1026 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 12.12.2024 06:59
Конечно, прв пат во историјата, скопската општина Центар демократски ќе се бори за својот урбанизам. Вакво нешто ретко да се случило некаде во светот. Иако во нашиот случај институциите беа токму тие кои го уништија централното јадро, преку нив овој пат ќе се одвива борбата за спас на единствениот градски култ кој сè уште опстојува.
Задушени од секојдневната институциска узурпација, корумпираност и исчезнување на градскиот простор, граѓанството беше единствено кое успеа да се избори за една ваква уставна разрешница.
ГРАД КОЈ ЈА ЗАДУШИ СЛОБОДАТА
Ова е последен чин за заштита на едно културно и историско добро кое има пошироко значење за градот кој бара да се ослободи од своите сопствени стеги - град кој го разјаде своето сопствено битие (центарот), град кој го уништи својот природен и историски тек, град кој ја задуши својата слобода.
Затоа ГТЦ ќе остане последното урбано жариште на општината која - во сето ова невреме на нашата апатија - беше изложена на политичка доктрина и урбана инквизиција.
Единствено граѓанските движења и нивниот активизам останаа доследни на нивното морално и општествено значење. Иако уште од самите почетоци се појави критичка маса која делуваше со низа иницијативи, која ја насети деградацијата во налет, таа не успеа да го спречи уништувањето на Скопје. Тоа се направи тајно и недемократски , без никаква транспарентност, без јавност, без никаква политичка најава, ниту во вид на каква било партиска понуда.
Да не ги заборавиме Плоштад слобода, Првата архи бригада, Распеани Скопјани, Јадро, Ленка и низа други организации, коишто со сиот свој ентузијазам достојно се бореа и се спротивставуваа сиве овие години на партискиот вилает. Затоа и ГО САКАМ ГТЦ е синтеза од овие граѓански иницијативи кои храбро се бореа, во време кога сите релевантни фактори исплашено премолчуваа. Тоа е борба за заштита на јавното, градското и историското, нешто што е дел од нас, од мене и од тебе, без никаков личен интерес, без каква било политичка амбиција.
Ова е последен крик за негов спас. Доколку и тоа не успее, ќе следи присоединување и радикализација на сите овие движења до конечното ослободување на градот-држава… Но, за тоа во некоја следна прилика. Сепак, од општината Центар започна целата ова лакрдија, таму и ќе заврши, сакал во тоа корумпираниот вожд да верува или не…
МЕСТО ЗА УРБАН СОЖИВОТ
Впрочем, битен е ГТЦ. Уште побитен е и со својот контекст во кој тој се вклопува. Да не заборавиме дека тој е вметнат во дотогаш постоечкото градско ткиво. Поставен е без да биде во конфликт со никого. Денес го гледаме како целина мислејќи дека станбените згради што се впишани во него претставуваат единствена компактна градба. Во тоа се состои и неговото совршенство. Тој е толку значаен што и неговото постоење излегува од контекстот на неговиот замислен габарит.
ГТЦ е суштински дополнет со целокупното негово опкружување. Тој е ускладен со зградата на ЕВН, како противтежа на нејзината висина. Пластично е наметнат без никаков визуелен конфликт, а современо и се надополнуваат – како формално, така и содржински. ЕВН, постарото чедо, доминира по вертикала, транспарентно застаклен со совршена технологија за тоа време. ГТЦ е хоризонтален и отворен. Филмски елемент претставува и режирањето на сообраќајната артерија која поминува под него и заедно со долниот паркинг и врвулицата од постоечкиот сообраќај, создава урбанитет оригинален на светско ниво. Во него се внесува и јавниот превоз, како пример на висока социјална вредност.
Влезот од страната на Плоштадот е надополнет со Сити галери, која преку нејзиното закривување претставува насока која од ГТЦ прави една целина.
Ретко каде успеал толкав урбан соживот меѓу постоечките структури. Па дури и кога се наметнува Лумикс, на кој не му е местото во таа потребна празнина, успева да коегзистира, иако како сопка која го задушува зададениот простор.
Влезот од страната на Работничкиот дом е многу романтичен. Дополнет од околниот урбан метеж, Работничкиот дом отспротива и хотелот од десно, испреплетуваат еден возвишен склоп, каде преку скалилата го истакнуваат нашето домашно социјализирање.
УМЕТНИЧКО РЕМЕК-ДЕЛО
Делот од страната на Вардар го надоврзува профилот од строгите станбени згради и создава можеби едно од најшармантните места за дневен и ноќен соживот, рекреација, градско изобилие.
ГТЦ е во перфектна корелација и со Собранието преку празниот парк. Се создава еден архитектонски, динамичен пресек полн со интензивна содржина. Од овој дел (заради просторната перцепција) доаѓаат до израз металната структура обоена во сино и кровните цилиндри, графички исцртани со спирали, кои од возило во движење задаваат вител на кровната плоча. Овие елементи му ја зголемуваат динамичноста и топлината, па дури и кога статички се посматра. Токму на оваа страна, каде јавниот простор преминува во сиже, се надополнуваат двете велосипедски рампи чии симетрични силуети ја исцртуваат буквата Ж (Z).Тие впрочем претставуваат и своевидни иницијали (потпис) на авторот, архитектот Живко Поповски, кој во отсуство на фасади, задава еден вид рамка на ова свое уметничко ремек-дело.
Референдумот се поклопува со еден значаен период. Политичките проблеми се избиструваат и острат. Јавниот простор сè повеќе добива на значење и триење. Студентите први го искусија тоа. Следуваат јавните собири пред МТВ, хонорарците, средношколците и сите останати здруженија кои почнаа да се збиваат сè повеќе… Повеќе множества на делување секојдневно ја збогатуваат граѓанската иницијатива, а со тоа и крупнењето на теренот.
Сè некако имам чувство дека токму ГТЦ ќе биде јазолот кој ќе ги обедини сите наши стремежи и ќе нè насочи кон неговиот конечен спас и уривање на оваа владејачка гнасотија. Тој ќе биде бастионот на ослободувањето, кој како разлеано масло ќе се прошири и низ останатите градови од каде ќе се ресетира државата.
Драги сограѓани, со нашиот глас ќе ја потврдиме позицијата од која нема повеќе враќање!
Да живее ГТЦ!!!