Пара вести 2016 - избор

14.01.2017 15:04
Пара вести 2016 - избор

Студентите изненадени од јануарскиот испитен рок

„Ништо не упатуваше на тоа дека среде јануари ќе се појави испитен рок. Кога го дознав тоа, се обидов да се спремам, но за жал веќе беше доцна, испитите нè затекоа и мене и моите колеги. Немавме доволно добри механизми за спремање ниту опрема да расчистиме со тие испити кои се паднаа баш во јануари, кога никој од нас не ги очекуваше“, вели Иван Димитровски, студент на Правниот факултет од Скопје и додава дека не очекува дека ќе ја исчисти годината во предвидениот рок.

Чуварите на традиционални вредности загрижени: ќе исчезне ли секнењето нос на улица?

Иако експертите сметаат дека за сега нема потреба да се крева паника, традиционалистите се загрижени дека на долг рок овој македонски обичај може да исчезне, а со тоа македонската култура да биде посиромашна за еден впечатлив ритуал.

Казнето куче чијшто сопственик вршел голема нужда во парк

На расното куче Жолтко од Центар утрово му е изречена парична казна од 10.000 денари, бидејќи неговиот сопственик се олеснил среде јавна површина. Полицијата го затекнала на лице место, реагирала навремено и му изрекла казна на арогантниот пес кој не сакал да го собере изметот зад својот газда.

Бубашваби избегале од скопска болница поради лошите услови

„Во мојот живот сум видела сè и сешто, сум поминала низ многу болници и државни институции, но вакво нешто немам видено. Ова е премногу дури и за мене“, вели една бубашваба која сакаше да остане анонимна.

Власта распиша тендер за нов народ

Подобриот народ ќе биде избран на четири години со можност за реизбор, додека Владата на Македонија се обврзува дека подобриот народ ќе почувствува подобрување на животот, кај и да е.

Агенцијата за вработување се сели на адреса на ВМРО-ДПМНЕ

Агенцијата за вработување на Република Македонија од утре се сели во новите простории кои ќе бидат на иста адреса со седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Директорот на оваа институција, Влатко Поповски, вели дека причината за оваа одлука е од практична природа, зашто најголем број од кандидатите кои во последно време добиле работа доаѓаат токму од оваа адреса.

Со поставување ограда ќе се спречува иселувањето на Македонците

Оградата со бодликава жица со жилети, како и високите бетонски ѕидови, треба да им помогнат на младите да се ангажираат повеќе околу наоѓањето работа и егзистенција во својата татковина.

„Пред да се решиме на ваков чекор спроведовме истражување. Од двајца учесници во истражувањето, кои се обидоа да ја прескокнат поставената жилет-ограда, ниту еден не премина преку границата, а едниот од нив најде работа како чувар на игралиште, откако зеде членска книшка од ВМРО-ДПМНЕ“, велат од владата.

Просјак за секоја раскрсница - нов проект на владата на Македонија

„Изминативе години работевме многу и ги покривме сите раскрсници на булеварите и главните улици, но останува да се работи уште многу“, велат од македонската влада.

Според владиниот план, во иднина треба да бидат опфатени и помалите раскрсници на споредните улички, сè додека и најзафрлената раскрсница не биде покриена со барем еден просјак.

Вработените од јавната администрација бараат паузата да трае 6 часа

„Ова веќе не се трпи. Не може да излегуваме на пауза секој половина час, а да се враќаме по 45 минути или два часа. Правото на пауза треба да се регулира законски, а паузата да трае доволно“, вели Митре Безделничев, вработен во одделот за броење спојувалки при Министерството за ветер и магла.

Храбра новинарка се фрли пред Груевски и со своето тело го спаси од незгодно прашање

Една неименувана новинарка од МРТВ денес се фрли пред лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, за време на неговиот говор на отворањето на пакетче смоки во Смоимирово, и со своето тело го спаси од незгодно новинарско прашање.

Острото прашање го поставил еден новинар на Пара вести, и тоа одело директно кон Груевски, а судејќи според сè, веројатно би го погодило ако храбрата новинарка не се фрлела и самата не го примела ова прашање.

Алармантно: една третина од младите во Македонија немаат пензионер кој ги издржува

Истражувањето на Институтот за перспективи и емотивен развој од Горно Коњари покажало дека дури една третина од младите во Македонија се наоѓаат во многу тешка материјална состојба, зашто во своето семејство немаат пензионер кој би можел да ги издржува. Овие млади луѓе се соочуваат со голем број проблеми и тешко го наоѓаат своето место во општеството, велат експертите.

Тодоров пронашол рак за лек

Тодоров дошол до идејата кога на кутијата антибиотици кои лекарот му ги препишал поради воспаление на синусите се обидел да ја натера да пуши цигари, по што кутијата успешно добила рак. Потоа го хранел пеницилинот со црвено месо, ги премачкувал антидепресивите со пестициди, а лаксативите ги навлекол на алкохол, по што сите наведени лекови добиле рак.

Ново гранапче распиша конкурс за локални алкохоличари

Новото гранапче „Бале“ отворено во скопската населба Тафталиџе распиша конкурс за локални алкохоличари. Според зборовите на Благоја Промилчевски, сопственик на дуќанот, бројот на работните места е ограничен, а заинтересираните кандидати можат да дојдат на разговор секој ден од 8 од 22 часот.

Природните сили поднесоа оставка по поплавите

„Ние сме единствен виновник за поплавите во Скопје и околината и подготвени сме да сносиме одговорност. Апелираме до јавноста да не ги обвинува неисчистените канали, непостоечката инфрастуктура за спречување поплави, криминалците што бесправно сечат дрва и надлежните што не ги спречуваат во тоа, како и вработените во УХМР“, изјавија природните сили за Пара вести и нагласија дека најмалку од сите треба да се обвинува градоначалникот Коце Трајановски и поранешниот премиер Никола Груевски.

Херој: со 3,4 промили алкохол успеал да го однесе семејството дома!

Кога Златко Крстевски (42) во понеделник навечер со своите пријатели отишол во кафеана, воопшто не се надевал дека ќе стане херој. Се однесувал како и секоја друга вечер, наздравувал со пријателите, се присетувале на разни анегдоти и ова би било уште едно сосема обично дружење во кафеана, ако во еден миг не му се јавела сопругата Весна, која со трите деца била на гости кај кумата и го замолила да дојде по нив.

Државата ќе им дава субвенции на младите кои сакаат да основаат партија

„Секоја новооснована партија е можност за вдомување на сите оние кои не можат или не сакаат да најдат некоја нормална работа на која мора да се работи. Партиите се развоен потенцијал на идните мали и средни политичари, зашто претставуваат профитабилен бизнис, дури и кога не се ликвидни, и овозможуваат удобен живот полн со бенефиции за сите свои членови“, објасни министерот за финансии Миноски и додаде дека првите 10 членови на партијата ќе бидат ослободени од плаќање членарина, како и од данок на државата.

Трамп и Ѓорге Иванов си намигнаа

„Му намигнав на Доналд Трамп како знак дека односите кон Македонија и САД ќе продолжат да се развиваат на едно високо пријателско ниво. Заедничката соработка помеѓу нашите две земји е од големо значење. Знаете, САД имаат територија речиси колку Пакистан, кој има поголема територија од Европа, која пак има население колку Џибути. Или така некако“, поентираше Иванов.

Груевски порачува: Нема да дозволиме двојазичност на таблите на просјаците!

„Нема да дозволиме никакви црни сценарија кои ќе го обезличат националниот идентитет на македонските просјаци! Граѓаните кои бараат милостина жестоко ќе го казнат Заев на изборите. Се гледаме на 11 декември“, им порача Груевски на сиромашните граѓани.

Пара вести избор

2011

2012

2014

2015

Карикатури: Милета Миќа Милорадовиќ

ОкоБоли главаВицФото