Апсолутна стапка на сиромаштија

19.02.2015 16:10
Апсолутна стапка на сиромаштија

Статистичките служби во Европа, по препорака на Евростат, пресметуваат само релативна стапка на сиромаштија. Како линија на сиромаштија земаат 60% од расположливите еквивалентни медијални приходи. Секој што има приходи под таа линија се смета дека живее во ризик од сиромаштија. Тоа значи дека во државите каде што медијалниот приход е поголем, поголема е и линијата на сиромаштија. Така некој човек што е сиромашен во Шведска, може да дојде во Македонија и да живее на сосема ист начин како во Шведка, со приходи кои му дозволуваат ист животен стандард, но тука статистички нема да биде сиромашен. Ова ја отежнува споредбата помеѓу различни држави, така што ја прави стапката на сиромаштија во развиените земји нереално висока, додека стапката на сиромаштија во помалку развиените земји нереално ниска. Заради споредба помеѓу државите добро е да имаме и податоци за апсолутната стапка на сиромаштија. Тоа значи дека за сиромашни ќе се сметаат само тие кои живеат под некој однапред утврден стандард кој ќе важи за сите земји.

За жал статистичките служби во Европа не пресметуваат апсолутна стапка на сиромаштија. Од друга страна, за среќа Евростат нуди детални податоци за распределбата на приходите во повеќе од триесетина земји. Од овие податоци може приближно да се пресмета апсолутната стапка на сиромаштија, а линијата може да се постави по сопствена желба.

Така јас реков дека за сиромашни во Македонија ќе се сметаат, на пример, членовите на четиричлено семејство во кое сите се возрасни и:

-ако имаат сопствен стан, вкупните месечни приходи се помали од 29.000 денари,
-ако плаќаат кредит или ќирија за стан, вкупните месечни приходи се помали од 37.000 денари

Границата за сиромаштија за други типови на семејства се поместува соодветно според методологијата на Евростат. Понатаму, границата се поместува соодветно од држава до држава, во зависност од цените во таа држава. Да речеме, ако во Швајцарија цените се во просек шест пати повисоки од македонските, границата нема да биде 29.000 денари, туку 174.000 денари, пресметано во швајцарски франци.

Значи кога ќе ги запазиме сите овие работи на кои Евростат многу добро обрнал внимание и ќе ја земеме горе наведената линија на сиромаштија, доаѓаме до следниве стапки на сиромаштија:

Држава/Стапка на сиромаштија

Швајцарија 0,90%
Луксембург 1,00%
Финска 1,20%
Кипар 1,50%
Норвешка 1,50%
Франција 1,60%
Холандија 1,60%
Шведска 1,60%
Исланд 1,60%
Белгија 1,70%
Германија 2,00%
Австрија 2,80%
Малта 2,90%
Обединетото Кралство 3,30%
Данска 3,80%
Ирска 4,10%
Словенија 4,50%
Чешка Република 7,50%
Италија 8,00%
Шпанија 11,00%
Словачка 15,00%
Португалија 21,00%
Полска 23,00%
Естонија 28,00%
Грција 29,00%
Унгарија 32,00%
Хрватска 36,00%
Литванија 38,00%
Латвија 45,00%
Бугарија 50,00%
Србија 65,00%
Македонија 75,00%
Романија 80,00%

Дури сега јасно може да се види разликата меѓу државите. На пример, во Македонија дури 75% од луѓето живеат полошо отколку што живее четиричлено семејство (сите членови возрасни), кое има свој стан им има вкупни 29.000 денари месечни приходи. Во Швајцарија само 0,9% од населението живее полошо од ова наше семејство. Од релативната стапка на сиромаштија ова не може да се види. Истата е околу 27% за Македонија и некаде меѓу 10% и 15% за Швајцарија. Меѓутоа ова ништо не кажува за разликата помеѓу двете земји, туку повеќе кажува за внатрешната распределба на приходите.

Кога ќе ја стигнеме Швајцарија? Уште поважно, како?

Извор: solidarnost.mk

Слика: Dirk Dzimirsky

Слични содржини

Општество / Европа
Општество / Активизам / Европа / Свет
Општество / Живот

ОкоБоли главаВицФото