Оди си! (2)

09.05.2015 15:50
Оди си! (2)

II

Оди си, Никола, преродбата не ти успеа!

Ти, Никола, самиот си се излажал, или можеби некој ти го подметнал тоа ‒ да оствариш некакви реформи, односно „преродба“ на Македонија, со практикување еден вид просветен апсолутизам. Ти зборувал некој, можеби, за Фредерик Големиот од Прусија, за Марија Тереза и Јосиф II од Австрија, за Карло III од Шпанија, за Катерина Велика од Русија, кои во историјата се познати како просветени деспоти. Или за легендарниот Ататурк со вкупното негово значење за Турција, или можеби ти раскажувале за неодамна починатиот Ли Куан Ју од Сингапур, вистинскиот татко на просперитетот на неговата земја, познат како промотор на т.н „азиски вредности“, човек со поцврста рака, но вистински реформатор. Можеби затоа ти тргна да ја дисциплинираш и едуцираш целата нација во сите области ‒ во економијата, историјата, културата. Тргна сè да преродиш, или сè одново да смислиш. Убеден во својот исправен пат, се реши на тактиката: тоа што не може доброволно, ќе мора со сила.

За системот на принуда да стане прооден за твоите „големи“ идеи и проекти, мораше институциите да се потчинат исклучиво на твојата волја. За да можеш сите противници онака институционално (Милошевиќ сакаше и вонинституционално) да ги отстраниш, елиминираш, ставиш во апсана, „согласно уставот и законите“, како што би рекла твојата мала но многу крвожедна министерка на полицијата. И ти ги потчини. Сите ги стави под контрола. И тргна 24/7 во остварување на твојата мисија: „Нова економска политика“ која само ти ја знаеш; „Нова историја на македонскиот народ“, која си ја учел од селектирани учебници или од усни преданија на посебен вид учители; “Нова култура, морал, обичаи“, соодветни на твоето воспитание, домашно или позајмено.

Како тргна во остварување на овие столбови на проектот за твојата „лична бесмртност“ е една работа, а како завршуваш е сосема друга работа. За тоа ќе кажам нешто подоцна.

За идентификацијата што си ја замислил за себе како „просветен автократ“ кој ќе оствари преродба на својата нација-држава си испуштил од вид неколку „ситници“:

а) Од двозборниот квалификатив „просветлен автократ“ ти ги поседуваш квалификациите само за вториот збор. И ако евентуално некој ти го поматил умот да се инспирираш од погоре спомнатите историски личности, или други слични на нив, пред да помислиш да имитираш некого од нив, требало и нешто самиот да прочиташ за нив, за нивното образование, нивните вештини и нивните карактери. Твојот ум, Никола, е премногу скромен и премногу матен, а времето за образование си го потрошил на тренирање удари под појас и на сеење демагогија.

б) Целосно си го промашил историското време ‒ кога некои методи на управување може да поминат.

в) Додека многумина мислат дека добро си го проучил карактерот на својот народ (наводно слаб, плашлив, подмитлив, неограничено трпелив, со други зборови ‒ никаков), јас мислам дека целосно си го потценил ‒ со задоцнување или не, на крајот тој народ ќе знае никаквеците да ги смести на вистинското место, зашто лагите, исто како и лепешките, секогаш се појавуваат на површината.

г) Луѓето од дамнешните историски времиња, во случај да ти послужиле како инспирација за водењето држава, ги собирале околу себе најумните глави во нивната епоха како советници и соработници. А ти, Никола, собираш купишта медиокритети, полтрони, безрбетници, морални ништожници, кои кај тебе смеат да дојдат само со твојата глава (главно несоодветно пополнета), кои немаат елементарна храброст да поднесат оставка и тогаш кога целосно им е јасно дека кривично ги заглавуваш, дека ги третираш како свињи на кои им е доволно да им ја ставиш копанката со зајре која треба да ја изедат. Дури и под тие услови не им веруваш, па мора да ги прислушуваш за да не ја превртат копанката со зајре или да не ти направат некоја друга штета. Затоа според својата амбиција вкрстена со твоите можности, заедно со нивото и карактерот на твоите „најблиски“ соработници (после нивното прислушување комично е да се каже: најблиски), без да ја гледаме заблудата на твојот „историски проект“, ти наликуваш на жабата која го видела коњот како се потковува, па го посакала и таа истото. Па, до каде стигна твојот проект Никола? И како завршува?

НАМЕСТО ЗАЈАКНАТ, ПРОИЗВЕДЕ ПОТКОПАН ИДЕНТИТЕТ И КУЛТУРОЛОШКИ МЕТЕЖ!

Што стори, Никола, со нашата национална култура и идентитет? Каде го насочи нашиот автентичен мултукултурализам, негуван од големите илинденци, кои ти воопшто не ги разбираш, а многу љубиш да ги цитираш, и од нашите партизани, за кои не криеш дека ги мразиш, покажувајќи дека и нив воопшто не ги разбираш, без да знаеш дека токму тие се луѓето кои ти ја оставиле државата која ти така успешно ја раздржавуваш.

Всушност, ти, Никола, малку знаеш за концептите од типот идентитет и култура. Знаеш толку колку што знаат многубројните простаци во Македонија и во регионов, толку колку што е доволно само за производство на конфликти, омраза, разни видови сегрегација, дискриминација и културна дегенерација. Да беше поинаку, овој регион немаше да биде европско дно, а ние немаше да бидеме дно на тоа дно.

Идентитетот, Никола, не е ДНК, на што ти се обиде да ја сведеш (во што, за жал, не си сам) потрагата и докажувањето на нашата колективна препознатливост и признавањето од „другите важни“. Таа метода е соодветна за избор и потврдување на раса кучиња, а не луѓе. Затоа онаа вест за некое наводно истражување од некојси швајцарски институт според кое ние, денешните етнички Македонци, сме поседувале најголем процент „aнтичко‒македонска“ ДНК, вест популаризирана од твоите курири во новинарството и од тебе селектираните „историчари“, не е само комична, туку и трагична.

Идентитетот не е ниту стекнато чувство, ниту откриено сознание за припадност кон една етничка и/или религиска афилијација. Категоризирањето на луѓето според некоја сингуларна (сеедно колку истакната) карактеристика, е метода за делење на луѓето. Тој плиткоумен пристап може да биде клучна компонента само на „вештината на војување“, на постојаните конфронтации и делби меѓу луѓето. Врз основа на ваков редукционистички пристап кон прашањето на идентитетот, кога ти Никола го печеше твојот занает на „економист“ во градот под Марковите кули, меѓусебно се заклаа стотици илјади граѓани од бившата СФРЈ, илјадници мајки и ќерки беа силувани пред очите на сопрузите, децата и сестрите, а милиони беа раселени на сите страни на светот.

Врз основа на овој редукционистички пристап кон идентитетот, односно твојата „ДНК методологија“, во 1994 година само во еден од бројните колежи во Руанда, во насилствата меѓу Хуту и Тутсите во соседството на Бурунди, беа одземени над еден милион животи, само за неколку денови. Колежите во Сирија, Ирак, обезглавувањата што ги вршат т.н. борци на ИСИЛ, грозоморните масакри на џелатите на Боко Харам, сите се инспирирани од сингуларистичкиот пристап кон идентитетот на луѓето.

И, сега, кога ова го ставам во контекст на твојата „идентитетска“ или (не)мултикултурна политика во Македонија, склон сум да поверувам дека може дури и да се исчудуваш, како некој се дрзнува да прави корелации од таков вид, кога си ти во прашање. Ако ова навистина ти предизвикува таква реакција, „наш“ Никола, не барај други причини надвор од твоето (не)образование и бескрупулозната алчност за власт и пари, од која деновиве се вџашени и најнеинформираните граѓани на Македонија, а се надевам и повеќето од твоите членови на партијата кои те креваа до облаците.

Човечките суштества, Никола, се повеќедимензионални. Еден човек поседува истовремено повеќе идентификации. Може да поседува чувство на припадност кон една заедница (етникум); може да се идентификува со одредена религија; може да се идентификува, односно да ѝ припаѓа на некоја професија; може да се идентификува како борец за човекови права; може целиот свој живот да го посвети на помагање на бедните, болните, лицата со посебни потреби, како што тоа го правеше Мајка Тереза. (Додуша, на простаците од сингуларна идентитетска провиниенција, евтините манипулатори со чувствата на луѓето, главна преокупација во однос на Мајка Тереза им е каде е таа родена и кому припаѓа ‒ прашања кои за неа очигледно не постоеле, бидејќи таа работеше за луѓето од целиот свет.)

Човек може да се чувствува истовремено и како Македонец и као жител на Балканот, и како припадник на јужнословенската група на народи, и како припадник на европското семејство на нации, а најголемите, од видот на Мајка Тереза, и како граѓани на светот. Човек може да ѝ дава најголемо значење на идентификацијата либерал во светски рамки, на идентификацијата социјалист или на идентификациите заштитник на природната средина, антимилитарист, ставајќи ги во сосема подредена позиција етничката и/или религиска идентификација. И никој, поради тоа, наш „голем Македонецу“, не смее другите да ги прави „македончиња, комуњарчиња, предавници, кодоши, странски платеници“, цигани што треба да бидат влечени за уши, соросоиди кои треба да бидат сотрени, апсени со пиштол во уста, спарувани во затворски ќелии со „природно надарени“ ‒ за да видат кому се спротивставиле, зошто апашот го нарекле апаш токму зашто е апаш.

Во нашата мултиетничка и мултирелигиска загатка, еден етнички Албанец може истовремено да се идентификува и како граѓанин на Македонија и како припадник на пошироката етничка заедница на Албанците во регионот. Но, тоа не може да биде аргумент за априорно сомневање во неговата лојалност кон Македонија, земја во која Албанците се родиле и живеат, па дури и ако подоцна станале нејзини жители. Дали нивната идентификација со Македонија, или лојалноста кон неа, ќе бидат посилни од идентификацијата со етницитетот од поширокиот регион, зависи од многу фактори, а најмногу од условите за живот, од можностите за самоостварување, од реализацијата на нивното сепство, од животниот стандард, од правата и слободите што ги уживаат, од мирот и стабилноста, од можностите за долгорочно планирање и креирање на своите животи. Истото важи и за еден Србин, еден Влав, Турчин, Бугарин... Истото важи и за еден Македонец, Никола, кој нема друга држава со ист доминантен етнос, на кој еве решил поинаку да се идентификува. Да не е така, масовните иселувања на етничките Македонци од Македонија не би се случувале, како што не би се случувале ниту иселувањата на Албанците и другите етнички заедници. (Особено последниве месеци гледаме дека тоа важи и за Албанците од Косово, кои до скоро ризикуваа животи само да се одвојат од Србија и да станат одделна држава. Сега тие сè помасовно бараат азил во Германија и во другите европски држави, и тоа со цели семејства. Значи, не им е приоритет по секоја цена да бидат близу или заедно со етничките браќа, туку им даваат предност на некои други важни работи во животот на нивните семејства.)

Во слободно, демократско општество, деспоту наш, секој човек има право да избере на кој од мноштвото идентитети ќе му даде приоритет. Поради тоа тој не смее да биде ниту апсен, ниту „фрлан во ендек“, ниту „сотрен“, ниту „исфрлен од работа“, ниту „влечен за уши“, ниту рекетиран од УЈП, ниту исклучен од правото на еднакво користење на добрата и ресурсите во сопственост на општеството, ниту исклучен од уредувањето на сопствениот град или населба, ниту непрашан како да му изгледа неговата куќа за живеење, ниту етикетиран како предавник, ренегат, странски платеник... зашто најголемите предавници се оние кои ги газат човековите права и слободи.

Во тој контекст, логично следи и прашањето: зошто нашите заминати луѓе во странство не одлучиле по секоја цена да останат во Македонија, во согласност со твојата идентитетска теорија базирана на „крвта и почвата“, таа сингуларна или редукционистичка теорија на разбирање на идентитетот на луѓето, туку одлучиле да им дадат предност на други нешта ‒ на можностите да работат и заработуваат, да се самоостваруваат таму каде што мислат дека тоа можат да го направат најдобро?

(продолжува)

Кон првиот дел

Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото