За Денот на жената

09.03.2010 15:17
international_womens_day1.jpg

Пред точно сто години, по иницијатива на Клара Цеткин, Социјалистичката интернационала почна да го одбележува Денот на жената. Меѓутоа, тоа не е првиот и единствениот „женски“ празник. Многу земји во светот имаат повод за славење на жените и во други денови.

Меѓународниот Ден на жената на почетокот го одбележувале само неколку земји. На 28 април 1909 г., една година пред неговото официјално прогласување, американските социјалистки го славеле својот Меѓународен ден на жената. Подоцна тие го одбележувале или кон крајот на март или на почетокот на април. Дури откако антивоените социјалистички сили спровеле масовни демонстрации во Европа на 8 март 1913 г., прогресивните женски организации почнле да го одбележуваат Меѓународниот ден на жената токму на овој ден.

По револуцијата 1917 г., Русија станала првата држава во светот која 8 март го прогласила за државен празник, иако на почетокот тоа бил обичен работен ден за работниците. Како празник во кој не се работи бил прогласен дури во 1965 г.

Прогласувањето на 8 март како Меѓународен ден на жената станал еден од симболите на верноста на одредена земја кон СССР или минимум нелојалност кон САД и западните земји. Па така, празникот почнал да се одбележува во земјите со народни демократии, како и во земјите во развој кои го „одбрале социјалистичкиот пат“ – од Алжир до Замбија. Во 1975 г. овој празник го добил своето конечно и најголемо признание, станувајќи официјален Ден на жената според Обединетите нации.

Во Мозамбик, Денот на жената се одбележува на 7 март, денот на починувањето на Жозиња Машел – национална херојка на оваа земја и прва сопруга на мозамбискиот претседател Самор Машел. Според разните верзии кои кружат за важноста на оваа личност, Жозина Машел загинала во борбата против португалските колонизатори, но исто така, една верзија вели дека починала од рак во болница во Танзанија.

Во Јужноафриканската Република Денот на жената се одбележува на 9 август. На овој ден во 1956 г. неколку илјади црнечки жени одржале протестен марш против владата во Преторија. Демонстрациите биле насилно прекинати, а во 1994 г. овој ден станал државен празник во ЈАР.

Во Боливија Денот на жената има типично американски назив „Ден на мајките“. Меѓутоа, таму не го слават во втората недела на мај, како во САД и уште десетина земји – од Австралија и Австрија до Сингапур и Турција, туку задолжително на 27 мај: во 1812 г. на овој ден се одиграла битката меѓу востаниците и шпанските војски, во која учествувале и жени. Во 1927 г. овој ден бил прогласен за државен празник на Боливија.

Жените од Гвинеја својот празник го одбележуваат на 27 август. Тој ден го нарекуваат „Ден на женското востание“. До смртта на претседателот на оваа земја Ахмед Секу Туре никој и не помислувал да го слави, бидејќи востанието било испровоцирано од неговата забрана со која во слободната трговија се забранувала секаква провизија. Во поголемите градови избиле безредија чии иницијатори биле пазарџиите. Секу Туре ја сменил забраната, а по неговата смрт во 1984 г., новите гвинејски власти го определиле овој датум за Ден на женското востание, т.е. како државен празник.

Денот на мајката, пак – кој секогаш се одбележува во втората недела на мај – е можеби најмасовниот и најкомерцијално успешниот од сите „женски“ празници во светот. За волја на вистината, овој празник на почетокот немал толкаво значење. Со иницијатива за одбирање на еден ден од годината кој ќе им се посвети на жените најпрва истапила извесна американска феминистка Џулија Ворд. Тоа било уште во 1872 г., ама тогаш никој не ја поддржал. Затоа вториот обид, оној на Ана Џарвис од 1907 г., вродил со плод. Џарвис создала општо-национално движење за афирмација на Денот на мајката. Таа била енергична жена, а ограноци на нејзиното движење постоеле речиси во сите држави од САД. Во 1914 г. американскиот претседател Вудро Вилсон и официјално ја прогласил втората недела на мај за Ден на мајката.

Иронијата се состои во тоа што своите последни години од животот Џарвис ги поминала во борба против истиот празник. Имено, празникот брзо се искомерцијализирал и во очите на својата основачка се претворил во „ден на трговија“. Меѓутоа, Ана Џарвис ја изгубила битката. Денес најмалку 20 земји во светот го одбележуваат Денот на мајката на американски начин. Во самите држави на САД, според американските статистичари, овој ден е втор во годината по бројот на резервирани маси во рестораните, а тогаш Американците на подароци трошат околу 4 милијарди долари.

Во Ирак и Иран Денот на мајката се слави истовремено – во дваесеттиот ден на месецот џумал ал-ахир, денот на раѓањето на Фатима, ќерката на пророкот Мухамед. Сепак, во Ирак овој ден се нарекува Ден на жената, а во Иран – Ден на мајката. Тој е релативно нов празник во овие земји: во Иран почнал да се одбележува по Исламската револуција, бидејќи дотогаш постоел друг Ден на мајката, кој се славел во чест на мајката на последниот ирански шах Мохамед Реза Палави. Во Ирак, пак, Денот на жената се слави од 2003 г.

Воопшто, славењето на Денот на жената во денот кога е родена „најглавната“ жена во државата – е широко распространета традиција. Во Тајланд, на пример, Денот на мајката се слави на 12 август, кога е родена кралицата Сикирит. Во Јапонија овој празник се слави на 6 март, кога е родена сопругата на царот Хирохито, Нагако. Во Туркменистан советскиот Ден на жената бил префрлен на 20 март, кога била родена мајката на диктаторот Туркменбаши.

Во Тунис Денот на жената се одбележува на 13 август. Со овој празник самата држава ги потсетува жените дека токму на тој ден во 1956 г., тогашниот водач на Тунис, кралот Мохамед VIII, го потпишал Кодексот на личноста – серија закони кои ги изедначуваат правата на жените со правата на мажите.

Во Индонезија празнувањето на Денот на мајката е поврзано со годишнината од првиот државен општонационален Конгрес на жените, кој се одржал на 22 декември 1928 г.

Извор:Власть

ОкоБоли главаВицФото