Изложба: „Црвен петел-црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“

03.10.2015 14:27
Изложба: „Црвен петел-црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“

На 3 октомври, во Музејот на Македонија со почеток на 20:30 часот, ќе биде отворена изложбата „Црвен петел-црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања, на која ќе бидат презентирани повеќе видови археолошко и културно наследство кое во себе содржи елементи на телесноста и сексуалноста.

Куратор на изложбата е Јован Шурбановски, а кураторскиот тим е составен од Јасемин Назим, Сања Димовска, Александра Папазовска, Гоце Наумов, Илина Јакимовска, Елизабета Конеска и Владимир Боцев.

 

Опстaнокот на човекот е секогаш непосредно поврзан со природата и нејзината непредвидливост. Во потребата да создаде стабилна егзистенција, тој иницира низа активности кои требало да овозможат безбедно соочување со сушите, недостигот на храна, болестите, смртта итн. Постојаното повторување на таквите симболички активности довело до појава на разни обреди и култови. Обредите претставуваат ритуализирана кореографија на култовите кои, пак, често се концентрирани на обожавање конкретни митски ликови, предци, божества, духови, суштества или тотемизирани животни. Некои од нив се насочени и кон одредени витални функции на човечкото тело. Меѓу нив се и култовите на плодноста коишто имаат за цел да ги идентификуваат регенеративните компоненти на живите организми со начинот на кој функционира природата од која човекот зависи.

Примарно за култовите на плодноста е да ги стимулираат семиотичките механизми кои овозможуваат ефективна реализација на одредени природни појави и тоа преку разни видови на обреди. Во рамките на овие активности, самата плодност не претставува култ, туку средство преку кое симболички се пренесуваат регенеративните обележја врз конкретни климатски феномени, својства на почвата или, пак, врз човечкото тело. Тие, пред сè, имаат за цел да ја иницираат плодноста и да обезбедат стабилна егзистенција на населението/луѓето, добитокот и посевите. Заради својот суштински карактер, овој вид на обреди претставува една од најстарите ритуални форми и се одржал до денес преку различни видови на церемонии, празници, адети и табуа. Токму изложбата „Црвен петел-црна кокошка: култови на плодноста, обреди, обичаи и верувања“ има за цел да направи дијахрониски пресек на овие обреди и да посочи како тие функционираат од предисторијата до денес.

Во рамките на изложбата ќе бидат презентирани повеќе видови на археолошко и етнолошко културно наследство кое во себе содржи елементи на телесноста и сексуалноста. Овие симболички категории ги претставуваат најсуштинските компоненти преку кои најчесто и најинтензивно се манифестирале култовите на плодноста. Покрај предисториските фигурини, античките садови и ламби, кои претставуваат археолошка манифестација на овие култови, во Музејот на Македонија ќе бидат изложени и мноштво предмети кои се дел од карневалите, обредите на премин, свадбите и празниците, карактеристични за Македонците во последните неколку века. Преку изложувањето на маски, обредни реквизити, делови од носии, народна поезија и фотографии ќе се прикаже богатството и варијациите во култовите на плодноста, како и култните места кои до денес претставуваат обредни центри каде што се стимулира плодноста на луѓето, животните и растенијата.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото