Проститутката што го сакаше својот мевосек!

22.06.2015 12:16
Проститутката што го сакаше својот мевосек!

Во петок на 26 јуни 2015 во ГЕМ клубот во 20 часот ќе биде промовирана најновата книга на Бранко Тричковски, „Проститутката што го сакаше својот мевосек!“. Книгата содржи околу 70 колумни напишани последниве две и пол години. Во книгата се застапени и четириесетина илустрации („монтажи“) на Свирачиња, така што книгата всушност е авторско дело на Бранко Тричковски и на Свирачиња.
Промотор на книгата ќе биде Љубомир Д. Фрчкоски. Во име на издавачот, Темплум, книгата ќе ја претстави и Никола Гелевски.
Во продолжение пренесуваме делчиња од некои од застапените текстови на Тричковски.


Ова не е маскенбал, ова е државен удар!


Тука не се води битка меѓу власта и опозицијата, меѓу левицата и десницата или меѓу социјалниот и неолибералниот капитализам - туку битка за спас на луѓето.
мај 2015

***

Тоа отсуство на елементарен дигнитет, на ризик во името на општоста, а не само на профитот, или неспособноста профитите да се проектираат низ општите прогреси, тоа културно, па дури и општоживотно егзистирање на ниско ниво, таа способност или бесчувствителност да се поднесува општата катастрофа, тоа не можам да го поднесам, не само како стварност, туку уште повеќе како „политичко престројување“.
мај 2015

***

Ви текнува ли, почитувани читатели, дека тие ги заборавија полицајците што загинаа во Куманово веќе во првото полувреме на натпреварот Баерн- Барцелона?!
мај 2015

***

Се разочарав зашто видов дека во Македонија може да се смени власта, но не може да се смени Македонија. Видов дека Македонија си ја носи својата смрт со себе, дека и кога ќе умре ќе продолжи да се труди да се убие!
април 2015

***

Инциденти може да има, дури и жртви, но вонредна состојба и граѓански судири не; само еднократен влез во барокот со сиот придружен - јас би рекол: ослободителен - вандализам и насилство!
април 2015

***

Бомбите се неприроден начин на водење политика?! Tие се знак дека сите други можности се исцрпени!
април 2015

***

Никој не се занимава со системите преку кои ќе се утврдат насипи кои ќе спречат да ни се повтори оваа библиска поплава од глупости.
април 2015

***

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е една неподносливо кукавичка формација, а сите пратеници се во зоната на кривичната одговорност. Тие знаеле или биле должни да знаат дека се во служба на најодвратното злосторничко здружување во историјата на Македонија.
април 2015

***

Ако е сериозна во идејата да победи СДСМ мора да ја смени перспективата; перспективата е поважна од моќта на бомбите!
март 2015

***

Механизмите на нашата драма се слични со трагедијата на германскиот авион во француските Алпи: и нашиот пилот се има заклучено во кокпитот!
март 2015

***

Ако реши да се преизгради Македонија ќе мора да го воведе „Орденот на Големиот лудак со златна лента“ како свое највисоко одликување!
март 2015

***

Деструктивната мисија на вмро е ужасно деликатна операција бидејќи разорувањето на државата се врши со помош на самата држава и на нејзините ресурси!
февруари 2015

***

Културните последици од осумгодишното владеење на Надвојводата Шарло и на неговата ВМРО се сеопшти и катастрофални.
јануари 2015

***

Кога оние што ви се плашеле ќе почнат да ви се смеат, тоа значи дека времето на вашата власт полека изминува! Не можете да владеете со народ кој ви се смее!
јануари 2015

***

Македонија е организам што на операционата маса на вемерето е произведен во монструм, во чудовиште со мозок инсталиран во газот!
јануари 2015

***

Ако постојано удирате со чекан во едно исто место, вели Пазолини, на крајот можете да ја урнете целата куќа.
јануари 2015

***

Режимот и неговиот лидер не се субјекти од другата страна од нашите позиции; не, тие се на спротивната страна од нашите животи! И никој што е минимално разбран не би требало да комуницира со режимот и со неговиот лидер.
декември 2014

***

Бистрото го бистри матното, ама и самото се заматува. Не можеме да го поправаме или очовечуваме системот на вмро, тој мора да се смени.
декември 2014

***

Јас мислам дека луѓето што не се во состојба да го мразат режимот и неговите најистакнати поединци, со лидерот Груевски на чело, на еден начин не се нормални.
ноември 2014

***

Не е можна политичка акција против ВМРО без културна акција, без културен амбиент и ангажман што ќе ја симне таа самоидентификација од пиедесталот и ќе ја испрати во фекалната канализација на нацијата!
ноември 2014

***

Сите досегашни препораки за почеток на преговорите со Европската унија беа следени со сериозни критики за состојбите во многу области, но со позитивни општи оценки. Сега се прашуваме како е можно движејќи се во добра насока една мала, симпатична земја, да заврши во ќорсокак!?
октомври 2014

***

Скромните остатоци од Македонија даваат основа луѓето да се надеваат дека тука може да се обнови царството на пристојноста, на скромноста, на модерноста, на европскоста!
септември 2014

***

На цели генерации им се уништени по 20 години од животот плус вербата и надежта дека ќе живеат во нормална, модерна, европски интегрирана држава на слободата и правдата!
август 2014

***

Говор на омраза е да го имаш вмро на власт во дваесет и првиот век, а уште погласен говор е да се гордееш што споделуваш една така идиотска историја и политичка мртовина!
јуни 2014

***

Стоката што ја води државава на дневна основа произведува контексти за убиства и насилства.
мај 2014

***

Сигурен сум дека благата и веројатно добронамерна поставеност на Брисел ќе го продолжи и ќе го продлабочи процесот на декапацитирањето и на десубјективизирање на Македонија.
февруари 2014

***

Оној што никогаш не го предал својот народ, кој никогаш не се судрил со својот народ, кој секогаш бил со својот народ, кој говорел во името на народот - за него не давам пет пари.
ноември 2013

***

Дочекавме уште еден извештај за напредокот на земјата што се движи назад!
октомври 2013

***

Југославија не беше комунистичка, дури не беше ниту социјалистичка стварност. Освен тоа што беше волшебна и, веројатно, неповторлива држава, таа беше социјализам во обид. Неуспешен, се разбира. Но, самиот тој обид беше фантастичен.
октомври 2013

***

Јас ја посветив кариерата на тоа да докажам дека најголемата политичка партија - вмро - е непријател на мојот народ!
декември 2014


Слики: Свирачиња
Извор: Бранко Тричковски, Проститутката што го сакаше својот мевосек!; Темплум, јуни 2015.

ОкоБоли главаВицФото