Кој кур град?!

05.05.2015 01:45
Кој кур град?!

Беше одамна и не се сеќавам каде одевме со татко ми и зошто, ама јас требаше да го носам. Тој не знаеше да се снајде по улиците, а јас божем знаев. Кога стигнавме пред зградата кај што требаше да одиме, ме праша дали сум сигурен дека тоа е местото. Сигурен сум, реков, го памтам графитот на трансформаторот.

Се сеќавам дека татко ми многу се налути: во околина во која има барем неколку капитални објекти, јас се ориентирам според графит на трансформатор кој уште утре може да биде пребоен?!

Тогаш помислив дека е во право што се лути. Денес знам дека не е.

Во Скопје, градот кој е шампион на непостојаноста, каде кафеаните, кафулињата, берберниците, продавниците, цвеќарниците, сендвичарите, па и продавниците за автоделови денес ги има, а веќе утре не; во Скопје, градот кој полека ги губи и препознатливите маркери и урбани топоними; во Скопје, каде често се менуваат и имињата на главните улици, задолжителниот правец на споредните улички, а безмилосно се преоблекуваат и фасадите... Во тоа Скопје, откако знам за себе, под мостот „Гоце Делчев“ постои еден нацртан графит, а веднаш над него и „рецензија“ за истиот - натпис „Кој кур графит?!“.

Еве го, си стои и денес, скромен и ненаметлив, а надживеал стотици локали, фасади, згради, паркчиња, игралишта, љубови, мали и средни претпријатија, па дури ја надживеа и оградата на мостот под кој е напишан.

Сега, иако не чувствувам вина што се ориентирам според графити наместо по пошти или болници, кога го гледам оној евергрин под мостот „Гоце Делчев“, и опкружувањето во радиус од петстотини метри, сменето до непрепознатливост, не можам а да не се запрашам: кој кур град?!

(Од циклусот „Изгубените чевли на Скопје“)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото