Исповед на обожавател: Грабежот е најискренот облик на ласкање

11.04.2015 13:53
Исповед на обожавател: Грабежот е најискренот облик на ласкање

Судејќи според вашиот израз на лицето, претпоставувам дека сте навредени. Но ве молам не го сфаќајте моето присуство во вашиот дом како нешто лично. Кога го демнев вашиот дом под закрила на темнината, го исклучив алармниот уред, ги нахранив кучињата со средство за смирување и се искачив со помош на ченгел и јаже низ отворениот прозорец на вториот кат, не мислев да ве навредам. Дури, намерата ми беше токму спротивна. Па што е кражбата ако не најискрен облик на ласкање?

Очигледно сте вознемирени. Додека се симнувавте кон кујната не очекувавте дека таму ќе затекнете непознат маж кој, со батерија во раката, го пика вашиот сребрен есцајг од свадбата во торба. Искрено да ви кажам, и јас не ве очекував вас. Си претпоставив дека во три часот наутро длабоко ќе спиете, а вие ете сте решиле да си каснете нешто. Но без оглед на тоа што си мислите вие за мене, сакам да знаете дека вашиот вкус за накит и мебел го сметам за извонреден.

По начинот на кој посегнувате по телефонот за да повикате полиција претпоставувам дека мислите оти некако ќе ви наштетам. Но пред да направите нешто за кое и двајцата ќе зажалиме, допуштете ми да ве уверам дека сте на сосема погрешен пат. Ви се восхитувам веќе подолго време и не сум само ваш голем обожавател туку и на вашите вредни материјални добра толку вкусно распоредени по вашиот преубав дом.

Да можевте по некоја случајност да гледате со моите очи, веднаш ќе сфатевте колку ви се восхитувам. Кога ќе ве погледнам, не мислам „еве богаташ што ќе го ограбам до гол газ”, туку „еве човек со вкус, човек кој има некои работи што и јас би сакал да ги имам“. Вие сте човек каков што и јас самиот би сакал да бидам, човек кој го цени животот и ужива во сите негови благодати, богат човек со многу посакувани скапоцености.

Можам ли воопшто на човек да му дадам поголем комплимент од тоа да го надгледувам неговиот имот две недели, внимателно да ги следам одењата и доаѓањата на полициските патроли и да барам можни безбедносни пропусти? Зарем не гледате дека вие и вашите луксузни добра претставувате вистинско вдахновение за овој кутар, беден обожавател? Зарем би ги посакувал толку вашите скапоцености и би бил подготвен да ризикувам затворска казна, а да не ве почитувам неизмерно? Секако дека не.

Да се биде крадец е тешка професија – постојан стрес, бескрајно чекање, постојано присутна нужда да се биде барем чекор пред законот. Па зарем не ви е јасно, пријателу? Вие тоа го заслужувате!

Само дом како вашиот, дом натрупан со најдрагоцените предмети што може да се купат со пари, заслужува вакво внимание. Можете да се сметате за човек кому од срце му е упатен комплимент.

Ех колку би сакал, наместо да бегам во ноќта со вашите пљачки префрлени преку рамото, да можам да останам и да живеам живот на човек со голем имот. Но за жал не можам. Вие, да не ги ни спомнувам државната и казнената власт, тоа едноставно не би го дозволиле. Затоа тие дребности, вашите добра, за миг ќе ја потхрануваат мојата фантазија. Иако никогаш нема да бидам вие, ме теши сознанието дека можам да се опкружам со работите што ги имате дома, откако ќе ги пренесам во мојот битно поскромен дом.

Зошто би ме казниле кога ви оддадов најголема можна почест? Зарем не гледате дека сакам да бидам што е можно посличен на вас и покрај ограничувањата на мојот социјален статус и способноста за заобиколување на законот? Зарем не ви е јасно дека јас сум всушност вашиот најголем обожавател и дека никогаш не би ве удрил со шипка по глава при кукавички напад од зад грб?

Жал ми е за џумката на вашата глава. Но и тоа е само облик на ласкање. По некоја случајност да не ја ценев вашата телесна сила, никогаш не би ве изложил на толку силен удар.

Извор: The Onion, сатирични приказни, Темплум 2004
Слика: Џон Такаи