1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
На 23 април (четврток) со почеток во 11 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „111 тези за ГТЦ“, уредена од Ивана Васева и Филип Јовановски, во Мобилна/монтажна галерија на Центарот за современи уметности (Парк на франкофонија во Скопје). Публикацијата ќе ја промовираат нејзините уредници и професорот и архитект Мартин Гулески. Книгата е издадена од Здружението за култура и уметност ФРУ - Факултет за работи што не се учат.
Оваа публикација произлезе од читачката и дискусиона група насловена „ЧИТАМЕ ЗГРАДИ: ГТЦ КАКО КНИГА“ која се одржа на 29 ноември, 2014 год. во Младинскиот културен центар во Скопје, во рамки на долгорочниот проект „ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност“.
Книгата е делумно транскрипт на тaа средба, чија цел беше исчитување на Градскиот трговски центар во Скопје. „111 тези за ГТЦ“ е книга создадена од стручни мислења за значењето на овој објект поставени во 11 тези од вкупно 11 значајни мислители на современата архитектонска сцена во земјава (двајца заедно пишуваат 11 тези), и е едитирана со помош на сите учесници и со модераторот на дискусијата. Во книгата се застапени текстови и размислувања од архитектите Минас Бакалчев, Доминика Бошкова, Јасна Стефановска, Ана Ивановска-Дескова, Михајло Зиноски, Дејан Ивановски, Мишко Ралев, Даница Павловска, историчарите на уметност Донка Барџиева-Трајковска и Никола Писарев, како и антропологот Горан Јанев.
Преку исчитувањето на зградата на Градски трговски центар, се стимулира обид одново да се потенцира, преиспита и да ѝ се понуди заштита на нејзиното несомнено културoлошко, општествено и уметничко значење, коешто во последните години има за цел да се избрише, буквално и физички од македонската култура, со интенцијата за нејзино, речиси варварско покривање со „барокна“ фасада. И оттаму, читањето на ГТЦ како книга е обид за оживување на неговата пред сè општествена но и уметничка вредност.
Насловот „111 тези за ГТЦ“ е директна референца на книгата „111 тези за архитектурата“ на Борис Чипан и симболичен чин, потсетувајќи на некои вредности коишто не само што се забораваат по природен пат, туку и намерно се бришат преку препокривање со нови, непознати и еклектични стилови, без никаква уметничка вредност.
Проектот ЖИВИ БИБЛИОТЕКИ: архиви на граѓанска непослушност е поддржан од Фондација отворено општество - Македонија (ФООМ)