер, таблет и телефон ракува со голема вештина. Обожува чоколада и бомбони. Бескрајно ја радува одењето во продавница. Емотивна е многу и се растажува ако некој и се налути. Сликите кои таа ги гледа и звуците кои ги слуша за нас се непознаница.

Ерато е слабо вербална. Има зборови кои умее јасно да ги изговори но и такви кои се само нејзини. Лесно ги изговара зборовите кога се одвоени по слогови за во моментот кога треба да ги спои истите зборовите ги изговара по свое. Зборовите кои таа ги користи се секогаш исти и наменски.

Посакувам да можевме да разговараме, но така таа ќе треба да влезе во нашиот свет за кој ја сум сигурна дека не е посреќен од нејзиниот.

Запомнете дека ако сте виделе или запознале еден аутист тоа значи дека сте виделе и запознале само еден аутист.

Аутизмот е нарушување на невролошкиот развој. Се одликува со намалена способност за социјализација, комуникација и со ограничени и повторливо однесување. Причинителот за појава на аутизмот е сеуште непознат. Бројот на лицата со оваа состоја драстично се зголемува секој година.
КАЈН ПМ’П (Граници не постојат; илустрација: Видана Бошкова Мицевска)

Слични содржини

Графички Дизајн / Книжевност / Живот / Уметност
Активизам / Графички Дизајн / Уметност / Настан
Активизам / Графички Дизајн / Уметност
Графички Дизајн / Живот / Теорија
Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност
Графички Дизајн / Книжевност / Уметност

ОкоБоли главаВицФото