Нихилистка (втор дел)

03.03.2010 13:11
dessous [Jean -Claude Claeys].jpg

2.

Во меѓувреме, телото и срцето на Олга, кое чукало од восхит и неизвесност, наместо во немирните води на Тобола биле носени од кола која била влечена од два коња во полн кас.

Бидејќи претходно се договорила со едно селско момче, кое успеала да го преобрати во социјалист за време на една од нејзините посети на блиските куќи уште додека работела како медицинска сестра, Олга се ослободила од сè што и’ било излишно за да ги убеди сите дека навистина се удавила, а потоа на закажаниот датум побрзала во блиската шума каде што на договореното место ја чекал нејзиниот млад следбеник. Ноќта била темна. Под густите крошни на дрвјата речиси ништо не се гледало ниту слушало, освен вревата од бувовите и, понекогаш, далечното завивање на волците кои во Сибир ги имало во изобилство.

Како неопходна мерка на претпазливост, местото на состанок го закажале околу пет километри во самата шума. Ова растојание Олга морала да го мине во црна темница, водена само од ѕвездите кои повремено се пробивале низ крошните. Сепак, таа не се плашела од дивите ѕверови или од друмските разбојници и скитници кои секогаш се врткале околу сибирските градови; најмногу се плашела од кучето на чуварот на гробиштата. Во таа земја, за гробиштата се водела посебна грижа бидејќи меѓу најчестите од сите одвратни злосторства на кои бил спремен затворскиот џган било ископувањето на сандаците и ограбување на покојниците кои се скоро погребани. Тоа било куче од расата мастиф, со големина на теле, крволочно и прецизно, можело да го намириса секој што ќе се приближел на оддалеченост од половина километар, а патот што го одела таа поминувал покрај осамената барака на чуварот. Токму со цел да го избегне, Олга се решила да не оди по патот, туку навлегла во шумата, и покрај опасноста дека може да се изгуби.

Сопнувајќи се на секој чекор од корењата и паднатите стари стебла, и налетувајќи на бодликави грмушки и свиени гранки кои ја шибале по лицето, продолжила да пешачи уште два часа иако била исцрпена. Само надежта дека брзо ќе стигне до местото на состанок, кое не можело да биде далеку, и’ давала сила да истрае. И навистина, откако дрвјата почнале да се проретчуваат, Олга се нашла на некоја чистинка. Наеднаш застанала, се обѕрнала околу себе и се скаменила од ужасот кога ја препознала бараката на чуварот. Залутала во шумата и по неколкуте свртувања дошла токму на местото кое сакала да го избегне.

Првото нешто на кое се сетила било тоа да побегне оттаму, но само секунда подоцна во главата и’ се појавила мисла која ја спречила во тоа. Од бараката не доаѓале шумови, сè било тивко. Што би можело да значи освен тоа дека чуварот не е дома? Застанала мирно и наслушнувала, задржувајќи си го здивот поради возбудата. Од бараката не доаѓало ништо, но од спротивниот правец, во тишината на ноќта, се слушало лаење на куче кое се приближувало. Очигледно чуварот излегол, но можел да се врати секој миг, а неговото страшно куче најверојатно трчало пред него, обидувајќи се да го надушка пленот. За среќа, од неговата барака до договореното место водела патека која овојпат бегалката не морала да ја избегнува и таа веднаш портчала колку што ја носеле нозете. Лаењето навистина се засилувало, но растенијата биле толку густи што ни кучето не можело да се пробие низ нив. Олга за брзо време стигнала до чистинката, останувајќи без здив и прогонувана од стравот дека е следена, како и од сомнежот дека нема да затекне никој на договореното место. Нејзината радост била огромна кога во мракот ја здогледала договорената кола и го препознала младиот селанец.

Набрзо се нашла во колата која брзала по патот. По пет часа исрцувачко патување се покажал Тјумен, гратче со околу 18 000 жители, оддалечен од Талуторовск осумдесет километри. На стотина метри од првите куќи, колата отсечно завртела во една неосветлена уличка и тивко се приближила до една куќа во која некој очигледно ги очекувал. Од собата во приземјето се појавила светлина, а потоа на прозорецот се појавила фигурата на некој маж. Прозорецот се отворил и, откако ја препознал младата девојка, мажот разменил неколку зборови со селанецот што управувал со колата. Без да каже ништо, селанецот станал, ја зел Олга, која била ниска и лесна, во раце и ја предал во силните раце на мажот кој преку прозорецот ја внел во собата. Тоа бил наејдноставниот и најдобриот начин незабележано да се влезе во куќата. Отворањето на вратата во таа доба би разбудило луѓе и би предизвикало разни гласини.


Откако и’ посакал среќа на младата девојка, селанецот си тргнал по својот пат и на Олга конечно и’ се укажала прилика да одмори. Нејзиниот прв чекор бил успешно изведен. Далеку од тоа дека сите тешкотии биле надминати; кога е во прашање Сибир, вистинскиот затвор претставува неизмерливото пространство, а не ѕидовите и чуварите.

На оваа територија која двапати е поголема од Европа и бројот на жители двапати поголем од англиската престолнина, градовите и селата се само едвај забележливи точки кои се одделени од огромните и безживотни пустини во кои секој што ќе се изгуби во нив или ќе умре од глад или ќе заврши како храна за ѕверовите. Затоа бегалците немаат избор освен да се решат за некој од патиштата кои ги поврзуваат градовите со остатокот од светот. Со тоа потрагата по нив е значително олеснета и затоа, додека меѓу политичките случаи бележиме стотици случаи на успешно изведени бекства од најчуваните затвори и рудници, оние кои успеале да ги совладаат сите потешкотии и да избегаат од Сибир можат да се избројат на прсти.

Постојат два начина успешно да се избега од Сибир. Прво, како најопасен, е оној кој со цел да се здобиете со добра почетна позиција, е да добиете на време уште додека полицијата детаљно го прегледува само својот округ и сè уште не им праќа известувања за бекството на големите центри со надеж, често оправдана, дека известувањето за бекството и за фаќањето на затвореникот ќе се совпаднат во исто време. Сепак, во најголемиот број случаи бегалецот со ова добива три-четири дена предност, додека патувањето може да трае многу недели, па дури и месеци. Со оглед на фактот дека телеграфските врски се воспоставени низ сите поважни линии на комуникација, макар само преку ангажирање дополнителни коњички патроли, полицијата обично нема големи потешкотии да го надомести изгубеното време. Потребни се огромна проникливост и среќа за да им се побегне. Сепак, повеќето избегани затвореници се решаваат за овој, наједноставен и релативно најлесен начин, бидејќи не бара големи подготовки или некаква надворешна поддршка. Токму поради овие причини деведесет и девет отсто од нив успеваат да побегнат само стотина километри од нивното место на прогонство.

Со оглед на тоа дека патувањето може да биде толку опасно, многу посигурен е вториот начин - да се остане сокриен во некое внимателно и однапред подготвено засолниште во самата провинција еден, два или повеќе месеци, сè додека полицијата, по долгата и неуспешна потрага, не дојде до заклучокот дека бегалецот веќе сигурно се наоѓа вон границите на Сибир, по што обично ја намалува зачестеноста на потрагата или целосно ја откажува. На ваков начин се случило познатото бекство на Лопатин, кој повеќе од еден месец останал во Иркутск, како и бекството на Дебагориј Мокријевич, кој пред да побегне во Русија повеќе од една година менувал различни скривалишта во Сибир.

Како и да е, Олга Љубатович не сакала да го употреби вториот начин, па така го избрала првиот. Тоа било скок во неизвесност. Сепак, Олга ги засновала своите надежи на успешното измамување на противникот со своето наводно самоубиство, па истиот ден кога дошла во Тјумен, преку поштенскиот и караванскиот пат кон Москва тргнала за Европа.

За да може да се патува на овој начин, во Русија треба да се набави патнички пасош со потпис на гувернерот. Се разбира, Олга не поседувала такво нешто, а не ни сакала да губи време за да го набави тој документ. Затоа, морала да се придружи некому кој веќе го имал пасошот. За нејзина среќа, некој си Солуцев, кој неколку години претходно се прославил со големи фалсификаторски афери и малверзации, само што се враќал во Русија бидејќи бил помилуван од царот. Со задоволство прифатил да ги подели трошоците за патување со неа и да има сопатничка, симпатична селанка која брзала во Казањ во посета на својот болен маж, како што Олга се претставила. Но тука се случила една незгода. Истиот Солуцев, кој очигледно блиско соработувал со полицајците, на станицата бил испратен од цела свита луѓе. Со оглед на тоа дека Олга била личност која својата револуционерна кариера ја започнала на шеснаесет години, првпат била уапсена на седумнаесет, и за време на својата седумгодишна кариера променила единаесет затвори, вклучувајќи и неколку месеци во затворот во Тјумен, било вистинско чудо што во ликот на повлечената сопатничка никој не ја препознал прочуената Љубатович.

Најпосле, меѓу вревата и поздравите на насобраните луѓе, колата тргнала. Олга дишела послободно. Сепак, тоа не бил крајот на нејзините страдања.

По патот имала разни потешкотии. Сопатникот и’ задавал многу маки. Тој бил човек кој од повеќегодишните ужавања во луксузот станал разгален, па така на секоја станица се жалел на целосна исцрпеност и застанувал да се одмори и да се послужи со чај, колачиња, храна од конзерви и слатки кои ги имал во изобилство. Олга, во очајот да не биде откриена, а телеграмите кои ја опишуваат да не бидат пратени во сите попатни пошти, морала да покаже огромна итрост и постојаност за да го продолжи патот со овој слабак, без да предизвика никаков сомнеж. Сепак, кога веќе биле близу границата со европскиот дел на Русија, за малку ќе се издала. Имено, Солуцев изјавил дека повеќе не е во состојба да патува понатаму, дека ова брзање целосно го исцрпело и дека му се потребни неколку дена одмор. Олга паднала во искушение да му признае сè за да го предизвика неговото сожалување. Којзнае што би се случило ако нејзиниот инстинкт, кој не ја напуштал ниту во најнеизвесните ситуации, не ја одвратил од овој опасен потег.

Уште поголема опасност ја чекала во Казањ. Веднаш по пристигнувањето, таа побрзала да купи карта за првиот параброд што по Волга пловел кон Нижни Новгород. Солуцев, кој рекол дека оди на југ, требал да патува во спротивен правец. Колку само се изненадила кога на палубата го здогледала својот сопатник. Сторила сè за да го избегне, но залудно. Солуцев ја препознал, па побрзал да ја поздрави, викајќи на сиот глас:
„Што? Ти ли си? Па, зарем не ми кажа дека маж ти лежи болен во болницата во Казањ?“
Неколку патници се свртеле и погледнале во нив, меѓу кои имало и полицаец кој патувал на истиот брод.
Ситуацијата била сериозна. Но Олга, не губејќи ја присебноста, веднаш измислила објаснување за ненадејната промена на планот. Солуцев и’ поверувал на секој збор, како и полицаецот кој ја слушал.

Бидејќи во московските затвори поминала неколку месеци, во градот таа била добро позната. Со оглед на тоа дека главната железничка станица секогаш била полна со полицајци на должност, Олга била приморана да ја избегне и растојанието од десетина километри да го помине пеш, со што заштедела малку пари, и за потоа да се качи на воз на некоја мала станица и ноќта да ја помине под отворено небо. Многу биле искушенијата што ја демнееле, но на кои им успеала да им одолее благодарение на својата снаодливост. Но најголемите неволји допрва ја чекале, во градот во кој толку силно сакала да стигне, Санкт Петербург.

Кога некој нихилист, кој долго време бил отсутен, наеднаш се појави во некој град, а претходно да не стапил во контакт со оние кои неодамна биле таму, тогаш таквата личност се наоѓа во навистина неблагодарна положба. Иако знае дека е опколен со пријатели и соборци, кога станува збор за нивното пронаоѓање тој останува сосем беспомошен. Во прашање се „илегалци“, одметници од законот, кои поседуваат фалсификувани документи и кои често се принудени да ги менуваат своите имиња и места на престој. Не можете да ги барате под нивните стари имиња, бидејќи овие чести промени се резултат на потребата да и’ се избега на некоја сериозна опасност која демнее. Да се појде на старата адреса на некој нихилист и да се распрашува за него под старото име е еднакво на доброволно ставање на главата во отворената челуст на некој ѕвер.

Во такви околности, на маките никогаш им нема крај, и она што обично следува е скитањето ваму-таму за некако да се дојде до пријателите. Потпирајќи се на старите познанства меѓу оние кои се „легални“ и мирни, т.е. на службениците вработени во државната управа, трговците, адвокатите, лекарите и сите оние кои ја сочинуваат средната класа, на тој начин несвесно се прави врска меѓу најактивните нихилисти и оние на кои им е најмалку до прашањата од јавно значење. Таму има секакви луѓе. Едни, со помал или поголем ентузијазам, тајно ги потпомагале нихилистите. Другите ги примале во своите домови едноставно како пријатели, но си немале никаква „сериозна“ работа со нив. Трети, пак, ги гледале повремено, но знаеле преку кои луѓе можеле да дојдат до битни информации. Бидејќи никој од овие луѓе, или барем никој, немал врски со движењето, и не бил изложен на ризикот од апсење и живеел „легално“, односно, под своето вистинско име, било прилично лесно да се најдат. Тие потоа би и’ овозможиле да дојде до адресата на членовите на дружината.

По доаѓањето во Санкт Петербург, Олга Љубатович се нашла токму во ваква положба. Сепак, само оние кои подолго претсојувале во градот и создале многу познанства можат лесно да ги најдат трагите во вакви ситуации. Олга во престолнината престојувала само неколку дена, а меѓу „легалните“ имала само неколку познајници. Притоа, во Санкт Петербург стигнала во август, месец во кој сите што се на позиција се надвор од градот. Со само шеесет копејки во џебот, талкала од едниот крај на градот во другиот. Можело лесно да се случи да падне среде улица поради исцрпеност и полицијата да ја собере како бездомник, ако случајно не се сетила да ја повика далечната роднина за која знаела дека е во Санкт Петербург. Таа била стара мома која топло ја примила во својот дом, но која се исплашила кога видела како изгледа Олга. Олга останала два дена, и потоа заминала со уште неколку рубљи што ги добила од роднината. За среќа, го сретнала адвокатот кој се враќал од село.
Од тој миг, на сите нејзини маки им дошол крајот. Адвокатот, кој ја познавал од порано, и’ ја оставил куќата на располагање и веднаш разгласил за нејзиното пристигнување меѓу членовите од дружината. Следниот ден, добрите вести за безбедното пристигнување на Олга Љубатович проструиле низ целиот град.
Веднаш и’ обезбедиле пари и пасош, а потоа ја одвеле на посигурно и поскришно место, далеку од очите на полицијата.

Извор: Маргина 83/84

Илустрации: jean-claude claeys

Превод: Ѓорѓи Крстевски

За првиот дел кликнете овде.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото