Драмата на Груевски

12.09.2015 10:28
Драмата на Груевски

Сега кога публиката има сосема нова, поинаква претстава за него, Груевски може да глуми колку сака и како сака, ама веќе никого нема да убеди во ништо. Не затоа што е лош глумец-аматер, туку улогата во која се најде, тешко би ја одиграл и некој оскаровец. Тоа се виде и со монодрамата по повод 8 Септември во Македонскиот народен театар во негова режија. Во текстот, најверојатно негов, рече: „Договорот за избор на специјален јавен обвинител треба да се реализира онака како што е договорено и потпишано, без додавање или одземање. Тој обвинител треба да биде автономен и да има доволен број на стручни и технички соработници, истражители и целокупната потребна логистика од човечки ресурси, средства за покривање на трошоците и техничка логистика. Тој не смее да биде на никаков начин попречуван во неговата работа, ниту пак под внатрешни или надворешни влијанија“.

Но, големата драма што се случува во него, го издава. Од гласот, гестовите, погледот, од држењето на сцената се гледа дека ни самиот не верува во овој текст, дури и да е негов. Свесен е дека овие едночинки, скечеви и мали фарси што ги репризира на терен нема да му помогнат. Ако навистина се реализира договорот за специјалниот обвинител, како што „побара“ од МНТ, тоа ќе биде спектакл по кој завесата за него ќе остане засекогаш спуштена.

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Ковачевски