Апсурдите немаат крај: штедење на инсулин?!

25.03.2015 11:04
Апсурдите немаат крај: штедење на инсулин?!

Покрај безбројните апсурди, бесмислици, глупости и небулози во сите сфери на животот на македонскиот граѓанин, деновиве се нанижа уште една „генијална“ одлука на здравствените власти - да ги скратат потребните количини од потребната терапија со инсулин за дијабетичарите во земјава! Како и секогаш, најверојатно зад оваа одлука стои штедењето средства, што во случајов е штетно за здравјето на пациентите! Но, кому му е грижа за луѓето?! Сведоци сме на низа „брилијантни“, одлуки за кратење на низа повластици и бенефиции за ранливи групи на граѓани, болни од ретки болести, инвалиди, луѓе на кои им е неопходна помош, а да не се заборави и смртта на малата Тамара Димовска од Велес, чија смрт е на совест на неодговорните во здравствените власти, но и срам на целото општество!

Имено, со одлуката, по административен пат, независно од лекарското мислење, здравствените власти решиле механички да им ја намалат дозата за инсулин на дијабетичарите, а не се знае како тие ќе си ја надоместат дозата, кога се знае дека инсулин нема во продажба?! Дали секој болен може да оди во странство и таму, за високи суми, да си набавува дополнителни потребни количини инсулин за да се одржи во живот?! Тоа го решиле бидејќи, наводно, останува извесна количина во пенкалата со инсулин, што не е точно. Но, за „мир во куќа“ односно за позитивни финансиски резултати и „брилијантни успеси“ во здравствената сфера во земјава, болните нека се снаоѓаат како знаат и умеат!

Дали покрај толку намети, давачки, финансиски оптоварувања на просечниот сиромашен граѓанин на земјава, може да израсне здрава нација и дали „социјалната“ држава како мислена именка, треба да стои во највисокиот акт на државата, кога е евидентно дека не се реализира?! Како ќе се создадат здрави поколенија, кога се крати на секоја потребна помош на населението?

Нека се намалат непродуктивните буџетски трошења и ќе има средства за инвалидите, за социјалните случаи, за дијабетичарите!

Вака, Македонија останува земја на апсурди, а само Бог може нешто да помогне!

Слика: Свирачиња