Нихилистка (трет дел)

05.03.2010 13:15
jean-claude-claeys4.jpg

3.

Првпат ја сретнав токму во Санкт Петербург.

Тоа не беше никаков „деловен“ собир, туку дружење од задоволство, во кругот на блиските. Сметајќи ги и „легалните“ и „нелегалните“, присутни беа најмалку петнаесетина луѓе, меѓу кои имаше и неколку книжевници. Еден од нив беше единствен пример за „илегалец“, човек кој извесно време беше интензивно баран од властите, а кој шест или седум години живееше служејќи се со лажни пасоши и речиси успеа, како почитуван и познат дописник на разни весници, да стане „легален“ член на општеството. Таму беше и адвокатот кој, откако ги бранеше другите на неколку политички судења, и самиот се најде на обвинителната клупа. Беше и едно момче на осумнаесет години, во војна униформа со златна лента и еполети, син на еден од најзагрижените прогонувачи на Револуционерната партија. Еден државен службеник, на околу педесет години, веќе петта година беше на чело на некое од одделенијата во едно министерство и наш чувар на Печатот - со други зборови, фиоките до врв му беа полни со лажни печати, лажни жигови, марки и слично, кои ги изработуваше неговата братучетка, шармантна млада девојка со несекојдневен талент за цртање и гравирање. Тоа беше шаренолико и крајно невообичаено друштво за секој што не беше запознат со обичаите на северна Палмира.

Со слободата која ги краси сите руски собири, особено кога станува збор за нихилистите, секој правеше што сака и разговараше со оној чие друштво му беше најпријатно. Дружината беше поделена на различни групи, а вревата од гласовите кои ја исполнуваа собата често преминуваше во викање и силна смеа.

Бидејќи им се јавив на домаќините и се ракував со неколку пријатели, и’ се придружив на една од овие групи. Без проблеми ја препознав Олга Љубатович, со оглед на тоа дека во јавност беа пуштени илјадници портрети од главните осуденици од „педесетмината“, од кои таа беше една од најистакнатите играчи, и секој ги имаше при рака.

Седеше на крајот од креветот, со благо наведната глава, и смирено си го пиеше чајот. Нејзината густа црна коса и’ паѓаше преку рамениците и со своите врвови го допираше долниот дел на софата. Кога би се исправила, косата би и’ допирала до коленици. Нејзиниот тен, налик на темнозлатната боја на лицето на некоја Шпанка, укажуваше на нејзините корени од југ, бидејќи татко и’ и дедо и’ биле политички дисиденти кои од Црна Гора пребегнале во Русија и се населиле овде.

Всушност, немаше ништо руско во цртите на лицето. Со густите црни веѓи во облик на срп, кои небаре постојано беа кренати, на секој што ќе погледнеше оставаше впечаток на арогантна и дрска личност, жена која и’ припаѓа на родната грутка. Од својата нова земја, пак, добила чифт сини очи кои како секогаш да беа полузамижани од долгите трепки и кои фрлаа нежни сенки на нејзините мазни образи кога ќе трепнеше, како и подвижно, нежно и еластично тело кое донекаде го ублажуваше сериозниот и строг израз на нејзиното лице. Исто така, поседуваше извесен шарм, извесна доза на убавина која често се забележуваше кај жените од југ.

Загледан во тоа прекрасно лице, на кое правилниот нос со широки ноздри му даваше орелски облик, се сетив дека токму така си ја замислував Олга Љубатович врз основа на сето она што дотогаш го имав слушнато за неа. Но наеднаш таа се насмеа, и повеќе не можев да ја препознам. Се смееше, не само со огнените усни на црнокоса, туку и со своите сини очи, со своите тркалезни образи, со секој мускул на своето лице кое наеднаш стана ведро и озарено како кај дете.
Кога се смееше од сесрце, ги затвораше очите, дискретно ја наведнуваше главата настрана и ја ставаше дланката преку уста, токму како што правеа жените по нашите села. Но веќе во следниот миг се собираше, се намуртуваше, а лицето и’ потемнуваше и стануваше сериозно, како претходно.

Имав неопислива желба да и’ го слушнам гласот, да утврдам која од нејзините две природи на нејзината личност, кои ја откриваат оваа неочекувана промена, повеќе и’ прилега. Ама не ми се укажа можност за остварување на желбата. Олга не прозборе цела вечер.

Нејзината молчеливост не беше поради незаинтересираноста за она за кое се зборуваше; напротив, таа внимателно го следеше разговорот, а полузамижаните очи се движеа од една страна на друга. Не се работеше ни за воздржаност; пред сè, стануваше збор за недостаток на некаков мотив да каже нешто. Изгледаше дека е сосем задоволна додека ги слуша останатите и размислува, а нејзината сериозна уста како намерно да му пркосеше на секој обид да се отвори.

Дури неколку дена потоа, кога на еден „деловен“ собир ја сретнав насамо, имав можност да и’ го слушнам гласот, прикриен како и нејзините очи, а дури по неколкумесечното познанство успеав да продрам во нејзината нарав која беше единствена по тоа што во себе обединуваше две спротивставени особини. Беше вистинско дете со својата непосредност која се граничеше со простодушност, со чистотата на умот и скромноста која се појавуваше дури и во кругот на познајниците, а која придонесуваше нејзините чувства да изгледаат посебни и исклучително истенчени. Но, истовремено, ова дете ги оставаше без здив и најискусните ветерани со својата решителност, способност и смиреност кои доаѓаа до израз во миговите на соочување со некоја опасност, а над сè, со оглед дека не признаваше никакви пречки, честопати се одважуваше и на невозможното.

Гледате во оваа млада девојка, толку едноставна, тивка и повлечена, како црвенее и со обете раце засрамено го покрива лицето и забрзано ја напушта собата секојпат кога некој од бившите ученици и’ посветува песна што гласно ја чита; гледате во девојката, велам, и треба да поверувате дека се работи за избеган робијаш, жена која добро е запознаена со осудите, затворите, осудениците, бекствата и останатите авантури. Сепак, доволно беше само еднаш да ја видите на дело, и веднаш да поверувате во сè. Се преобразуваше водена од некој природен и вроден инстинкт некаде на половина пат помеѓу итрината и борбената вештина. Таа надворешна едноставност и непосредност за неа беше штит кој и’ овозможуваше неповредена да излезе од толкуте искушенија во кои многу мажи, кои важеа за искусни борци, го губеа своите животи.

Еден ден, за време на еден претрес, полицијата за малку ќе ја имала Олга во своите раце. Забележувајќи ги на само неколку чекори од себе, еден нејзин пријател имал време само да протрча низ скалилата, да влета во собата во која се наоѓала таа и да викне: „Спасувај се! Полиција!“, додека полицајците веќе се распоредувале околу куќата. Олга немала време да ја стави ниту шапката. Побрзала кон споредните скалила и со огромна брзина се симнала. За среќа, полицијата сè уште немала поставено стража пред вратата која водела на улица, па така, таа можела да влезе во малата продавница во приземјето. Во џебот имала само дваесет копејки, бидејќи во брзањето не успеала да ги земе парите. Но тоа не претставувало проблем за неа. За петнаесет копејки купила памучна марама која ја врзала како младите заводливи слугинки. За петте копејки од кусурот купила ореви во кои по излезот од продавницата уживала толку тивко и алчно што полициската патрола, која во меѓувреме пристигнала и ја опколила куќата, ја пропуштила и не ја легитимирала, наспроти тоа што нејзиниот опис им бил познат на сите и нејзините фотографии им биле поделени на сите агенти со наредба полицијата да не пропушта никој, макар и малку сомнителен, од куќата. Не и’ било првпат да им се провлече низ прсти. Олга навистина беше неисцрпен извор кога стануваше збор за снаоѓањето во најневеројатни ситуации, покривање на трагите и смислување итрини кои ги имаше на располагање во секој миг; и покрај сево ова, и’ успеваше да ја зачува својата строга и сериозна личност, па изгледаше како некој кој тешко може да се измами, личност во чие присуство е невозможно да се преправаш. Можеби не ни размислуваше, туку повеќе му се препушташе на својот инстинкт отколку на рационалното размислување. Веројатно токму тоа беше причината зошто при секое соочување со оопасност Олга поседуваше брзина и снаодливост на мечувалец кој со неверојатна леснотија ги избегнува нападите на противникот.

Извор: Маргина 83/84

Илустрација: jean-claude claeys

Превод: Ѓорѓи Крстевски

Останатите делови од Нихилистка можете да ги читате на следниве линкови:

Нихилистка (прв дел)


Нихилистка (втор дел)

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото