Малевич + Мондријан

22.10.2015 13:33
Малевич + Мондријан

Руските симболисти имале романтична претстава за светот, верувале во терапевтското дејствување на уметноста, во ослободувачкиот, катарзички ефект на уметноста. Во Русија на крајот на XIX и почетокот на XX век доминирал симболизмот во поезијата, филозофијата и во ликовната уметност. За поетите и филозофи симболисти, како на пример Андреј Бели и Александар Блок, уметноста е божествена творба, а уметникот божествено битие. Од друга страна, пак, тие, главно, биле натуралисти и немале многу слух за авангардата!

Но, кубо-футуристите, како музичарот и сликар Матјушин, поетите Кручоних, Хлебников, Елена Гуро, неовиталистот Филонов, се нивен контрапункт. Токму во тој кубо-футористичко-панпсихистички кружок бил и сликарот Малевич!

Во тоа време амбиентот во Москва и Петроград во голема мера бил натопен со духовност и езотерија. Разни мистични, окултни и духовни влијанија, како теозофијата, нео-платонизмот, таротот, рускиот ортодоксен мистицизам, кабалата, учењето на Гурџиев, антропозофијата, јогата и доктрината на Ведантата, панпсихизмот и неовитализмот се испреплетувале тука. Ликовните уметници не биле толку директно под влијание на некои мистични друштва и секти, колку индиректно, инволвирани во мистично-духовната култура на интелектуалните кругови. Тој амбиент ја поттикнувал уметноста.

Пред и по Октомвриската револуција, руските уметници со вистинска верба во Новиот свет биле во служба на широката едукација и распространување „оптимистичко чувство“. Уметноста се поврзувала со секојдневниот живот (Гончарова и Ларионов) и била широко социјално и општокорисно дејствување низ дизајн проектите на Малевич и Татлин.1„Уметниците на руската авангарда во дело засноваа високи морални и етички принципи. Затоа религиозноста и хуманоста ќе биде оној заеднички содржател на руската авангарда, многу повеќе од конструктивизмот“2.

Но, да се оствари едно такво идеално општество, како што се замислувало да биде комунистичкото, само со менување на општественото уредување и општествените односи, без доволно развиени производни сили, како и без внатрешна, квалитативна промена на свеста на секој поединец е невозможно! Без квалитативна промена на свеста не може да се реализира слобода, оттаму и рамноправност, еднаквост меѓу луѓето. Затоа комунизмот се претвори во монструозна идеологија-демагогија која уништи ( и сè уште уништува) милиони животи. За да се достигне посовршено општество, слобода и социјална правда неопходна е, пред сè, духовна преобразба, значи, внатрешно ослободување на поединецот!

Но, како и да е, идеалот на руската авангарда е чист!

Родченко, Татлин, Љубов Попова, Розанова, Гончарова, Ларионов, Иван Кљун, Ел Лисицки, Габо, Чашник и други уметници, како и Малевич, имаат свој оригинален творечки пат и автентичен придонес кон целината наречена руска авангарда.

Во 1914-1915 година веќе созреало делото на Малевич, како резултат на повеќегодишно истражување на разни сликарски правци и нивно синтетизирање. Според Малевич апстракцијата „Црниот квадрат“ била родена уште во 1913 година како дел од сценографијата за претставата „Победа над Сонцето“ (Музика на Матјушин, либрето на поетот Кручоних и пролог на Хлебников). Потоа сликата „Црн квадрат", во техника масло на платно, била насликана во 1915 година, како резултат на продлабочено мистично искуство. Тоа е моментот на пресвртница за него.

Духовно-мистичното искуство се изедначува со апстракција, беспредметност. Во супрематистичките слики тоа е многу прочистено, поедноставено до Чиста Идеја - Чиста Реалност- Четврта Димензија.

Минималното како едно чувство, мисла, возбуда, радост, нешто што не може да се декомпонира, бидејќи е Едно, Единечно, Тоа и Такво поедноставување на себеси до Бела Светлина е Враќање во Нулта Точка - Сè и Ништо. Таа Нулта Точка, Гола Реалност и Примарна Енергија, е момент на влегување во Гноза, себеспознание. И за тоа е потребен огромен напор, да се поедноставиме себеси, да се прочистиме себеси до минимални, елементарни, примарни , „атоми" - состојби на свеста...

Возбудата е „нешто чисто, несвесно, без ознака на бројка, време и простор.“ Потоа, од втор степен е мислата која ѝ дава форма на возбудата.

Делото на Малевич не само што е зачеток на минималното, геометриската апстракција и концептуалата, туку и на Гнозата во ликовната уметност.

Во истите тие години 1914-1915, Пит Мондријан се ослободува од предметот, следејќи ја нитката на кубистите, но, и под влијание на мистичната традиција на теозофите, па апстракцијата веќе на голема врата влегува во неговото сликарство. Така сме сведоци на многу слични појави и кај Малевич и кај Мондријан и на раѓање на геометриска апстракција во исто време на две различни места.

Според Мондријан, модерниот човек го опсервира животот на еден нов, духовен начин, различен од своите претходници. Во уметноста, новата перцепција оди паралелно со чувството за убаво, кое добива централно значење. А, бидејќи, тоа чувство за убаво, е космичко, универзално доживување, исто така ги трансцендира ситe индивидуални сензации кои можат да го пореметат како Идеал. Како резултат на тоа, секоја форма која има за цел идеална иднина треба неопходно да биде сфатена и видена како антииндивидуалана, односно универзална, според него. Она што се „позајмува“ од природата, што е карактеристика на традиционалната уметност, е анти-универзално, според Мондријан, бидејќи сите форми на природата се обележани од индивидуалното. Со цел да се постигне Потполна Универзалност, Новата Пластика неопходно треба да биде апстрактна. *³ (потполно изземање на органските елементи). На крајот на краиштата, чистата уметност, вели Мондријан, е израз на чистиот дух. Уметноста, која има цел - чиста убавина, мора да користи чисти форми... (кои, според мене, не мора да бидат само строго геометриски!)

Космичка хармонија и убавина, ослободување од индивидуалното и прегрнување на универзалното е придонес на Мондријан и De Stijl. Новата пластика на De Stijl е помалку или повеќе рационално сликарство, но со база во интуитивно-спознаен космички ред и законитост. Она што кај Малевич е гностичко искуство, веќе како Закон се прифаќа (на принцип на синхроницитет?) кај Мондријан и се распространува како стил на живеење преку движењето „De Stijl“ (1917-1931 година).

Синтезата Малевич+Мондријан (De Stijl) е клуч за живеење во хармонија со себеси и со целата креацијата!

Дали ова ни звучи како утопија? Дали Синиот Јавач, кој треба да го убие змејот (на незнаењето), исто така ни звучи како фантастична приказна? Мене сето тоа не ми звучи така, ниту како утопија!

Ако сè уште не сме ја откриле сребрената жила која води до Новиот поглед кон светот, тогаш разлачувањето или вивека е следната особина - квалитет кој треба добро да го развиеме во себе. Разлачување или вивека е длабоко рационално+интуитивно гледање на нештата. Големиот бран на вивека веќе ја има преплавено Америка и Европа уште во 1893-1897 година, а по втор пат 1899-1900 година, кога Свами Вивекананда го направи првиот пробив на филозофијата на древните Веди - Адваита од Исток на Запад. Пред него и теозофите ја проповедаа мудроста на Упанишадите, но прв вистински пробив, на Истокот кон Западот, сметам дека се случува со него, тој е пионерот. (Веќе во 1906 година неговиот говор за единството на сите религии, одржан на Парламентот на Религиите во Чикаго, бил прведен и на руски, потоа биле преведени и други негови дела ).

Реалноста треба многу рационално да се разлачува, а духовноста се постигнува на постепен, научен начин, ослободен од секакво суеверие, вели Вивекананда.

Дали и ова звучи утопистички? Дали сме способни да го постигнеме ова разлачување ? Развивање на таа способност е есенцијално во овој момент! Бидејќи кога ќе ја развиеме таа способност, без проблем „ќе ја видиме“ космичката хармонија и убавина на „Малевич + Мондријан“, токму тука, среде оваа наша реалност.

Дали можеме да го разлачиме стариот од новиот образец, кои паралелно егзистираат сега, тука?

Дали можеме да се доведеме себеси до
Состојба на збиенозгуснато Овдесега...
... и ПотполнМирИстовремено...
и да развиеме способност на разлачување?

___________________________________________

[1] Парафразирано од есејот Esoteric culture and Russian society, John E. Bowl., Од каталогот за изложбата The Spiritual in Art : Apstract Painting 1890-1985, стр. 168-169.
[2] Од истиот есеј, стр.168-169
[3]  Парафразирано од Warnаcke, C. The Ideal as Art- De Stijl, p.60

Слики:

-Казимир Малевич, Супрематистичка композиција, 1916
-Каземир Малевич, Девојка со чешел во косата, 1933
-Изложба „Малевич и Руска авангарда“ во Стеделик музеум, Амстердам 2013/14
-Пит Мондријан, Композиција бр.6, 1914
-Мебел посветен на Мондријан, дизајнирано од Широ Курамата во 1975 г., изработено во 2009 г.
-Пит Мондријан, Бродвеј буги-вуги, 1942/43

ОкоБоли главаВицФото