Тага без граници

21.03.2015 11:20
Тага без граници

Тешко е да се набројат границите кои ги преминуваат мигрантите и барателите на азил: границите на Сирија, Авганистан; границите на Мали, Судан, Сомалија; границите на Грција, Македонија, Србија, Унгарија; границите на болката. Единственото што е неограничено во нивните животи е очајничката упорност во пробивањето кон подобар живот: всушност – кон каков било живот. И до Лекарите без граници, ако имаат среќа. Лекарите без граници (МСФ) на африканските и азиските страдалници им помагаат од 2013 година, во Србија од декември 2014. Инаку, таа хуманитарна организација, првенствено спасува животи во војни и епидемии, што доволно зборува за гостопримството кое им го укуажуваме на несреќниците во транзит. Или, ако сè уште не е јасно:

„Јас мислев дека Европејците се добри луѓе. Што да мислам сега за нив, кога нè третираат како криминалци?“, мигрант од Того неодамна им рече на лекарите од МСФ во азил во близина на Боговаѓа.

Познатата српска гостољубовост ја покажавме и во Бања Ковиљача, и во Боговаѓа, и во Алексинац, и во Младеновац, и во Сурдулица, и во Рума. Се протестираше безмалку секаде каде беше најавено дека некој контингент со човечка беда ќе биде сместен привремено. Стјуарт Зимбл, регионален координатор на Лекари без граници за Балканот и Унгарија, со кој се охрабруваме, потсетува за НИН.

Барателите на азил често ги преминуваат границите без документи, немаат пасоши, и тоа ги принудува на ризици за да стигнат до следната земја. Многумина спијат на отворено, на локации за кои не знаат ништо, во полиња, шуми, напуштени згради. Немаат многу пари и често не можат да си дозволат храна и вода. Многумина кои штотуку стигнале во близина на Боговаѓа или Суботица патувале со денови без храна; многумина ни зборуваа дека пиеле вода од потоци и бари. Често немаат соодветна облека за балканската зима, немаат капути, немаат чевли или оние што ги имаат се дупнати, немаат капи и ракавици. Се плашат од апсење и полициско задржување, особено во Македонија и Грција.“

Стјуарт Зимбл би можел да го пополни просторот за овој текст само набројувајќи што сè му се заканува на оној што побегнал од Сирија надевајќи се дека опасноста останала зад него.

„Ги злоставува полицијата, ги ограбуваат банди; државите ги држат во нехумани услови; тешко им е да разберат и крстарат низ различни азилантски процедури во различни земји; им недостасуваат правни информации, културно посредување, превод; медицинската нега во некои транзитни кампови е недоволна или ја нема воопшто...“

А каква медицинска помош му е потребна на оној кој бегајќи од војна поминал илјадници километри, криејќи се од благодетите на „цивилизацијата“ затоа што „цивилизацијата“ не го сака, веројатно нема ни потреба да се зборува. Доволно е да се замислите во она комбе со 54 несреќници кое неодамна излета од патот во близина на Лесковац.

„Гледаме многубројни неволји. Да речеме, мускулни и коскени повреди заради долго и напорно одење, Мигрантите одат со денови, често и со недели, без храна и засолниште. Во текот на студените месеци гледаме замрзнати. Со нив најчесто одат и респираторните инфекции, кожните заболувања – затоа што е невозможно да ја одржуваат хигиената – и стомачните тегоби. Среќававме и трудници и деца, некои и без придружба, како и трауматизирани луѓе на кои им беше потребна психолошка помош.“

Психолошка помош веројатно би му била потребна и на бегалецот од Того, кој на Лекарите без граници им рече: „Не можам веќе да издржам да не спијам. Само по пет минути. Премногу ми е студено за да можам да спијам, а немам ни ќебе. Морам да бидам покрај оган, надвор, за да останам жив. Неверојатно сум изморен“. Но, за психата нема време. Мора некако да се сочува голиот живот.

„Патуваат и луѓе со хронични болести, како дијабетес и висок срцев притисок, и болни од срце. Бидејќи патуваат долго, неизбежно остануваат без лекови и не можат да ги продолжат третманите од кои им зависи животот освен ако не влезат во системот на азил, кој е со релативно скромни капацитети, а варира и квалитетот на медицинската грижа“, продолжува Зимбл.

Лекарите без граници се патувачки

Во Србија наидоа и на шестгодишно сириско дете со тешки, со денови нелекувани изгореници.

„Се повредил во прифатниот центар во Гази Баба во Скопје. Пукнала трошна славина и го полеала со врела вода. Првпат го видовме во близина на Боговаѓа, а неколку дена подоцна го посетивме во Центарот за азил во Сјеница, оддалечен двесте километри, до каде некако стигнало детето со татко му. Му ги обработивме раните, но таткото беше бесен и некооперативен заради сè што им се случувало по пат, а и самиот имаше акутен медицински проблем кој веднаш требаше да се лекува. Управата за азил реагираше како што треба и ги одведе во локалната задравствена установа, но, заради некоја причина таму не добија соодветен третман. Некако успеавме да го наговориме таткото да се вратат во таа установа и ги придружувавме за да бидеме сигурни дека веднаш добиле нега. Тој случај ги покажува дупките во системот за азил“, заклучува Зимбл.

„Дупките во системот за азил“ ги покажуваат и други фотографии на Лекарите без граници. На пример, фотографија со група луѓе од Того, Гамбија, Мали и Брегот на Слоновата коска, која не можела да влезе во центарот во Боговаѓа, па спиела во градината. Десетмината ги греел романтичен логорски оган, а на располагање имале дури две вреќи за спиење. Или сликата од старата фабрика за цигли во близина на Суботица во која се обиделе да преживеат стотина мигранти и баратели на азил додека не ги развеало доаѓањето на полицијата. Или уште една слика од Боговаѓа – Сомалиец со висока температура кој исто така морал да спие на отворено. Или младиот Сириец кој ја напуштил татковината пред два месеци и сè уште не стигнал никаде. Стјуарт Зимбл не би бил хуманитарец кога не би споменал дека има и добри луѓе „кои се трудат да помогнат колку што можат“, но додава дека тие добри луѓе треба да бидат правило, а не исклучок. Зимбл, исто така, знае колку е разумно да се верува во хуманоста на државите.

„Членките на ЕУ мораат да ги признаат ужасните последици од своите политики и да ги подобрат моменталните процедури за азил, условите во прифатните центри и непостоењето процес за интеграција кое загрозува илјадници бегалци и баратели на азил... Дисфункционалниот систем за азил во Грција ги тера луѓето да влегуваат во уште поголем ризик користејќи криумчарски мрежи за да ја напуштат Грција барајќи адекватна помош и зашита... По доаѓањето во Србија, единствен избор на многумина баратели на азил е спиење под ведро небо, и покрај зимските температури кои достигнуваат и дваесет степени под нулата. Во околината на Боговаѓа, секој ден десетици баратели на азил чекаат регистрација за пријавување. Канцеларијата процесира само неколку регистрации дневно, принудувајќи ги луѓето - понекогаш меѓу нив има и трудници и деца – да чекаат во шумата околу селото...“, распалуваат Лекарите без граници во февруарскиот извештај и по Бугарија и по Грција и по Србија и по Унгарија и по целата Европска Унија.

Затоа Лекарите без граници ќе ја прошират својата дејност. Кога станува збор за Србија, оваа зима лекуваа и делеа спасоносни супи во ќесички, чај, ќибрити, батериски ламби, мантили за дожд, сапуни во близина на Боговаѓа и Суботица, а помогнаа и да се поправат санитариите во камповите во Тутина и Сјеница. Почнаа во Бугарија, продолжија во Грција и Србија, а ќе дејствуваат и во Македонија.

„Нашите тимови ќе бидат мобилни и ќе можат брзо да реагираат секаде каде што ќе бидат потребни.“

Нема сомнеж дека и гостољубивите Срби брзо ќе реагираат каде што ќе се појават несреќници од Африка и Азија.

Извор: НИН бр. 3350, 12.03.2015 година

***

Про Азил: Нечовечки услови во Македонија

Истражувачки тим на германската невладина организација Про Азил на почетокот на месецов ја посетил Македонија за да ја утврди состојбата на бегалците кои доаѓаат во земјата. Заклучокот е дека бегалците се сместувани во нехумани услови, без лекарска помош, а не се почитуваат ниту нивните основни човекови права.

На интернет-страницата на Про Азил се вели:

„Официјално ’Гази Баба‘ е прифатен центар во кој властите треба да го утврдат идентитетот на бегалците. Овде се сместуваат првенствено бегалци од Сирија, меѓу нив семејства со деца, некои и со месеци. Истражувачки тим со поддршка од Про Азил на почетокот на март ја посети Македонија за да ја документира состојбата.

Никој не смее да влезе и да излезе

Уште од надвор може да се види дека ’Гази Баба‘ не е центар за добредојде. ’Комплексот се состои од 6 до 7 осмоаголни објекти. Прозорците се со решетки. Целиот објект е заграден со жица, на шипките на аглите висат камери за набљудување. Двајца полицајци го набљудуваат комплексот од стражарска куќичка‘, информира Марк Милис од Советот за бегалци од Бремен, кој учествуваше во истражувачкиот тим. Фактички ’Гази Баба‘ е затворска установа. Никој не смее да влезе, ниту да излезе.

Сместувалиштето е преполно. Хелсиншкиот комитет информира дека во комплексот, кој е планиран да прими 150 луѓе, во моментов се сместени 300 бегалци. ’Многумина од станарите мораат да спијат во ходници на подот. Во малечките соби, кои поранешен станар ги проценува на 10-ина квадратни метри, мораат да спијат по 10 луѓе‘, наведува истражувачкиот тим. И Амнести Интернешнел информираше дека луѓе мораат да спијат по подови.

Истражувачкиот тим составен од новинарки, правнички, активистки и една лекарка, не смееше да зборува со сегашните станари. Македонските власти им забранија влез. Претходно влезот им беше забранет и на Амнести Интернешнел и на Хелсиншкиот комитет. Се чини дека се настојува да се спречи да се обелодени состојба во 'Гази Баба'.

За да открие повеќе, истражувачкиот тим разговараше со бегалци - поранешни станари на 'Гази Баба'. Покрај пренатрупаноста, на поранешните станари едно нешто најмногу им останало во сеќавање: отсуството на медицинска помош. Во комплексот владеат инфекции и настинки, велат бегалците. Третманот главно се состои од давање лекови против болки. Дури ни срцеви болни и трудници не добивале адекватна помош.

Човековите права во пракса

Организацијата Про Азил бара од македонската Влада веднаш да овозможи непречен пристап на невладините организации во комплексот, да обезбеди нивна непречена комуникација со (де факто-) затворениците, подобрување на затворските услови, прекин на незаконското притворање и генерално да се погрижи за фер и индивидуално разгледување на барањата за азил.“

Про Азил ја критикува и германската влада која пред извесно време ја прогласи Македонија за „безбедна земја“ со цел да го спречи напливот на азиланти од таму. „На таква листа, согласно и насоките од германскиот Уставен суд, можат да бидат само земји кои не само што ги потпишале меѓународните акти за почитување на човековите права, туку и ги спроведуваат истите во пракса“.

Нечовечките услови во Гази Баба и намерното спречување на работата на македонските и меѓународните невладини организации, покажуваат како во пракса изгледа односот на Македонија кон човековите права“, наведуваат од Про Азил.

Извор: http://www.dw.de/

ОкоБоли главаВицФото