Џордано на клада, ВМРО во притвор!

19.11.2015 13:03
Џордано на клада, ВМРО во притвор!

Птолемеј Клавдис, астроном што живеел во вториот век од нашата ера, бил убеден дека Земјата е во центарот на вселената и дека Сонцето, Месечината и другите планети се вртат околу неа. Овој систем на објаснување на основните астрономски феномени се нарекува геоцентричен систем и доминирал како единствен дозволен астрономски систем повеќе од 1600 години, додека не бил заменет со Коперниковиот хелиоцентричен систем, во кој земјата и планетите орбитираат околу сонцето. Кога четиринаесет века подоцна Коперник ги напишал своите теории за кружното движење на небеските тела, ракописот го скрил во тајно скривалиште во ѕид од својата куќа и не го покажал никому.

Црквата во тоа време не дозволувала да се доведуваат во прашање нејзините догми и била сурова кон секој што мислел поинаку, па кога еден негов следбеник ги прочитал Коперниковите револуционерни списи, и практично без знаење на авторот ги испечатил, се говори дека кога го видел своето име отпечатено на насловната страница од неговите De revolutionibus, кутриот Коперник се уплашил толку темелно, што добил инфаркт и починал на лице место. Половина век подоцна, кога Џордано Бруно бил подложен на испитување од страна на Инквизицијата, во текот на осумте години мачење тој ги признал сите овоземни гревови за коишто бил обвинет, како што се хедонизмот и блудничењето, но одбил да ги смени, всушност одбил да изјави дека ги менува своите убедувања за астрономијата – неговиот бесконечен универзум што не може да има центар. Поради оваа непопустливост, тој бил жив запален на Цветниот плоштад во Рим. Делото на Коперник, Бруно и подоцна Галилео Галилеј, кој 15 години подоцна бил осуден на доживотен затвор поради своите научни откритија за вселенските тела, денес е наречено коперниканска револуција, зашто претставува искра за една вистинска револуција на мислата, разумот, науката и еманципацијата на човекот од црковната догма, предвесник на Просветителството и раѓањето на Новиот век.

Оваа историска материја е веројатно сè уште задолжителна во гимназиите, но вистинското значење на овие индивидуални херојства и грандиозни напредоци на човештвото, како веќе никому да не му значат ништо. Имено, со коперниканската револуција човештвото научи да не им верува слепо ниту на црковните догми, значи, на ирационални центри на моќта, а ниту на сопствените очи: зашто, да се разбереме, Птолемеевиот систем е тој што е очигледен од аспект на секојдневните лаички искуства, а не Коперниковиот. Онака како што го перципираме и доживуваме без какво и да е знаење, се чини дека сонцето е тоа што се движи и врти околу хоризонтот, од изгрев до заоѓање. Значи, со оваа револуција на разумот, човештвото престана да им верува на папските були и едикти и ѝ поверува на рационалната мисла, на природниот позитивизам, објективните факти и закони што владеат со материјата во целиот универзум, како и на научните и логичните методи за осознавање на вистинските факти за стварноста. За жал, ова ослободување на човекот не се случило наеднаш, еднакво насекаде, и не засекогаш, зашто сведочиме ужасен регрес во човечката мисла насекаде во светот, и нејзино неверојатно враќање во средниот век, заглупување на милиони млади и „образовани“ луѓе, како и на кретенизација на цели општества.

Библиската Македоња е еден од најтажните примери за држава што не само што назадувала во економијата, културата, политиката, социјалните односи, екологијата и практично сите аспекти на едно општество, туку можеме да заклучиме со сигурност дека оваа несреќна земја веќе нема општествени механизми и институции со помош на кои е способна да ја спознае сопствената стварност. Македоња е повторно во времето кога за спознавање на стварноста се чекало црковно објаснение – од далечниот Рим, од Константинопол, од папските були, едикти, повелби или султански фермани, со еден збор - од „горе“. Очигледно е дека деветте години владеење на Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ ги поништија не само нашите граѓански права и слободи, како и нашите демократски и културни институции, туку буквално нè декапацитираа како општество да просудуваме за сопствената реалност, за фактите на денот, за нашите судбини. Денес, целото општество ги дочекува извештаите со кои се опишува нашата сопствена реалност како да се папски були, а доаѓаат од далечниот Вашингтон или од нешто поблискиот Брисел. И, тука не е спорно дали извештаите за „напредокот“ на Македоња се вистинити (каков одвратен оксиморон – „Извештај за напредокот“ на земја што назадува, оксиморон што раѓа други оксиморони, на пример „негативен напредок“), туку затоа што нашата реалност – очебијна и болна – е сто пати повистинита од каков и да е извештај! Самото чекање на странските извештаи за да се „верификува“ грдата македонска општествено-политичка стварност е вистинската мерка на нашето цивилизациско назадување и самопоништување.

Факт е дека нашата стварност е создадена во минатото, и дека неа ја чинат делата што реално се сторени, а не пропагандистички интерпретации и предизборни ветувања. Тие сторени дела и настани што навистина се случиле се ткаењето на нашата реалност, тоа се дела што не можат да се коригираат ретроактивно, туку се единствена „солидна“ стварност што може само да се оценува, да се надградува и коригира, и за чиишто последици мораат да се сносат консеквенции. Значи, работите што се случиле – како што вели Шекспир – не можат да се „отслучат“ (what is done, can not be undone), па никој да не се занесува за тоа дали за злосторствата што ВМРО ги изврши злоупотребувајќи ја власта, може да се гласа, односно дали тие злостори можат да се поништат во зависност од тоа дали нивните извршители ќе имаат мнозинство гласови на некои следни избори. Не, не и не. Духот и суштината на пржинскиот договор не е во тоа да се чекаат резултатите од изборите за да се види дали ВМРО ги изврши злосторствата и криминалите во политичкиот систем, економијата и културата, туку обратно, да се излезе на избори без хипотеката на криминалната политичка елита на Груевски и ДПМНЕ. А, како тоа ќе се случи? Ако, и само ако, злосторствата и злосторниците бидат правно и морално квалификувани, потоа судски гонети, и на крај, одлучно и бескомпромисно осудени, а извршителите отстранети од јавните работи. Конечно, како и сите злосторници и криминалци, ВМРО мора да заврши во притвор, со сите свои ешалони на криминални функционери, разбојници и џепчии, што го извршија најголемиот злостор против Македонија – окупирањето, партизирањето и лажирањето на институциите на државата. А, дури потоа можеме да зборуваме за демократски избори во коишто ќе победат чесни и правични политички сили што ќе ја обноват македонската државност и култура, правдата и правичноста. За да не биде залудно горењето на Џордано Бруно и на сите по него што загинаа за својата вистина.

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото