Флоскулата „граѓаните“ како оправдување за медиумска пропаганда

16.06.2015 10:55
Флоскулата „граѓаните“ како оправдување за медиумска пропаганда

Недостигот од издржана и од критичка аргументација и недостигот од критичка анализа и од критички прашања, медиумите неретко го заменуваат со употреба на некоја флоскула која упорно се повторува.

Избраната флоскула не објаснува ништо, меѓутоа се употребува на начин кој кај јавноста треба да создаде впечаток дека, всушност, со неа е кажано сѐ и нема потреба од понатамошно објаснување.

Упорното повторување на истата флоскула од медиумите го претвора и медиумското известување во манипулација и во пропаганда.

Пример на таква флоскула е изразот „граѓаните го прочитаа …“.

„ГРАЃАНИТЕ ГО ПРОЧИТАА ЗАЕВ: ГОЛЕМО “НЕ” И РЕЗИЛ ЗА СДСМ, СОРОСОВИТЕ МЕДИУМИ И ЗАЕВ!“,
„Најголемиот проблем е во фактот што ова нивно сценарио граѓаните го прочитаа неколку дена пред изборите.“
„Оваа глума не поминува кај граѓаните кои го прочитаа лицемерието на Заев.“

„Но, сценариото кои го подготвуваа станува сè поочигледно и тешко одбранливо бидејќи граѓаните веќе ја прочитаа нивната крајна цел.“

Слична на спомнатата е и флоскулата „граѓаните препознаа“.

„Граѓаните го препознаа мрачното сценарио на Зоран Заев“
…граѓаните го препознаа и го казнија Јакимовски на изборите, кумановчани ја препознаа искреноста и одговорноста на претседателот Заев,…“

Неретко, самата флоскула ја исфрлил во јавноста некој политичар или експерт близок на конкретна политичка партија, кој се обидел да го направи токму тоа: да создаде привид дека објаснил нешто и истовремено да внесе елемент на пропагандна манипулација која има цел да предизвика негативни чувства кон некоја личност или организација. На пример, спомнатата флоскула во јавноста е повеќекратно пласирана од високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ:

„Добро е што граѓаните ја прочитаа оваа матрица и што во континуитет им велат не ве сакаме повеќе.“
„Но, колку и да се обидува јавноста и граѓаните веќе одамна го прочитаа Зоран Заев, го прочитаа и СДСМ.“
„Македонскиот народ е мудар и брзо ја препозна фарсата, валканата политичка игра со која сакаа да не изманипулираат и со гебелсовска СОРОС-оидна пропаганда, недемократски да ја превземат власта.“

Резултатот е погубен за медиумското известување и за информирањето на граѓаните.

Прво, употребата на флоскулата „граѓаните ја прочитаа/препознаа, целта, намерата, играта, сценариото …“ создава впечаток дека медиумот пренесува информација која се потпира на конкретен факт. Со употребата на оваа флоскула, целиот акт на информирање се свртува наопаку. Во таа извртена форма, медиумот не ги известува граѓаните за одредено случување, за настан или за нечиј став, туку гради впечаток дека своето сознание го црпи од граѓаните и, всушност, го пренесува ставот на граѓаните. Медиумот создава илузија дека само го „пренесува јасно искажаниот став“ на граѓаните, додека зборовите на медиумот се ставаат во устата на граѓаните и потоа се цитираат како нивни сопствени:

„…не се подготвени да поддржат политичари кои за лични и теснопартиски интереси влегуваат во соработка со странски служби на штета на македонските национални позиции.“

Второ, кога ќе се употреби флоскулата „граѓаните ја прочитаа/препознаа, целта, намерата, играта, сценариото…“, медиумот всушност ги хомогенизира сите граѓани и ги става во функција на поддршка на одредена партиска конструкција. Во овој начин на пренесување нема други и поинакви мислења, туку едно единствено, кое „го изградиле“ сите граѓани. Медиумот многу свесно заборава да објасни дека постојат и луѓе кои поддржуваат друга политичка опција, кои поинаку мислат и кои се исто толку граѓани како оние другите. Медиумот не објаснува ниту како успеале граѓаните да го изградат овој заеднички став ниту, пак, врз основа на што тој (медиумот) го заклучил тоа.

Трето, кога ќе се употреби флоскулата „граѓаните ја прочитаа/препознаа, целта, намерата, играта, сценариото, …“, се стекнува впечаток дека медиумот им ласка на граѓаните (или барем, некритички го пренесува ласкањето на политичарите). Медиумот тврди дека граѓаните имаат целосна информација за одредена ситуација, имаат соодветни знаења, вештини и капацитети таа информација најсоодветно да ја процесираат и им припишува на граѓаните висока способност за анализа, врз основа на која тие извеле некаков заклучок. Всушност, медиумот им става во уста на граѓаните нешто за што тие можеби и не размислувале, за кое немаат ни минимум информации врз основа на кои можат да изведат заклучок, ниту, пак, сакале да изведат таков заклучок. Меѓутоа, доколку граѓаните се откажат од оваа понуда, тогаш ќе треба да признаат дека се неспособни.

„Според неа, и покрај обидите на Заев, граѓаните на Македонија се мудри и тие ги познаваат политичарите.“
„Граѓаните се мудри, знаат да направат разлика кој колку вреди.“
„Граѓаните на Македонија се мудри за да оценат кој сака да им го украде мирот и спокојството“

Четврто, со употребата на флоскулата „граѓаните ја прочитаа/препознаа, целта, намерата, играта, сценариото …“, медиумот си отвора врата за неказнето навредување, омаловажување, лично дискредитирање, ширење омраза и повикување на линч. Имено, пораката е дека не е медиумот тој што некого нарекува „лицемер“, „платеник“, „соработник со странски служби“…, туку граѓаните го прават тоа. Бидејќи „граѓаните“ се целосно неидентификуван субјект, не може да бидат обвинети, повикани на одговорност, санкционирани. На тој начин медиумот се амнестира од каква било одговорност за говор на омраза, клевети и за навреди.

Доколку во анализите се тргне по обратен редослед, тогаш употребата на флоскулата „граѓаните ја прочитаа/препознаа, целта, намерата, играта, сценариото …“ во медиумите, може да се искористи како своевиден репер, показател за присуството на манипулација и на пропаганда. Имено, секогаш кога ќе се појави оваа флоскула, со огромна сигурност можеме да претпоставиме дека станува збор за манипулација и за пропаганда на медиумот. Прашање е само во чија корист.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Mehdi Ghadyanloo