Траумите од холокаустот се пренесуваат на идните генерации?

01.09.2015 10:56
Траумите од Холокаустот се пренесуваат на идните генерации

Генетските промени што произлегуваат од траумата на преживеаните од нацистичките логори се пренесуваат и на нивните деца. Ова е досега најјасен увид дека искуствата од животот на една личност можат да бидат пренесени на следните генерации.

Овој заклучок на истражувачкиот тим од болницата Маунт Синај од Њујорк, предводен од Рејчел Јехуда , произлегува од генетската анализа на 32 лица, мажи и жени Евреи, кои, или биле во нацистичките концентрациони логори и биле сведоци на тортура, или се криеле за време на Втората светска војна.

Исто така, научниците ги анализирале и гените на нивните деца за кои било познато дека постои зголемен ризик од појава на стресни нарушувања и ги споредиле со резултатите од еврејските семејства кои за време на војната живееле надвор од Европа. „Промените во гените на децата можат да се припишат само на траумите од холокаустот што ги преживеале нивните родители“, вели Јехуда.

Оваа студија е најјасен пример за преносот на траумата на децата преку т.н. „епигенетско наследство“, односно таа упатува на идејата дека влијанијата од животната средина, како што се пушењето, исхраната и стресот, можат да влијаат на вашите деца, а можеби дури и на внуците.

Идејата е контроверзна, бидејќи научните гледишта укажуваат на тоа дека гените во нашето ДНК се единствениот пат преку кој биолошките информации се пренесуваат меѓугенерациски. Сепак, нашите гени постојано се модификуваат од влијанијата на надворешната средина, преку хемиски агенси кои се закачуваат на нашата ДНК. Некои неодамнешни студии укажуваат дека некои од овие агенси можат на некој начин да се пренесуваат меѓугенерациски, што значи дека нашата животна средина може да влијае и врз здравјето на нашите деца.

Други студии предложиле поекспериментална врска помеѓу искуството на една генерација и следната. На пример, кај девојки родени од Холанѓанки кои биле бремени за време на големата глад на крајот на Втората светска војна, постоел натпросечно зголемен ризик за развој на шизофренија. Слично на тоа, друга студија покажала дека мажите кои пушеле пред пубертет имале повеќе потешкотии со синовите од оние кои пушеле после пубертет.

Истражувачите биле посебно заинтересирани за одреден дел од генот поврзан со регулација на хормоните за стрес, бидејќи е познато дека врз него влијае траумата. Тие откриле епигенетски знаци и кај луѓето што го преживеале холокаустот и кај нивните потомци. Ваква корелација не била откриена кај контролната група и нивните деца. Со понатамошна генетска анализа истражувачите ја отфрлиле можноста епигенетските промени да бидат последица од траума што ја доживеале самите деца.

Сѐ уште е нејасно како можат овие епигенетски знаци да се пренесат од родител на дете. Генетските информации во спермата и јајце-клетката не би требало да бидат под влијание на еколошките фактори – се смета дека секое епигенетско влијание врз ДНК се брише веднаш по оплодувањето.

Сепак, едно неодамнешно истражување направено од Азим Сурани и неговите колеги од Универзитетот Кембриџ покажува дека некои епигенетски знаци го избегнуваат ова бришење при оплодувањето. Нејасно е дали овие генетски промени откриени во истражувањето трајно ќе влијаат врз здравјето на детето, ниту дали резултатите ќе променат некоја од теориите за еволуцијата.

Влијанието што го има преживувањето на холокаустот врз следните генерации се истражува со години. Предизвикот е да се покаже дека меѓугенерациските ефекти не се пренесуваат само преку општествените влијанија, од родителите или од обичното генетско наследство, вели Маркус Пембри, почесен професор по педијатриска генетика од Универзитетскиот Колеџ Лондон. „Ова истражување на Јехуда прави корисен напредок. Тоа е почеток на сфаќањето како една генерација одговара на искуствата од претходната генерација.“

„Без разлика дали прашањето за гените е вклучено или исклучено, сето ова би можело да има огромно влијание врз нашите сознанија за тоа како функционира хормонот за стрес и како ние се справуваме со стресот“, вели Јехуда. „Тоа секако е можност да научиме многу важни работи за тоа како се прилагодуваме на животната средина и колкава е нашата отпорност на неа.“

Дали може да се наследи сеќавањето на траумата?

Истражувачите веќе покажале дека одредени стравови може да бидат наследени низ генерациите, барем што се однесува до животните.

Научниците од Универзитетот Емори во Атланта, тренирале машки глувци да се плашат од мирисот на цреша, со тоа што мирисот го спојувале со мал електро шок. На крај глувците трепереле од мирисот и кога не бил поврзан со електро шок. Потомците на овие глувци го покажале истиот страв од мирисот на цреша и покрај тоа што претходно воопшто не се сретнале со тој мирис. Истото се случило и со некои од нивните потомци.

Од друга страна, потомците на глувци кои биле условени да се плашат од друг мирис или глувци кои немале таква условеност, не покажале страв од мирисот на цреша.
Исплашените глувци продуцирале сперма која имала помалку епигенетски знаци на генот одговорен за создавање рецептори кои ќе го почувствуват мирисот на цреша. Самите потомци имале зголемен број рецептори за мирисот на цреша во мозокот, иако, како ова ги навело да го поврзат мирисот на цреша со страв, сѐ уште останува мистерија.

Истражувањето е објавено на Biological Psychiatry.

Извор: www.theguardian.com

ОкоБоли главаВицФото