Искусен банкар убедил ограбувач да земе кредит

04.03.2013 13:28
Искусен банкар убедил ограбувач да земе кредит

Скопје, 4 март 2013

Вчерашниот обид за грабеж на Борч-банк заврши на невообичаен начин, така што еден од шалтерските работници успеал да го убеди ограбувачот да подигне готовински кредит наместо да ја ограби банката.

Вооружениот разбојник упаднал во банката при крајот на работното време, некаде околу 19:00 часот и побарал вреќата да му биде наполнета со пари. Меѓутоа, еден од банкарите рекол дека немаат толку готовина во банката, но дека под многу поволни услови можат да му ги префрлат парите директно на сметка.

„Службеникот му рече на разбојникот дека ако ја ограби банката сигурно ќе заврши во затвор, додека ако земе кредит, во затвор ќе заврши единствено ако не го врати. Притоа напомена дека банката прво испраќа бројни предупредувања, потоа понуди за рефинансирање, па професионалци кои треба да го наплатат долгот и само ако ниедна од овие мерки не вроди со плод, тој ќе оди во затвор значително пократко време отколку ако ја ограби банката“, вели еден од шефовите на филијалата кој сакаше да остане анонимен.

На прашањето какви услови му се понудени на ограбувачот, нашиот соговорник вели дека кредитот е даден под исклучително поволни услови, во согласност со околностите во кои е одобрен.

„На клиентот му е даден денарски кредит од 200.000 денари на четири години, со грејс период од две години. Освен тоа, одобрена му е и кредитна картичка со лимит до две месечни плати, под услов да не носи фантомка кога ќе дојде да ја подигне. Нашата банка се труди секоја понуда да ја усогласи со потребите на клиентот, па така беше и овој пат“, заклучува нашиот соговорник.

Како што неофицијално дознаваме, повеќе банки по овој настан одлучија да ја збогатат палетата услуги со понуди за ограбувачи, бидејќи тоа е една од ретките социјални категории која не е покриена со соодветни банкарски пакети.

Извор: www.njuz.net